Никој не сака инспекторски стил на воспитување

Децата секогаш нѐ слушаат, дури и кога се прават дека не обрнуваат внимание на тоа што го зборуваме, вели психотерапевтот Маја Павлов од Србија, која во својата практика често се сретнува со родители на бунтовни тинејџери кои за нив имаат само една порака: „Не досадувајте ми“. Таа вели дека овој израз жаргонски значи: „Не мешај ми се во работите… знам и можам да се погрижам за себе“.

– Тоа е порака која младата личност ја праќа како знак дека ги преоѓате нејзините граници – објаснува Павлов на почетокот на приказната која би требало да им користи на родителите чии деца секојдневно и недвосмислено им порачуваат дека им досадуваат.

Право на самостојност

Зборот „досадување“ е метафора за состојбата во која се наоѓаат младите, додава Павлов и вели дека има повеќе значења.
– Често значи „остави ме на мир, сам можам да се погрижам за себе“. Совет за родителите е да избегнуваат хеликоптер-функција на постојано надгледување, следење, сомнежи, инспекторски стил на родителство, бидејќи така само праќаат порака за сомнеж во способноста на детето кое дава отпор кога ќе го почувствува тоа.

Маја Павлов ги потсетува родителите дека треба да имаат на ум дека времето се променило и дека многу работи им се појасни на младите денес отколку што им биле ним кога биле во „лудите“ години.

– Тие исти млади често се празни, осамени или многу напнати и вознемирени. Недостигот на препознавање на сопствената цел е особено засилен од дисфункционалноста на семејството. Родителите се прилично отсутни, а и кога се тука, не умеат да се поврзат, прво сами со себе, а потоа и со децата.

Родители без кондиција

Брзиот живот донесе и отуѓеност која е сѐ поизразена и во семејството. Луѓето имаат сѐ помалку време за себе и за другите, но и трпение, кое е многу важно да го поседуваме кога станува збор за адолесцентите на кои „им досадуваме“.

– Некогаш ги смирувавме родителите со тоа што повторувавме дека квалитетот на времето поминато со децата е поважен од должината на тоа време. Но сега и таа должина е под сериозен знак прашалник, поточно, интервалите на заедништво не дозволуваат на хуман начин да се опуштиме, адаптираме и да се поврземе. Принудени сме брзо да мислиме и да планираме, а притоа да го кажеме вистинскиот збор во вистинско време, за што родителите немаат кондиција.

Од друга страна, токму таквите реакции на родителите умеат да го катапултираат несигурниот тинејџер далеку во орбитата од која понекогаш не знае да се врати.

– Затоа на родителите им се потребни трпение и разбирање, а не реагирање на сѐ што ќе чујат. Ве молам, без паника, бидејќи секоја изјава на тинејџерот не е валидна. Понекогаш тие само ги тестираат во стилот „дали можам да ти пристапам или не…?!“ И на училиште исто така го тестираат професорот или наставникот, колку слуша, како ги поставува правилата, границите и дали ги забележува, а пред сѐ, дали ги почитува – објаснува Павлов и предлага родителите да покажат почит кон детето.

– За да добиете почит од детето, потребно е од вас да го види тој модел. Како вие почитувате, што правите кога ви е погазена честа, колку зборувате, а кога се повлекувате? Кинезите велат: „Треба да се знае кога да се запре, да се знае кога е доволно кажано“. Таа мерка е нешто што го отвора и го затвора каналот на комуникација со младите, кој е добро да се држи отворен за да може да им пријдете и да се искажете. Можеби треба да се раскаже нешто и да се сподели, а по повеќе такви моменти се создава атмосфера во која младата личност може да се почувствува сигурна. Тоа станува место каде што почнува процесот на растење и созревање.

Советот на Павлов за родителите е да бидат во контакт со себе, концизни во своите инструкции, да ги одбираат тонот и стилот на комуникација.

– Ние секогаш сами сме одговорни за тоа како се чувствуваме. Кога родителот ќе му се обрати на детето со зборовите: „Гледај што ми правиш“, тоа е порака на препишување вина. Детето тоа го доживува како да не е во ред. Афирмативно би звучело кога на детето би му рекле: „Многу ќе ми значи ако го направиш тоа“. Потребно е да сте инволвирани во животот на децата и да оставите отворен канал за комуникација за кога ќе биде расположено, да ви раскаже сѐ. И во родителството е потребно трпение, а детето треба да почувствува безусловна љубов, па од таа платформа да му се испраќаат условените пораки од типот „би ми значело ако го направиш тоа…“

Автор: Б. Гаиќ



912

X