Воспитување

Што губат децата кога мозокот пребрзо им се развива

Големиот швајцарски психолог Жан Пјаже го користел изразот „американско прашање“. Имено, додека држел предавања за развојот на детскиот ум, тој забележал дека кога ги посетува САД, некој од публиката секогаш го поставува прашањето: „Но, професоре Пјаже, како можеме да го забрзаме тој развој?“

Денес, не се само Американците нетрпеливи и убедени дека кога станува збор за развојот на мозокот и сознавањето, важи правилото „колку побрзо – толку подобро“. Низ светот, родителите од средната класа кои вложуваат многу во своите деца и ја следат секоја фаза од развојот, сметаат дека развојот на децата треба да се забрза што е можно повеќе. И родителите и креаторите на образовната политика се залагаат градинките да бидат повеќе како училишта.

Сепак, нови истражувања покажуваат дека ова е премногу поедноставена визија. Побавното, подолгото и безгрижно детство се чини дека е најдобриот начин да се подготвите за растење. Да, развивањето на животните вештини е важно, но долгото детство е камен-темелник на успешниот живот. Серија студии на медицинска група од „Kaiser Permanente“ од 1998 година ги испитувале долгорочните ефекти од трауматските искуства од детството врз децата што растат во Калифорнија – физичко и емоционално занемарување, сиромаштија, развод, насилство, зависност или ментална болест во семејството. По овие првични студии биле спроведени уште стотици низ светот. Резултатот од студиите покажува дека таквите искуства се загрижувачки чести – речиси 60% од децата во САД доживеале барем едно од искуствата, а секое десетто дете четири или повеќе. Децата од посиромашните семејства се изложени на најголем ризик, но сите деца се изложени на ризик да ги доживеат тие искуства.

Овие рани тешки искуства можат да имаат големо влијание врз подоцнежниот живот – тие имаат поголема веројатност да предизвикаат анксиозност, депресија и зависност и да го зголемат ризикот од срцеви заболувања и рак. Но, како тоа што сте биле сведоци на пукањето на петгодишна возраст може да ви ги зголеми шансите да добиете рак на 50-годишна возраст? Како овие искуства влијаат врз развојот? Изненадувачки, стресните настани го забрзуваат физичкиот развој. Многу истражувања покажуваат дека децата што живеат под стрес порано влегуваат во пубертет. Една неодамнешна студија објави дека дури и трајните заби на таквите деца никнуваат порано. А органот чиј развој е најважен е мозокот. Она што го покажа новата студија објавена во „Nature Neuroscience Reviews“ е дека сиромаштијата, стресот и трауматските искуства предизвикуваат мозокот на детето прерано да созрева.

Мозокот го започнува својот развој како многу попластичен орган, поотворен за искуство и подобар во учењето. Како што растеме, нашиот мозок станува поефикасен, но помалку флексибилен, подобар во експлоатација отколку во истражување, поефикасен, но помалку подготвен за нови работи.

Авторот на оваа студија, д-р Алисон Меки од Универзитетот во Пенсилванија, проучувал два различни типа на развој на мозокот. Едниот се однесува на физичките карактеристики, како што се дебелината на кортексот и густината на невронот. Другиот се однесува на начинот на кој областите во мозокот се меѓусебно поврзани. Во двата случаи постои постојана и комплицирана етапна низа на развој. На рана возраст мозокот станува подебел, а потоа во адолесценцијата се „разредува“. Научниците откриле дека развојните фази се менуваат многу побрзо кај децата од посиромашните семејства и децата што се изложени на стресни искуства.

Истата студија ги презентирала и резултатите од експериментите со животни кои имале спротивен ефект. Младенчињата што пораснале во стимулативни и разновидни средини, со многу различни предмети и други животни за играње, имале задоцнет и продолжен модел на развој на мозокот и ја задржале својата „пластичност“ подолго.

Д-р Меки и нејзините колеги веруваат дека иако лошите искуства имаат лош, забрзан ефект, разновидните и невообичаени добри искуства го одржуваат мозокот отворен за учење.

За луѓето, добрите рани искуства имаат и долгорочни ефекти, можеби затоа што децата помагаат да се одржи чувството дека имаат различни можности пред нив.

Децата што одат во врвни градинки немаат подобри резултати на училишните тестови во споредба со децата што не одат.

Ова ги навело креаторите на образовните политики да мислат дека придобивките од градинките исчезнуваат како што растат децата. Сепак, постојат „заспани“ ефекти кои се појавуваат многу подоцна, што значи дека градинката сепак влијае врз подобрата заработка и здравјето подоцна во животот и им помага на децата да бидат успешни возрасни. Тоа може да им ја даде потребната флексибилност за справување со неочекувани предизвици – како и учење академски вештини.

Зошто стресот и траумата би предизвикале да растеме побрзо, а богатата, разновидна и безгрижна средина влијае да растеме побавно? Една од влијателните нови идеи е дека на големите, мозоци на најпаметните цицачи и птици, како што се шимпанзата и враните, им треба доволно време за да се развијат, така што овие видови имаат посебно второ детство, а возрасните вложуваат многу напор во грижата за младите. Ние, луѓето, сме особено паметни, а имаме особено долго детство и многу се грижиме за потомството. Животниот стил „живеј брзо, умри млад“ има повеќе еволутивно значење кога ресурсите се слаби, а животот е тежок. Обемното учење нема многу да ви помогне во тој случај, па затоа е подобро брзо да се опремите со некои ефективни техники за преживување. Во богат, негувачки, разновиден свет, од друга страна, има многу можности за учење, па затоа е подобро да се задржи отворениот ум и флексибилниот мозок. Раните лоши искуства може да бидат показател дека животот ќе биде тежок и краток, додека безгрижното опкружување во градинката дава информации дека детето има многу можности.

Сето ова треба да ги ослободи родителите од средната класа од грижата за „американското прашање“. Најважниот дел од грижата за вашите деца е, на некој начин, најлесниот. Да им се даде љубов и можност да учат и истражуваат е многу поважно од закажувањето на нивното учење. Подолгото, побавно детство изгледа подобро, барем ако очекувате дека и околината кога ќе пораснат ќе биде богата и разновидна. За жал, како што покажуваат истражувањата за трауматски искуства, премногу деца и возрасни ги немаат потребните ресурси за такво детство. Сите нови истражувања го покажуваат истото – без разлика дали се работи за финансиска помош за родителите, породилно отсуство или квалитетно претшколско образование, поддршката на децата е најдобриот начин да им се овозможи на новите генерации еден ден да бидат успешни возрасни. Не затоа што ги тераат децата да се развиваат побрзо, туку затоа што им дозволуваат да останат деца подолго.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top