Сите ние очекуваме нешто од нашите деца, да нè слушаат или добро да се однесуваат. Но, понекогаш тоа што го очекуваме се работи што ќе направат поголема штета отколку корист, ако не се сосема разумни.

1. Да бидат добри цело време

Ако малку размислите, ова нема никаква смисла. Никој не е добар цело време. Сите имаме и подобри и полоши денови. Денови кога сме тажни, лути или фрустрирани. Очекувањето од нашите деца да „бидат добри“ не ги учи што всушност се очекува од нив, колку што се фокусира на она што го прават погрешно.

Што да направите наместо тоа:

Бидете специфични околу тоа што значи „добар“. На пример, наместо да кажете „Ти си добро момче“, кажете: „Ти благодарам што му читаше на твојот брат“ или „Ти благодарам што самиот ги собра играчките“. Никој не е добар цело време, па имајте милост и за вашето дете. Да се прејде преку некои „лоши работи“, кои не се приоритет, ќе го направи вашето родителско патување многу поедноставно.

2. Да се однесуваат позрело

Децата можат да бидат ангели една минута, а другата да ве доведат до лудило. Понекогаш се љубопитни, понекогаш тивки, па дури и лукави. Всушност, се однесуваат така како што се подразбира за нивна возраст. Пуштете ги да уживаат во своето детство, дури и тогаш кога се однесуваат како бебиња иако имаат три години.

Што да направите наместо тоа:

Знајте дека децата ќе си бидат деца и поттикнете ги да ви објаснат како се чувствуваат или зошто се однесуваат така како што се однесуваат. Бидете внимателни со оние што навистина се однесуваат на позрел начин. Само затоа што сакате вашето дете да се однесува позрело, не значи дека е возрасно лице.

3. Да се однесуваат како другите деца

Нормално е да забележите дека вашиот син е отворен, а вашата ќерка резервирана, или дека е највисока или најниска во класот. Свесно или несвесно ги споредуваме нашите деца со другите, но кога тие споредби се изразени со зборови, тие можат многу да му наштетат на вашето дете. Експертите сметаат дека тоа може да доведе до многу негативни последици. Кога ги споредуваме со другите, им порачуваме дека не се доволно добри и дека треба да се стремат да бидат како некој друг. А кога ги споредуваме со другите во позитивна смисла, ги учиме дека треба да бидат подобри од нив наместо да бидат „своето најдобро јас“.

Што да направите наместо тоа:

Поставете реални очекувања. Учете го детето дека неговото „најдобро“ е секогаш доволно и фокусирајте се на неговите силни и слаби страни, а не на тоа колку добро или лошо неговите врсници прават одредени работи.

4. Да се приспособат на правилата

Сте забележале ли дека понекогаш реагирате поинаку на однесувањето на детето во зависност од тоа дали сте во друштво или сте сами? Сите го правиме тоа. Впрочем, многу од нашите родителски навики се диктирани од општеството. Можеби и не се согласуваме со повеќето правила, но се обидуваме некои норми да им ги наметнеме на нашите деца.

Што да направите наместо тоа:

Верувајте дека сте доволно добар родител и бидете спремни да стоите зад своите одлуки. Запомнете дека вашите деца учат преку пример, а тој пример сте вие. Кога стоите зад своите уверувања, ги учите децата дека и нивните уверувања се вредни. Исто така, прифатете дека вашето дете е индивидуа, па идентификувајте ги своите родителски приоритети и вредности.

5. Да бидат различни од нас

Децата често, особено кога се мали, се „продолжетоци“ на своите родители. Кога нашите деца ќе видат дека секојдневно помагаме, и тие најверојатно ќе ја стекнат таа навика. Кога имаме негативна перцепција за животот, и тие ќе развијат песимистички поглед кон светот. Кога нè слушаат како викаме зашто сме лути, ќе сфатат дека викањето е прифатлив начин за изразување емоции.

Што да направите наместо тоа:

Немојте да му зборувате на детето како треба да се однесува, покажете му со својот личен пример. Писателот Џејмс Болдвин еднаш рекол: „Децата никогаш не биле добри во слушањето на постарите, но никогаш не пропуштиле да се однесуваат исто како нив“.



912

X