Најголем дел од родителите сметаат дека таа треба да биде подобра во споредба со минатата учебна година
Онлајн-наставата останува единствена опција за родителите што се одлучиле нивните деца да не посетуваат училиште. Што очекуваат од вака организираната настава? Одговор на ова прашање добивме од 1.875 родители на деца до 3. одделение, во онлајн-анкетата на Факултети.мк и Деца.мк. Најголем дел од нив сметаат дека таа треба да се подобри во споредба со минатата учебна година.
Дел од родителите со кои разговаравме велат дека е многу значајно децата што ќе учат од дома да имаат комуникација со наставниот кадар, а не само да добиваат задачи преку е-пошта.
Планирано е учениците од 1. до 3. одделение да може да одат во школо, а останатите новата учебна година ќе ја почнат онлајн. Исклучок ќе имаат општините-основачи на училиштата каде што има добра епидемиолошка состојба. Периодов родителите пополнуваат анкетни листови кои им се доставени од наставниците и на кои треба да се изјаснат на кој начин нивното дете годинава, во услови на пандемија, ќе ја следи наставата.
Би ги пуштиле ли децата до 3. одделение на училиште? Резултати од над 3.000 анкетирани
Одговори на родители на деца до 3. одделение
На прашањето „Доколку не дозволите вашето дете да следи настава во училиште, како очекувате да се одвива наставата на далечина?“, одговориле 1.875 родители, а најголем дел од нив не прецизирале други опции освен онлајн-настава за која, сепак, сметаат дека треба да биде подобра од минатата година, или да биде со поголема интерактивност меѓу учениците и наставниците и со зголемена динамика на одржување на часовите.
– Онлајн-часови со можност презентираниот материјал од наставниците од изминатите часови да биде достапен и другите денови, да биде снимен – вели родител на втораче.
Најмногу на ова прашање се изјасниле родителите на третоодделенците, кои веќе имаат искуство од претходната година и кои имаат очекувања да се подобри онлајн-платформата за учење.
– Според мене, најдобар начин е со директна онлајн-врска помеѓу децата и наставничката.
Работниот ден трае осум часа и повеќето ученици имаат две наставнички. Може да се поделат децата во помали групи од пет до шест ученици и дневно да имаат настава до три или четири часа со паузи во одреден временски период. Моделот кога детето ќе ја гледа наставничката како му објаснува остава поголем впечаток од кој било друг начин на учење. На тој начин децата се поодговорни, совесни, внимателни. Кога ќе дојде период на проверка на знаењето, тоа да се спроведе во училница за да ја сфатат децата сериозноста на учењето. Целта да не биде да добијат одредена непријатност дека мора да одат во училиште бидејки ќе ги испрашува наставничката, туку да им се објасни дека еден период наставничката ќе предава, а еден период сите заедно ќе раскажат што научиле и дека тоа е можност да се видат – предлага родител на третоодделенец.
– Со секојдневно вклучување на наставниците и со редовен тек на часовите – вели родител на прваче од Скопје.
Мајка на третоодделенец од Пробиштип, пак, вели дека како родител е должна да му обезбеди услови и колку е можно повеќе да се долови наставата како со физичко присуство на наставникот.
И наставничката да држи предавање или онлајн, или тоа да биде снимено со видео – потенцира таа.
Родител на втораче од Тетово вели дека треба да се креира еден систем со кој сите деца ќе бидат вклучени, како што е тоа пример во останатите држави.
Се нудат за помош
Многу од родителите се нудат да се вклучат за помош и посочуваат дека ќе им бидат поддршка на децата целиот период.
Дел од родителите со кои разговаравме велат дека е многу значајно децата што ќе учат од дома да имаат комуникација со наставниот кадар, а не само да добиваат задачи преку е-пошта. Така не само што ќе учат полесно, туку наставниците ќе може да следат и како и дали напредуваат. Ова е важно и за оние што одат во предметна настава зашто имаат многу наставници.
912