Сечиј живот е пронижан со предизвици и кризни ситуации и невозможно е тие да се избегнат. Притоа, сигурно лесно можете да се сетите барем на една личност што е самоуверена при соочување со проблемите, која ужива во решавање предизвикувачки ситуации и секогаш гледа нешто добро во сите тешкотии, но личноста што се чувствува беспомошно верува дека ништо не може да направи за да ја поправи ситуацијата и е под голем стрес.

Првата личност од кризата најчесто ќе излезе недопрена и подготвена за справување со нови предизвици, додека другата ќе се поколеба поради појавата на тешкотијата и тоа ќе ја направи уште понесигурна, па потешко ќе се справува со нови кризи. Да го поврземе тоа со приказната за трите прасиња, првото ја изградило куќата од цигли, второто од слама, а третото од дрво. Како што разликата во наведените материјали е во физичката цврстина, која влијае врз нивната можност да поднесат различни притисоци, така и разликата на тие двете личности опишани погоре лежи во нивната психолошка цврстина, која има иста функција кај луѓето.

Уште од 70-тите години психологот Сузан Кобаса го опишала поимот на психолошката цврстина – карактеристика на луѓето која, ако е повеќе развиена, придонесува за поголема отпорност на лицето во кризни ситуации, ги намалува негативните последици од стресот врз физичкото и менталното здравје, па е поврзана со остварување подобри резултати. Три фактори ја сочинуваат психолошката цврстина:

1. Предаденост – свесност за сопствените вредности и цели, како и нивно користење како компас при донесување важни одлуки.

2. Свест за сопствената можност за влијание – успешно разликување на она што личноста го може, а на што не може да влијае, па преземање активности со кои може да изврши влијание, наместо фокусирање на сето она што е надвор од нејзина контрола.

3. Доживување на ситуацијата како можност и предизвик – перцепција на предизвикувачките ситуации како можности за развој, а не закани. Со други зборови, свеста за тоа зошто лицето го прави она што го прави, доживување на неочекуваните ситуации на позитивен, а не загрозувачки начин и верба дека со секоја од нив може да се избори, ѝ даваат енергија и мотивација за успешно справување со кризата.

Како да изградите сопствена куќа од цигли?

Добра вест е што психолошката цврстина не е нешто што го имате или немате, со што се раѓате или не, туку можете да ја изградите за успешно да се носите со сите тешкотии, па така и со оваа криза со Ковид-19 што го погоди целиот свет. Соочени со кризна ситуација, поставете си ги следните прашања:

Како може да направам оваа ситуација да има цел за мене и мојата околина? Што сакам да постигнам во неа и зошто? Целта на оваа Ковид-19 криза може да биде да научиме да ги цениме односите со другите и времето што го поминуваме заедно. Затоа сакаме почесто и поквалитетно да комуницираме со своите блиски, за да им покажеме дека ни значат. Или е можност своето работење да го поставиме на уште поцврсти нозе со долгорочни цели, развивајќи нови модели на работа.

Таквото чувство на цел ни дава енергија да бидеме истрајни бидејќи препознаваме дека новите околности се можност да излеземе од своите зони на комфор и да вложиме енергија во нешто што досега не било потребно или сме го занемариле.

фото: YouTube/ screenshoot

Што сè можам да направам, а да е под мое влијание, што ќе ме доведе поблиску до мојата цел? Можеби не можеме да се видиме во живо со нашите блиски, но може да одржуваме редовен контакт преку дигитален пат (телефонски, онлајн-апликации и сл.). Можеби како организација немаме време темелно да се подготвиме за лансирање нови производи и услуги, но затоа учиме брзо да реагираме, да се приспособиме и квалитетно да работиме како тим, со што стануваме поагилни, што е еден од клучните фактори за успех во современото работење.

Работата на околностите што се под наше влијание и прифаќање на оние што не можеме да ги промениме ни даваат мир и сила потребна за соочување со предизвиците. Иако е предизвикувачка – што е во оваа ситуација добро? Што од неа може да добиеме? На пример, имаме повеќе време за себе – за опуштање, читање книги, учење и усовршување – или пак за други – за давање помош, за пружање грижа и продлабочување на односите. Или, ова е можност за нас како тим да развиеме нови вештини, дополнително да се поврземе и да создадеме уште посилна кохезија.

Фокусот на позитивните аспекти на предизвикувачката ситуација, наместо на негативните, нè освестува и ни покажува дека „не е сè така сиво“ и ја зголемува нашата мотивација за соочување со неа.

Автор: Николина Вукојевиќ, магистер по психологија

Извор



912

X