… И покрај неподносливата нечистотија, црви, стаорци, инфективни болести, недостигот на вода и други ужаси што не може да се опишат, таму се случи нешто необично…
Станислава Лешчинска е бабица од Полска која 2 години, до 26 јануари 1945 година, била во концентрациониот логор „Аушвиц“. Таа дури во 1965 година напишала извештај за искуството таму:
„Од триесет и пет години работа како бабица, две поминав како заробеник во женскиот логор Аушвиц-Биркенау, каде што продолжив да ја извршувам својата професионална должност. Меѓу многубројните жени што се пренесуваа имаше и многу бремени.
Работата на бабица ја вршев наизменично во три бараки, кои беа изградени од штици со многу дупки изгризени од стаорци. Во внатрешноста на бараките на двете страни беа поставени креветите на три ката. На секој од нив лежеа три до четири жени – на валкани душеци од слама. Беше тешко затоа што сламата одамна се имаше претворено во прав, а болните жени лежеа речиси на голи плочи, згора на тоа тие не беа мазни, туку со јазли и така им ги повредуваа телото и коските.
Во средина на бараките се наоѓаше печката изградена од тули со ложиште на крајот. Тоа беше единствено место за прифаќање на новите мајки затоа што друг објект за оваа намена немаше. Печката ја палеа само неколку пати годишно. Затоа беше студено и мачно, особено во зимскиот период кога од покривот висеа долги мразулци. За неопходната вода за мајките и децата морав да се грижам сама, за да донесам една кофа вода беа потребни најмалку 20 минути.
Во овие услови судбината на бремените жени беше жална, а улогата на бабица необично тешка: немаше никакви стерилни средства или медицински материјал. На почетокот си разграничив сама со себе, во случај на компликации што бараат интервенција од лекар специјалист, морам да дејствувам сама. Германските логорски лекари: Роде, Кониг и Менгеле не можеа да ја „валкаат“ својата лекарска практика со помагање на претставници од други националности и затоа немав право да побарам помош од лекар. Подоцна, неколку пати ги користев услугите на лекарката Ирена Конечне, која работеше во блиското одделение. Кога бев болна од тифус, голема помош ми даде лекарката Ирена Бјалувна, која се грижеше за мене и за моите пациенти.
Работата на вистинските лекари во Аушвиц нема да ја споменам затоа што она што го видов ја надминува мојата способност со зборови да ја изразам големината на професијата лекар и херојски исполнетиот долг. Подвизите на лекарите и нивната пожртвуваност се врежани во срцата на оние што никогаш повеќе не можат да зборуваат за тоа, затоа што умреле од маченичка смрт во заробеништво. Лекарите во Аушвиц се бореа за животот на осудениците на смрт, жртвувајќи го сопствениот. Имаа на располагање само неколку кутии аспирин и огромно срце. Таму лекарите не работеа за слава, чест и професионални амбиции. За нив постоеше должноста на лекарот – да спасува животи во секакви ситуации.
Бројот на породувања што ги направив е поголем од 3.000. И покрај неподносливата нечистотија, црви, стаорци, инфективни болести, недостиг на вода и други ужаси што не може да се опишат, таму се случи нешто необично:
Еден есесовски лекар (припадник на Германска воена фашистичка организација) ми нареди на направам извештај за инфекциите за време на породувањето и смртните случаи на мајки и деца. Му одговорив дека не сум имала ниту еден смртен случај ни кај мајките ни кај бебињата. Лекарот ме погледна со неверување. Ми рече дека дури и развиената германска Универзитетска клиника не може да се пофали со таков успех. Во неговите очи прочитав гнев и љубомора.
Секоја жена што се подготвуваше за породување мораше долго време да откаже од оброците со леб за да може да добие чаршаф. Тој чаршаф го сечеше на парчиња кои подоцна служеа како пелени за бебето. Перењето на пелените предизвикуваше многу тешкотии, особено поради строгите забрани за напуштање на бараките и ограничувањата што да се прави во нив. Испраните пелени мајките ги сушеа на своето тело.
До мај 1943 година сите деца родени во логорот брутално беа погубени: удавени во буре. Тоа го извршуваа медицинските сестри Клара и Фани. Првата беше бабица и дојде во логорот поради чедоморство. Затоа ѝ беше скратено правото да работи на професијата и ѝ беше наредено да го работи тоа за што е попогодна. Нејзе исто така ѝ беше доверена должноста за управник на бараките. За помошничка беше назначена германската проститутка Фани…
… Досега немав можност да им го предадам мојот извештај од Аушвиц на здравствените служби. Го предавам сега во име на оние што не можат ништо да му кажат на светот за злото што им е нанесено во името на мајките и децата. Ако во мојата татковина, и покрај жалното искуство од војната, се јави тенденција насочена против животот, се надевам дека гласот на сите акушери, вистински мајки и татковци и чесни граѓани ќе биде кренат за заштита на животот и правата на децата.
Во концентрациониот логор сите деца, наспроти очекувањата, се раѓаа живи, убави и ухранети. Природата против омразата се бореше за своите права упорно изнаоѓајќи непознати резерви за живот. Природата е учител на акушерите. Акушерот заедно со природата се бори за живот и за најубавата работа на светот – насмевката на децата“.
912