Ако вашето дете физички или емоционално ги повредува другите деца и тоа го прави постојано, тогаш тоа е врсничко насилство. Важно е што побрзо да се ангажирате за на вашето дете да му помогнете да научи како да се согласува со другите и во иднина да не биде насилно кон врсниците.

Врсничко насилство: основа

Повеќето деца во некој момент задеваат други деца. Но, врсничкото насилство е многу повеќе од задевање. Еве како можете да го идентификувате врсничкото насилство:

– Постојано задевање на другите деца;
– Игнорирање на некои деца, како и исклучување од играта и дружењето;
– Навредување и довикување со навредливи имиња;
– Ширење разни приказни за другите деца;
– Удирање и туркање на другите деца;
– Земање работи од другите деца.

Кога децата се придружуваат на малтретирањето и ги поддржуваат насилниците, и тоа е врсничко насилство.

Врсничкото насилство може да се случува во живо, лице в лице или онлајн. Тогаш тоа е сајбер-насилство.

Ако вашето дете се однесува на овој начин и намерно физички повредува или навредува други деца, тогаш треба да разговарате со него за врсничко насилство.

Знаци дека детето ги малтретира другите

Ако вашето дете ги малтретира врсниците, веројатно некој ќе ви каже – наставниците, родителите на другото дете или вашето друго дете.

Други знаци што укажуваат дека вашето дете е насилник:

– Зборува за другите деца на насилен или негативен начин;
– Има пари, играчки или други работи што не се негови.

Ниеден од овие знаци не укажува на тоа дека вашето дете дефинитивно ги малтретира другите деца, но треба да разговарате со наставникот за да откриете дали има проблеми на училиште.

Што да правите ако вашето дете ги малтретира другите?

Важно е на вашето дете да му кажете дека насилното однесување кон врсниците не е во ред. Обидете се околу тоа да не се возбудувате, но јасно соопштете дека сакате таквото однесување да престане.

Еве како да почнете:

Објаснете му на вашето дете што е врсничко насилство. Разговарајте со детето за тоа што прави и зошто го прави тоа. Сослушајте го и обидете се да не го обвинувате.

Обидете се на детето да му објасните дека неговото однесување влијае врз другите – на пример: „Дали би сакал некој тебе да ти го прави тоа?“ или „Што мислиш, како другата личност се чувствуваше поради тоа?“

Обрнете внимание на тоа што прави детето кога ги користи интернетот и мобилниот телефон.

Соработка со училиштето за решавање врсничко насилство

Важно е да прашате на училиште за прописите и процедурите за врсничко насилство. Врз нивна основа ќе биде одлучено со какви последици ќе се соочи вашето дете за неговото однесување.

Ако ја поддржите одлуката на училиштето, тоа ќе му испрати јасна порака на вашето дете дека малтретирањето не е во ред. Исто така, распрашајте се што можете да направите дома за да ја поддржите оваа одлука. Одржувајте редовен контакт со училиштето.

Размислете зошто дошло до врсничко насилство

Побарајте ги причините за насилното однесување на вашето дете. Тоа може да ви помогне да откриете дали нешто треба да промените за да исчезне ваквото однесување. На пример:

– Дали некој друг го малтретира вашето дете? Некои деца малтретираат други деца затоа што тие самите се жртви на врсничко насилство. Сослушајте го вашето дете и обрнете внимание на знаците дека тоа е жртва на врсничко насилство.

– Дали вашето дете се придружило во малтретирањето за да избегне да не му се случи тоа? Разговарајте со учителите за тоа како вашето дете да се исклучи од врсничко насилство.

– Дали вашето дете присуствува на малтретирање дома или во друго опкружување? Дали гледа насилни содржини на телевизија или на интернет? Понекогаш децата ги малтретираат другите деца затоа што го копираат однесувањето што го виделе во своето опкружување.

– Дали вашето дете ги малтретира другите за да се чувствува позначајно или да има поголема контрола? Некои деца се насилни затоа што им недостига самодоверба.

– Дали вашето дете погрешно го толкува советот дека треба „да се бори за себе“? Понекогаш позитивните коментари што имаат агресивно значење може да ги поттикнат децата насилно да се однесуваат кон врсниците.

Колку е помало детето, толку е поголема веројатноста да го промени неговото однесување.

Подобро е да се справите со врсничкото насилство веднаш отколку да го одложите. Додека детето е помало, имате најголемо влијание и можете да го промените насилното однесување.

Што да правите ако вашето дете продолжи да ги малтретира другите?

Ако вашето дете повторно почне со насилно постапување кон врсниците, а вие веќе еднаш сте се обиделе да ги примените сите работи што сме ги предложиле, можеби ќе треба да преземете дополнителни чекори.

Ако врсничкото насилство се случува на училиште, најголема шанса да го промените однесувањето на вашето дете ќе имате ако соработувате со институција или организација.

Договор за однесување

Договорот го склучувате вие, училиштето и вашето дете. На тој начин тоа знае кој е вклучен во решавањето на проблемот. Договорот може да содржи ставки како што се: што ќе се случи ако детето продолжи да ги малтретира другите деца и што ќе се случи ако престане. Може да наведете и што може да направи детето наместо насилното однесување.

Како дел од договорот може да стои детето да треба да напише писмо во кое ќе му се извини на детето што го малтретирало.

Советување

Можеби на вашето дете му е потребно советување за да престане со врсничко насилство и да научи како позитивно да воспоставува однос со другите деца. Советувањето може многу да помогне ако детето има проблеми со самодовербата, контролирањето на бесот и импулсивното однесување.

Ако малтретирањето се случи на училиште, самото училиште може да може да организира советување за детето или да ви каже со кого да контактирате.

Како да спречите повторување на врсничкото насилство?

За да спречите повторно појавување на насилство кон врсниците, мора да го научите убаво да се однесува кон другите и своите односи да ги заснова на емпатија, почит и грижа.

Најдобар начин да го постигнете ова е да бидете пример за вашето дете. Затоа, вашето дете треба да види дека секогаш сте љубезни кон другите и се однесувате со почит кон нив.

Може да помогне и ако работите на самодовербата на детето. Дозволете му на детето да проба различни активности и поттикнете го во активностите што ги сака: спорт, уметност, музика, глума или нешто друго.

За да му помогнете на вашето дете да развие самодоверба, обидете се да му дадете на детето позитивно внимание. Децата што добиваат ваков вид внимание ретко користат врсничко насилство. Децата што не чувствуваат дека нивните родители ги сакаат или доживуваат насилство во семејството веројатно ќе бидат насилни кон врсниците.

Од помош може да биде и воведувањето дисциплина. Тоа значи поставување  граници и примена на последици и казни за лошото однесување, како и поттикнување за добро однесување.

Ако сакате вашето дете да научи да ги решава конфликтите без насилство, мора преку ваш пример да му покажете како конструктивно да ги решава конфликтните ситуации.

Ако вашето дете ги малтретира врсниците, важно е да му ја обезбедите потребната помош за да престане со тоа. На тој начин ќе избегнете вашето дете да стане жртва на врсничко насилство. Воедно, ќе му помогнете на детето подоцна во животот да избегне антисоцијално однесување, вознемирување на работното место, сексуална злоупотреба и користење дрога.

Извор



912

X