Има многу причини зошто нашите деца не можат навечер да заспијат или зошто спијат немирно. Некои од нив сме ги навеле за да ви помогнеме што побрзо да ги отстраните и да им овозможите на сите мирен сон.

Додека мајката и таткото би можеле да заспијат дури и стоејќи на нозе, бебињата и малку поголемите дечиња често имаат проблеми со сонот. Без разлика дали немирно спијат или често се будат, нам возрасните такво темпо ни е тешко. Што може да го попречува сонот на детето и како да му помогнете на детето, а и на себе?

1. Топло ми е!

Малите бебиња и деца спијат лошо кога во собата им е претопло. Температурата во собата за спиење не треба да надминува 18 степени. Во лето се разбира дека тоа не е можно, но затоа помалку ќе го покривате и ќе му облекувате потенки пижами и ќе го ставате во потенки вреќи за спиење.

2. Има премногу светло!

Повеќето од нас, возрасните, па така и бебињата, најдобро спијат во мрак. Но, децата често се плашат од мрак и сакаат да имаат поглед над собата за да можат да се ориентираат и да не се исплашат. Малечките бебиња сакаме да ги имаме на око, па оставаме и малечки ламби да светат во текот на ноќта. Совет: Затемнете ја собата колку да можете да видите каде се наоѓа детето и може ли да се снајде ако се разбуди и мора да оди да мочка. Малку светло ќе помогне, но нека биде дискретно за да не му го попречува сонот.

3. Ми растат заби

Околу шестиот месец од животот стигнуваат маките од запчињата. Црвени се, болат или чешаат. Па кој би спиел при такви проблеми. За жал, овој проблем би можел да се јавува повремено до втората година од животот, кога детето во устата би требало да ги има сите 20 млечни заби. Совет: За да го намалите чувството на болка, детето во текот на денот нека грицка тврди играчки или кругови кои можете да ги оладите во замрзнувачот.

4. Не сум поспан!

Кој може да заспие ако не е поспан? Никој, па така ни бебињата. На малите бебиња од една година им треба во просек 11,5 часа сон во текот на ноќта и 2,5 часа сон во текот на денот. Ако бебето продолжи со спиење во текот на денот или доцна навечер, ако малку поспие во автомобилот додека патувате, можно е да не биде поспано кога ќе сакате. Совет: Се разбира, нема да го спречувате детето да спие, но ако мислите дека долгите часови сон во текот на денот му го расипуваат ноќниот сон, можете по 3 часа спиење уредно да отидете во собата на детето и да средувате. Се разбира, ако сакате да знаете колку сон му треба на вашето дете, запишувајте одреден период колку и кога спиело детето и кога имало проблеми. Така ќе видите кога спиело без тешкотии, а кога било немирно.

5. Под креветот има чудовиште!

И бебињата можат лошо да сонуваат. А од чудовиштата или духовите сепак се плашат постарите деца. Совет: Децата што се плашат од духови не треба да се исмејуваат или да се тешат со речениците „Духовите не постојат“. Подобро со батерија проверете под креветот, во ќошињата и заедно утврдете дека нема ништо. Измислете приказна во која некое опасно чудовиште има позитивна страна. Дури кога ќе појдат во училиште, децата можат да сфатат дека нивните стравови немаат врска со стварноста и аргументите може да ги смират.

6. Ме болат нозете

Болките поради растот се јавуваат најчесто во претшколска и училишна доба. Точните причини зошто се јавуваат не се познати. Лекарите се сомневаат дека се предизвикани од хормоните за раст кои навечер засилено се лачат. Совет: Често олеснувањето настапува по нежни масажи или вежби за истегнувања. Болката ќе се намали и со ладни облоги. Ако и тоа не помогне, лекарите советуваат да му дадат на детето некој аналгетик. Ако болките продолжат и утрото, треба со лекарот да се разјасни за што точно се работи.

7. Не ми се оди на спиење

Промената е исто така забавна иако децата во принцип сакаат ритуали, ред и дисциплина. Ако немате структура, тогаш мали промени ќе го освежат ритуалот за одење на спиење кој може да стане здодевен. Секако, немојте да ја изоставите основната хигиена на телото, миењето заби, приказните за добра ноќ или песничките за детето да се смири и да биде во состојба да заспие. Но, повремено внесете и некоја нова активност, како цртање, игри со прстите, заедничко измислување приказни.

8. Вознемирен сум

И самите ќе забележите дека постои нервоза, па детето нема да мора ништо да ви објаснува. Понекогаш денот е исполнет со некои емоции кои децата ги бараат, тажни случки или грижи, па децата не можат да заспијат. Слично како и кај возрасните. Совет: Прашајте го детето што го мачи. Мирен разговор може да помогне за детето да го отфрли товарот што го носи. Ако не сака да разговара, не форсирајте, туку кажете му дека секогаш сте тука за него и дека може да ви каже што се случува кога самото ќе одлучи. Намалете ја вревата, намалете ја светлината, зборувајте со смирен глас, галете се и потоа целосно смирете се.

9. Гладен сум

Иако веќе не цицаат, на бебињата сè уште им треба галење со мајката пред да заспијат. Кога се будат во текот на ноќта, чувството за глад не е секогаш причина. Совет: Пред да воведете ноќно шишенце, со малку галење и нежност може да го заспивате бебето. Ако заспие, ќе го добие штом се разбуди утрото. Подобро понудете му на детето шише пред спиење (не со него да заспие), па потоа почнете со хигиената. Тоа е подобро и за здравјето на запчињата, а и за континуиран сон кој најмногу ќе го одмори.

10. Страв ми е од оној вонземјанин во цртаниот филм

Телевизијата и цртаните филмови не се мудар ритуал за заспивање. Дури и приказните што се наменети за возраста на децата можат да ги вознемират и да не им дозволат да заспијат, особено ако не го разбираат сето она што го виделе и слушнале. Совет: Телевизијата е дел од секојдневието, но тука не се работи за забрани, туку за подобар тајминг. Подобро е пред вечера да му дозволите на детето да гледа цртан филм, па да има доволно време да го обработи она што го видело и да ви постави прашања кои можеби го интересираат.

11. Посебни денови

Првиот ден во градинка, Божиќ, Нова година, прво одделение, роденден… Животот на детето е полн со различни пригоди. Тогаш е едноставно тешко да се заспие. Совет: Имајте разбирање и трпение.



912

X