Децата инстинктивно изведуваат некои движења, но родителите ги спречуваат во тоа.
– Не врти се во круг, ќе ти се слоши! Слези од дрвото, ќе паднеш! Излези од песокта, види колку си гнасен, ќе фатиш некоја болест – ова се чести родителски заповеди кои, сакале-нејќеле, децата мора да ги послушаат.
Но, истражувањата покажуваат дека во желбата да го спасат детето од модринки, мајките и татковците прават многу сериозна грешка.
Хроничниот недостиг на физичка активност, и тоа онаква каква што имаа претходните генерации, е еден од главните виновници за вознемирувачката состојба на развојот на децата, смета д-р Ранко Рајовиќ, основач на МЕНСА – Србија.
Фото:Pixabay
– Мозокот интензивно се развива по раѓањето и ги формира сите главни патишта до петтата и уште до седмата и дванаесеттата година. Во тој период е важно на детето да му овозможите природно опкружување, во какво што се развивал мозокот во текот на еволуцијата. Ако на детето му скратиме некои од тие активности, ја намалуваме активноста на одредени регии во кората на големиот мозок, кои создаваат помал број врски (синапси) со другите регии. А докажано е дека интелектуалните способности зависат од тоа како синапсите ги поврзале различните регии на мозокот – објаснува д-р Рајовиќ.
Со движењето децата го развиваат својот мозок
Токму таква активност е и вртењето на децата, кое мајките и татковците често го спречуваат.
– Токму со ротацијата се активираат многу различни регии во мозокот и се создаваат нови синапси. Децата честопати инстинктивно прават некои активности и движења за да го стимулираат својот мозок – објаснува д-р Рајовиќ и додава дека детето што сака да скока, може да го прави тоа и на лисја, на песок или во плитка вода, каде што не може да се повреди.
Првата алка во синџирот на интелигенцијата се родителите – тие треба да дозволат децата инстинктивно да создаваат некои невронски врски.
– Парадоксално, тоа е баш она што денешните родители се обидуваат да го исфрлат од детството на нивните деца поради трендот на претерана заштита и страв од повреди. „Не скокај, не качувај се, не трчај, ќе ти се сврти во главата…“ – возрасните со овие опомени како да ги набројуваат оние активности што најмногу го стимулираат менталниот развој на децата. А паниката поради секоја модринка или гребнатинка се претвора во барање воспитувачките и наставниците подобро да ги чуваат децата, што на крајот се сведува на ограничување или дури и укинување на физичките активности – смета тој.
– Родителите би требало повеќе да научат за добрите и корисни активности, а исто така мора да научат и што е штетно. Еден од првите примери се еднобојните детски соби, за девојче – розова, за момче – сина. Со тоа на детето му се скратува првата и многу важна стимулација, а тоа е прием на контрастни слики. Затоа е важна и едукацијата на родителите – вели д-р Рајовиќ.
Многу родители не знаат дека при играњето во песок и на земја детето стапува во контакт со антиалергени и благодарение на нив, создава отпорност на алергиите.
– Паролата „чистотата е половина здравје“ во раното детство станува „нечистотата е половина здравје“. Родителите грешат кога на децата им забрануваат да си играат во песок или да се тркалаат на трева. А, всушност, треба да ги учат како да садат растенија, и тоа без ракавици – вели дерматовенерологот д-р Горана Исаиловиќ.
Родителите што премногу го стерилизираат својот дом заради децата, во иднина ќе даваат повеќе пари на лекови против алергии.
Бакнеж од миленичето
Мајките и татковците треба да го направат незамисливото – да им дозволат на децата да ги бакнуваат кучињата.
– Плунката на кучињата е полна со егзоантигени кои помагаат во развојот на детскиот имунитет. Кога кучето ќе го лизне детето, тоа му ги пренесува тие тела. Во таа смисла кучето е најдобро, подобро од другите животни. Дури и ако имате мачка, добро би било да си удомите и куче – објаснува докторката.
Истражувањата покажале дека бебињата што живеат со куче се поздрави од оние што немаат милениче затоа што кучињата сакаат да се тркалаат во прашина, а тоа го зголемува имунитетот на малите деца. Исто така, децата што живеат на село се поотпорни на алергии отколку оние што живеат во град.
– Ако го чувате детето во стаклено ѕвоно, внимавајќи да не се зарази со нешто или да не се извалка, тогаш тоа ќе биде почувствително и поподложно на алергии. Особено ако премногу го чувате од раѓањето до третата година, кога алергените слободно влегуваат во телото на детето. Поради тоа, организмот се шокира и создава антитела. Од третата година созрева слузокожата и се развива мукозниот имунитет – објаснува таа.