Зошто повеќе значи подобро? Поголеми плати, поголеми куќи, поголеми автомобили, повеќе игротеки… зошто го занемаруваме она што навистина значи поради минливи работи што избледуваат?

Време е да се отфрли идејата дека повеќе од нешто ќе ни донесе среќа. Она што навистина е важно се семејството, љубовта, домот, услугата, добрината и љубезноста. Се прашувам што им правиме на нашите деца кога им нудиме бескрајни избори, постојано, секаде, во сè и сешто. Не, не зборувам за важните работи како избори во однос на нивните тела или чувства. Зборувам за бескрајните и често претешки работи што треба да се изберат. Да, работи.

На пример, земете ги предвид нашите плакари и гардеробери. Денес децата имаат премногу облека. Додека децата пред 200 години имаа по една облека за во недела и една или две за секој ден, денешните деца имаат толку многу парчиња облека што можат со недели да се облекуваат во нешто различно. Зошто е така? Погодно ли е за нас, или е наша желба да се осигуриме дека децата ќе имаат бескрајни можности за облекување, во кое било време? Овој тренд дури и не е ограничен за многу богатите.

Или, погледнете ги играчките што ги имаат децата. Премногу се. Зошто родителот не се нервира за обврската  за расчистување, поради преголемиот број играчки, а впрочем само неколку од нив се вистински потребни? Кутии, кошници постојат за да се „организираат“ играчките. Многу од нив ротираат од таванот до подрумот и повторно во зоната на играње. Но, дали таа ротација е потребна? Што се случи со едноставните денови кога играчките беа ценети бидејќи нивниот број беше ограничен? Се плашам, но сум прилично сигурна дека бројот на играчки ги учи децата дека кај нив нема ништо посебно, дека се менливи, бидејќи има стотици други играчки што чекаат ред за да ја пополнат празнината.

Да го погледнеме и распоредот на модерното дете. Не сметам дека сум уште стара, но кога бев дете изгледаше дека има помалку активности и спорт за едно тригодишно дете. Балет, музика, спорт… сето тоа нема крај. Можете да поминете повеќе време возејќи наоколу додека ги носите децата на секакви активности отколку што поминувате заедно, во сопствениот дом.

Додека да наполнат шест години, децата се подготвени да се пензионираат од спортовите, а мајката и таткото поминале стотици километри со автомобилот за носење на детето, а исто така и пари. Зошто е сето тоа? Сметам дека треба да се направи баланс и да се остави слободно време за детето и за родителите. Знаете какво е чувството кога сте исцрпени? Па, и нашите деца се чувствуваат така!

Дури успеавме да ја надминеме и бројката на потребни книги. Модерните деца имаат стотици книги и сликовници. Толку многу што нема можност да имаат некоја омилена книга или омилен дел од некоја приказна. Сакаме книги, велиме дека не можеме да имаме премногу книги, но да бидеме искрени – дури и за најдобрите работи – што е многу – многу е.

Постојат и библиотеки, зошто веќе не се користат? Колкумина од нас имаат огромен број книги дома? Достапни ни се постојано, но понекогаш недостига и да се оди до библиотека. А медиумите? Потребно ли е да се зборува за постојаното влијание на медиумите врз децата од сите страни? Верувам дека негативните ефекти од преголемиот број избори ги чувствуваат и родителите и децата. Децата, кои според својата природа се воодушевуваат и од наједноставните работи во животот, се претрупани со премногу избори.

Нивните соби се преполни, распоредите густи, нивното изложување во медиумите е приближно константно, дури и изборите за облекување наутро се доволни за да посакате да врескате и да плачете, дури и ако немате четири години. Кој е резултатот? Добиваме деца што се под стрес, вознемирени, нерасположени и диви. Исто така, добиваме и такви родители. Составете го сето тоа и добивате експлозив.

Ким Џон Пејн, автор на „Едноставно родителство“, едукатор и семеен советник, вели дека симптомите што ги забележува кај децата во Америка и во Европа се слични на оние што се регистрираат кај децата што искусиле некаква траума во воени периоди. Кое е решението според него?

Помалку.

Помалку од сè.

Помалку активности во распоредот, помалку облека во гардероберот, помалку гледање ТВ, помалку нездрава храна.

Посреќни родители и деца. Разум. Знам дека сакаме предмети. Сакаме убави нешта. Тажна сум што не можам да им го дадам на децата тоа што го сакаат. Жал ми е што морам да кажам „не“.

Но, отфрлањето на товарот ја отстранува и анксиозноста. Ослободувањето од премногу избори и повеќе обврски ни дава многу повеќе. Работиме напорно за да имаме предмети и искуства кои ги сакаме во животот, само за да откриеме дека колку повеќе имаме, толку сè изгледа полудо.

Време е да ја отфрлиме идејата дека повеќе од сè ќе ни донесе среќа. Не мораме да размислуваме за работите што навистина ни пречат, работите што навистина мораме да ги направиме. Ги трошиме животите на небитни работи. Малку и полудуваме. Тоа е цената што ја плаќаме. Изморена сум од плаќање на таа цена и се фокусирам на она што навистина е важно.

Семејството, љубовта, домот, добрината, љубезноста. Изобилството од овие работи нема да ве полуди. Исто така, бесплатни се. Всушност, ако сме навистина искрени, тоа се природните работи за кои копнееме и со телата и со умот. Но, имањето премногу од другите материјални добра може да ги замагли нештата што навистина значат.

Помалку е повеќе. Помалку работи значи повеќе време, повеќе разум, повеќе време за да се прават и други работи освен чистење и купување. Можеме да избереме различен пат, пат на кој нема постојано да нè попречува нешто што некој друг го изоставил. Придружете ми се. Знам дека е застрашувачко на почеток, но ќе се исплати – за семејството!

Автор: Сара Кларк



912

X