Хелен Расел е писателка со седиште во Данска и е автор на книгата „Годината на данско живеење“. Таа се преселила од Лондон во Данска и родила три деца. Таа напишала статија за „Гардијан“ во која открива што научила за скандинавското воспитување:

-Се преселив од Лондон во Данска, безгрижно и без деца, но и покрај тоа што планирав да останам една година, сè уште сум тука еве веќе една деценија и со три деца. А скандинавските деца ги прават работите поинаку. Тие јадат поинаку, учат поинаку, играат поинаку, се облекуваат поинаку, дури и спијат поинаку – бебињата се оставени да спијат надвор во нивните колички на температури под нулата. Пеат, се борат, се качуваат, паѓаат и повторно стануваат. Секој ден се во природа со часови – и покрај тоа што времето е ужасно.

Скандинавците ретко изгледаат како весели луѓе – претпочитаат „планирана забава“, во нив нема спонтаност. А сепак… скандинавските земји редовно се на врвот на рангирањето на УНИЦЕФ за среќа, образование и еднаквост, со највисоки стапки на благосостојба на глобално ниво. Некои аспекти од нивното родителство може да се применат секаде, додека други можат да послужат како инспирација. Значи, еве неколку работи што ги научив за скандинавското воспитување.

Секој ден играјте!

Играта е многу важна во скандинавските земји. Професорката Елен Бит Хансен Сандсетер од норвешкиот универзитет „Квин Мауд“ вели: „Студиите што ги следеле децата од раѓање покажуваат дека не се плашат од височина оние што се качуваат на дрво, паѓаат и ја кршат ногата – туку оние што никогаш не се качиле на дрво“. Борбата е уште еден важен дел од развојот на детето бидејќи може да се научи на соработка, доверба и добро расудување.

-Понекогаш треба да ги оставиш децата да се тепаат – ми вели една мајка од Данска. Страшно на краток рок, корисно на долг рок (или така барем ми беше кажано).

Научете ги децата како да размислуваат, а не што да мислат

Скандинавците не почнуваат на училиште пред да наполнат шест години (седум во Финска). До 11 години нема тестови, нема домашна задача, нема оценки. Сабила Ебу Алвани од Педагошкиот факултет при Универзитетот „Кембриџ“ смета дека ова е добра работа.

-Данскиот систем се заснова на настава во согласност со интересите на децата и тие учат да размислуваат – не само да полагаат испити – вели наставничката Луиз Лингаард.

Децата се учат да се залагаат за себе, јавното говорење е дел од училишната рутина од шестата година, додека читањето доаѓа подоцна – околу осумгодишна возраст. Без оглед на различните образовни системи, на децата им се дозволува да ги развиваат сопствените интереси и да читаат со свое темпо. Истражувањата покажуваат дека притисокот врз децата да читаат прерано предизвикува стрес и оние што подоцна почнуваат да читаат, лесно ги достигнуваат, па дури и ги надминуваат оние што читаат од порано.

Не постои такво нешто како лошо време

Скандинавците имаат варијации на оваа мантра, а студиите покажуваат дека престојот на отворено ја подобрува соработката, го намалува стресот, помага во концентрацијата и ги израмнува разликите помеѓу децата со ниски и високи постигнувања.

Уште од детството го развиваат она што Кари Лејбовиц, социјален психолог од Универзитетот „Стенфорд“, го нарекува „позитивен зимски начин на размислување“. Клучно е да научат како да се облекуваат.

-Во поголемиот дел од светот кога е студено, луѓето сè уште се облекуваат нормално за да излезат надвор и потоа се прашуваат зошто им е ладно – вели Лејбовиц.

Моите деца сега поседуваат снежни костими, костими за дожд, виндјакна, топлинска долна облека, ракавици, водоотпорни ракавици, чизми за снег и чизми за дожд. Развијте позитивен начин на размислување со носење соодветна облека за зима и запомнете дека не постои нешто како погрешно време, туку само погрешна облека.

Данците ги заменуваат комплиментите со интерес и прашуваат „Како го направи тоа? или „Кажи ми повеќе околу ова“.

– Ова им покажува на децата дека се грижиме за нив, а не за нивните „оценки““ – вели Минстер.

Семејните оброци се свети

Идејата за седење заедно и јадење како семејство е високо ценета во скандинавското општество. Дури и на извршниот директор му е дозволено да каже на состанокот во 16 часот: „Морам да одам да ги земам децата сега.“

И тогаш одите дома и вечерате како семејство. Повеќето дански семејства се собрани околу трпезариската маса со една цел – да им се даде приоритет на семејните оброци. Каде и да живеете, сè уште има вистински придобивки од вложувањето напор за реализирање семеен оброк, еднаш неделно за повторно поврзување на членовите од семејството. Ако можете да готвите, одлично, но запомнете дека помалку се работи за тоа што ќе јадете за вечера, а повеќе за тоа со кого го јадете.

Автор: Карина Шиждрак

Извор



912

X