Истражувањето започнато во 70-тите години на минатиот век сè уште трае и дава значаен увид во развојот на надарените деца. Еве што откриле експертите.
Уште во 60-тите години психологот Џулијан Стенли пронашол начин како преку тестови да ги идентификува надарените деца. Во 70-тите, заедно со својот тим, започнал опсежно истражување за идентификување на надарените деца и нивно следење во текот на животот.
Истражувањето, наречено „Истражување за математичка претерана зрелост“, сè уште не е завршено и трае повеќе од 50 години.
Стенли следел многу деца од средните училишта во текот на нивните кариери, а некои од нив станале политичари, научници, извршни директори, инженери и војници во САД. По неговата смрт, психологот Дејвид Лубински ја презел истражувачката работа. која продолжува да се спроведува на Универзитетот „Вандербилт“. Секако, многу работи се промениле во овие децении, но истражувањето продолжува.
Ова истражување им дало значителен увид во раната зрелост и напредност на децата. Еве некои од откритијата што ги изненадиле научниците:
Дел од она што го мислевме за надарените деца се покажало како погрешно
Често се смета дека децата кои рано созреваат, рано и „венеат“, односно ги губат тие способности. Ова се објаснува со претпоставка дека не е добро премногу да поттикнувате дете да ги развива своите таленти, бидејќи тоа може да му наштети во иднина. Но, ова се чини дека не е точно, утврдил Лубински.

Постојат и многу други заблуди за надарените деца. Една од нив е дека надарените деца се толку интелигентни што ќе најдат начин да успеат и да се истакнат, дури и ако нивната околина не ги негува и развива. Но, Лубински тврди дека тоа не е вистина.
– Тие се деца. Им треба водство. Сите ние имаме потреба од водство – истакнал тој.
Интелигенција не е исто што и страст
Често мислиме дека надарените деца стануваат научници, лекари или нешто слично, односно дека ќе завршат во професии кои бараат посебен труд и учење. Но, тоа не се професиите кои најчесто ги избираат надарените деца, како што покажало ова истражување.
– Надарените луѓе многу варираат во своите страсти – вели Лубински.
Многумина од учесниците во истражувањето завршиле медицина, но многумина избрале економија или инженерство. Голем број од нив биле изразено надарени во логичко или вербално размислување, што ги направило одлични адвокати и писатели.
– Постојат различни начини да се изрази интелектуалниот талент – објаснил Лубински, истакнувајќи дека за надареното дете е важно оној што го води, да знае што му е интересно, а не да го оптоварува со области кои традиционално се сметаат за „интелигентни“.
Трудот дефинитивно останува важен
Иако е важно да се земе предвид кон што се наклонети учениците, како и нивните природни способности, тоа е само еден дел од она што ги определува нивните успеси во животот.
Резултатите кои покажуваат колку е некој природно вешт се важни, но не даваат целосен преглед на тоа колку труд треба да вложи таа личност за да се истакне во својата област. Клучен е трудот.
– Ако ги погледнете исклучителните луѓе во политиката, науката, музиката и литературата, тие вложуваат многу труд – истакнал Лубински.
Без разлика дали е натпросечно интелигентно, секое дете заслужува да се третира како надарено
Иако истражувањето се фокусирало на деца со високи интелектуални способности, Лубински напоменува дека многу од откритијата треба да се применат на сите ученици. На пример, деца во истражувањето кои имале можност да посетуваат предизвикувачки курсеви, усогласени со нивните вештини и интереси, постигнале подобри резултати од учениците што не ја имале таа шанса.
– Морате да знаете во која фаза е развојот на вашето дете, колку брзо учи, кои се неговите силни и слаби страни и според тоа да го приспособите наставниот план. Тоа е она што треба да го сакате за сите деца – изјавил Лубински.
912