Повеќето деца од предучилишна возраст не зборуваат течно, туку повторуваат зборови, вметнуваат одредени зборови и прават паузи во говорот. Периодот низ кој поминуваат децата од предучилишна возраст кога учат да зборуваат се нарекува период на нормална нефлуентност.

Сепак, некои деца прават грешки често и систематски, кои се специфични и многу забележливи. Нефлуентноста што опстојува подолг временски период, која доаѓа со придружни физички (тикови, движења на главата, телото и екстремитетите) и физиолошки реакции (црвенило во образите, забрзано дишење итн.), може да укаже на тоа дека станува збор за нарушување на говорот – пелтечење.

Околината на детето често реагира на неговото пелтечење со најдобри намери со тоа што го коригира, што пак предизвикува детето да чувствува дека нешто не е во ред со неговиот говор. Колку повеќе детето се обидува да го контролира својот говор, толку повеќе пелтечи, а околината покажува поголемо незадоволство. Често тука започнува маѓепсаниот круг, па детето не знае како и не успева да го контролира сопственото говорење, а сака да ја задоволи околината.

Како да му помогнете на детето?

  • Бидете говорен пример за вашето дете. Разговарајте со него полека и поттикнете ги другите членови на семејството да го направат истото. Не зборувајте неприродно бавно, туку без брзање и чести паузи.
  • Одвојте одредено време во денот кога целосно ќе се посветите на слушање на вашето дете додека тоа зборува за она што го сака.
  • Кога вашето дете ќе ви се обрати или ќе ви постави прашање, направете кратка пауза пред да одговорите. На овој начин разговорот нема да биде избрзан и детето нема да има чувство дека треба да брза со одговорот.
  • Покажете трпение и прифаќање во моменти кога пелтечењето се зголемува.
  • Смирете го детето кога пелтечењето се зголемува, доколку е вознемирено. Однесувајте се на начин што му одговара на вашето дете. На пример, некои деца подобро реагираат на поддршка со зборови, додека други на физичка поддршка (прегратка итн.)

Пелтечењето може да се влоши ако личноста е возбудена, уморна, под стрес или ако е посвесна за себе или за својот говор во некоја ситуација; на пример, во разговор со други. Возрасните што пелтечат најчесто работат со логопед и психолози на техники за ублажување на дисфлуентноста во различни ситуации.

Од друга страна, родителите, заедно со логопедите, ќе имаат најголемо влијание врз пелтечењето кај децата, кои со промената на односот и начинот на комуникација со детето директно влијаат врз пелтечењето. Подолу нудиме совети за родителите на деца што пелтечат:

Што да не правите кога вашето дете пелтечи?

  • Брзање на детето да ја заврши мислата;
  • Прекинување на детето кога зборува;
  • Постојано поттикнување на детето да зборува побрзо и појасно;
  • Барање од детето да престане и да почне повторно да зборува, да се опушти, да забави, да земе длабок здив или да се обиде да не пелтечи – овие барања обесхрабруваат, а не помагаат!
  • Често поправање, критикување или обидување да го промените начинот на кој детето зборува или изговара звуци или зборови;
  • Разговор со детето со забрзано темпо;
  • Барање од детето да зборува, рецитира или чита пред гости, соседи, роднини…

Што да правите кога вашето дете пелтечи?

  • Зборувајте побавно – зборувајте без брзање и со чести паузи.
  • Слушајте внимателно – фокусирајте се на она што детето го зборува и посветете му го вашето внимание (погледнете го в очи!).
  • Намалете го бројот на прашања – покажете интерес за темата со коментирање и поставување прашања, но обидете се да се воздржите од „бомбардирање“ со прашања.
  • Контролирајте ги промените во комуникацијата – помогнете им на сите членови на семејството да го регулираат „зборувањето“. На детето ќе му биде многу полесно да зборува кога комуникацијата поретко се прекинува.
  • Помогнете му на детето да изгради самодоверба – пофалете го така што ќе го опишете она што добро го направило и давајте пофалби што не се поврзани само со говорот.
  • Елиминирајте ја бучавата во заднина – одвојте неколку мирни минути секој ден во кои ќе можете целосно да се посветите на вашето дете.
  • Применете ги вообичаените правила – не менувајте го вашиот став и однос кон детето (ни на полошо ни на подобро). Важно е детето да сфати дека вие го гледате еднакво без разлика дали пелтечи или не.

Извор



912

X