Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Јас сум самохрана мајка на двегодишно момче. Таткото беше во нашиот живот само 3 месеци, тој е зависник, насилник и има многу проблеми со полиција и суд. Го нема во изводот на раѓање како татко и моментално има забрана за приближување до нас поради инцидент што се случи во јавност. Многу често се запрашувам што ли ќе му кажам на син ми кога ќе ме праша дали има татко… потребен ми е совет како и што да одговорам на тоа прашање. Инаку, тој имал можност да исконтактира со мене, но никогаш не прашал за детето, ги искористи тие моменти да ми се заканува, да ме навредува и обвинува. Без разлика на тоа што ме обвинува, и јас се обвинувам себеси што избрав таков човек во животот. Потребен ми е и совет за тоа како да се справам и да ја тргнам оваа вина што ми ја јаде душата секој ден.
ОДГОВОР: Драга мајка, навистина се наоѓате во исклучително тешка ситуација, во која мора да се штитите и себеси и детето, не само од физичка туку и од емотивна повреда, иако таа повреда одамна е направена. Ние како битија не сме безгрешни, во нашата природа е да грешиме и да правиме погрешни процени, најмногу во име на љубовта. Заљубеноста знае да нè измести од рационалната позиција и понекогаш да направиме избори, најмногу на партнер, кои ќе нè чинат нашиот мир, безбедноста и достоинството. Нешто што и кај вас се покажува дека е така. Стравот, колку и да е природна реакција на заштита, сепак неговото континуирано присуство во услови на силна несигурност и неизвесност знае да создаде таква дисфункционалност на живеењето во која се исклучува животот од самото живеење, за постојано да се гледа во болката и хаосот, во тежината и немоќта.
Очигледно е дека нападот постои долго време однадвор, но прашање е како вие раководите со тој хаос однатре, поточно колку вие дозволувате да ве владее вас и вашиот свет, тој страв, но и таа сеприсутна вина? Вината е оправдана само тогаш кога ни влијае да се менуваме, во спротивно прераснува во доста токсичен стил на живеење. Стил кој и вие самите го живеете. Вашето дете не само што има токсичен и неприсутен татко, има и мајка која постојано се обвинува за изборот што го направила. И доколку продолжите да ја носите таа вина, ќе се отсликува и во односот со вашето дете, за во еден момент и тоа да се почувствува виновно поради вашиот избор, поради вашата немоќ, поради вашата несигурност. Верувајте, таа вина силно ги еродира не само личните, туку и системските капацитети за справување со тешкотиите во животот, за справување со некои многу непријатни ситуации и позиции во кои вие се наоѓате и во кои и вашето дете се наоѓа.
Согласни сме дека биолошкиот татко на вашето дете не можете да го промените, она што можете е да направите сè за да се заштитите користејќи ги сите можни легални и законски одредени начини на справување. Навистина ми е жал за вашето непријатно искуство, од друга страна, верувам дека тоа ве натерало да пораснете и да станете многу појака личност, појака, а не поуплашена. Па затоа сакам да ве насочам на силата и храброста што ги стекнавте и развивте во сите овие години на борба. Од што ви е веќе доста да се плашите? Што досега сте презеле за да го заштитите вашето семејство и дали тоа вродило со некаков плод? Помислете малку, да го вратите вашето семејство на позиција на која нема да постои таа вина, значи и да се одрекнете од постоењето на вашето дете. Вашето прекрасно дете е плод на таа борба, и наместо да жалите што сте го направиле изборот каков што сте го направиле, почнете да размислувате дека понекогаш тој е патот, иако доста тежок, да го имате тоа прекрасно битие покрај себе.
Вашето дете има само две години, многу повеќе ќе ги памети вашата тага и вина, или борба и сила отколку што ќе го памети биолошкиот татко. Празнината што децата ја чувствуваат најчесто им ја оцртуваме ние, возрасните, со нашите разбирања и реакции. Еве ќе прашам со што вие сте покомфорни да го растете вашето дете, со мислата дека е скапоцен дар за вас, храбрата мајка, која никогаш не се откажала од него, или со мислата дека му недостига таткото, кој во секое време ја прави мајката несигурна и тажна? Кој е вашиот избор? Која приказна ќе расте во вашето семејство е приказната со која вие планирате да го пораснете вашето семејство.
Минатото не може да се смени, како и актуелната ситуација. Ние како родители можеме силно да влијаеме врз чувството на децата дали добиваат или губат, дали се целосни или нешто им недостига.
Одговорите на она што недостига доаѓаат како резултат на прашањата на децата. Барем во денешно време постојат многу облици на семејства, и секое семејство е возможна приказна, ако родителите или старателите веруваат во тоа. Децата сами треба да си ги искусат и истражат празнините, да прашат за недостатоците, а ние, родителите, секогаш ќе сме до нив кога ќе ги уплаши или разгневи или растажи таа празнина. Ние мора да ги препознаеме и признаеме и нивните и нашите чувства. Навистина секој расте со сопствените прашања. Вие не можете да му го смените минатото на детето, ама можете да влијаете врз неговото чувство за себе. Вашето дете за некоја година ќе почне да прашува за неговиот татко, а вие ќе треба да ги спремите вашите одговори доколку праша, за да видите каква приказна сакате да му пренесете. А за да ги спремите тие одговори, а и вие да се чувствувате посигурни, потребно е да се советувате со психолог или психотерапевт кој ќе ви помогне да ги најдете одговорите со кои вие ќе бидете многу посмирена и поспокојна, како и да ве насочи како да реагирате кога детето ќе ги постави „незгодните“ прашања за себе и за своето потекло.
Ви посакувам да гледате во силата што ја имате, силата на мајчинството, кое никогаш не се откажало од своето дете, и силата на не секогаш совршените системи на давање љубов и поддршка за децата да растат. Не заборавајте, кога децата растат со некаква непријатност, покрај родител кој се грижи за нив, но и кој се бори за приказната во која верува, растат во исклучителни борци со многу вештини да се справат со неприликите во животот.
Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912