Од професионален агол, не е тешко да се одредат одликите на добриот наставник. Тоа е оној наставник што: поседува широки знаења од областа со која се занимава, високо е на скалата на стандарди за компетенција на наставници и приоритетни области, дигитално е писмен, оди на семинари, пишува стручни и научни трудови, има повеќегодишно работно искуство, активно е вклучен во работата и животот на училиштето и уште многу други работи.

Не е спорно дека ова се многу значајни предуслови за добар наставник, особено ако гледате од агол на министерството за образование, директорот на училиштето или другите надзорни органи.

Меѓутоа, што е со учениците? По кои критериуми тие се водат?

Иако учениците се еден од главните причини зошто наставата постои, ретко учествуваат во процената на наставниците и уште поретко имаат можност да искажат што им е всушност потребно во наставата. Зошто? Првенствено бидејќи не може да се предвидат одговорите на учениците. Второ, од страв дека тие нема сериозно да го сфатат тоа. Азул Теронез, учител кој 27 години се занимава со тоа, го поставил ова прашање 26.000 пати, во 8 различни училишта, од оние во предградие до елитни во странство. Добил најразлични и најнеобични одговори, кои во голем број се повторувале.

Најдобриот наставник јаде јаболка

Колку и да бил одговорот чуден, секогаш се поставува прашањето што ни порачуваат учениците. Направил мал експеримент и почнал секојдневно да јаде јаболка. На одморот децата го забележувале, дури и му подарувале јаболка. И самите ученици јаделе јаболка, па со тоа се нашле на исто ниво.

Најдобриот наставник е опуштен

Понекогаш е потребно да се покаже дека и покрај сериозноста и професионалноста, наставникот може поопуштено да им пристапи на учениците.

Најдобриот наставник сака да учи

Учениците не се во можност да го видат наставникот да учи. Тој се претставува како непогрешлив чувар на сите знаења. Во ред е наставникот да не знае баш сè. Некаде во наставата пожелно е и да не ги знае одговорите бидејќи со тоа ги поттикнува учениците да истражуваат и да мислат.

Најдобриот наставник знае дека ученикот има живот и надвор од училиштето

Пред донесување суд за постигнувањата на ученикот, треба да се согледаат условите во кои живее и учи. Можеби наставникот не може да влезе во секој дом, но може да слуша. Ученикот сигурно ќе му наведе причини.

Најдобриот наставник не е наставник

Некој би се навредил со ова тврдење, но тоа само упатува дека некои важни работи што ги учиме не ги научуваме на училиште. Како што е возењето велосипед. Сетете се како ве учеле да возите велосипед, а потоа размислете како за тоа би учеле на училиште. Родителите ги тргаат помошните тркала, седнувате, некој ве турка и ве пушта и така учите. На училиште прво би ги учеле деловите од велосипедот, кои сили се неопходни за движење, а потоа би пишувале есеј на тема историја на велосипедите, а ако следува висока оценка, потоа ќе следува и возење. Малку карикирано, но ја сфаќате поентата.

Да се биде наставник е повеќе од професија

Тоа е животен повик. Привилегија. Доволни се само 45 минути за некому засекогаш да му го промените животот. Секој наставник што си ја сака својата работа со самото тоа е во игра да стане најдобар. Бидејќи ја сака работата, ќе работи на себе, ќе се усовршува, ќе ги слави грешките во училницата бидејќи тие го прават почовечен. Наставникот што ја цени различноста, се проценува себеси, ќе биде отворен и за мислењето на другите, па и на учениците.

Најдобриот наставник не е оној што е подобар од другите наставници, најдобриот наставник е оној што е најдобар за своите ученици во училницата.

Автор: Гордана Павловиќ, професор по вонредна настава
Извор



912

X