Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам 6-годишна ќерка која две години одеше на англиски, но престана да оди затоа што по секое излегување од курс плачеше, врескаше на цел глас, а не ја кажуваше причината.
Кога треба да оди на роденден, ќе најде каква било причина да плаче, почна и да се самоповредува, да удира, па ќе си остане дома. Сака да оди на прошетка со другарки, но кога треба да се разделат, повторно прави скандали, плаче и удира, а причина не се знае. Во училиште ако се дружи со едно дете, не дозволува тоа дете да застане до некој друг или ако тоа дете не ја дружи, таа цел ден е нервозна. Што да направам?

ОДГОВОР: Психолошките манифестации во однесувањето на детето најмногу се насочени кон социјалната средина, покажувајќи отпор кон неа што произлегува од силно чувство на вознемиреност, страв, несигурност и загрозеност. Оттаму е потребата да се врзе за едно дете кое ѝ ја обезбедува таа сигурност од која учи да зависи, бидејќи не е спремна да се отвори и приспособува.

Стравот од социјална отвореност манифестира социјална анксиозност како последица на начинот на кој го препознава и гледа надворешниот свет – како извор на опасност и непријатност. Од друга страна, постои нагласена агресивност кон родител како последица на непоставен авторитет, а со тоа и одбивање на тој водач во послушност на налози и соработка во дадени ситуации. Забележувате и автоагресивност како последица од неможноста за артикулирање и соодветно изразување на емоциите. Советувам родителско советување со детски психолог со цел зајакнување на воспитниот процес и емоционалниот развој на детето.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Психит“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X