Воспитување

Што ги поттикнува злонамерните зборови?

Секоја различност меѓу училишните деца може да стане повод за потсмев, остри коментари и заплашување. Најчести се коментарите поврзани со физичкиот изглед (поради дебелина, смешно име или презиме, голем нос, начин на облекување), а претставуваат дел од сечие воспитување.

Меѓутоа, одредени деца, без разлика на возраста, можат да бидат толку „инвентивни“ во таквите форми на изразување, што го загрозуваат идентитетот и интегритетот на другите деца, што е форма на вербално насилство.

Затоа, секој облик на потсмев, исмејување, навреди, сплетки, заплашувања и закани за физичко малтретирање – е аларм за предупредување за родителите на децата кои трпат насилство, а особено за родителите на децата кои вршат насилство.

Што ги поттикнува злонамерните зборови?

Грдите зборови, злобата, потсмевот и јавното истакнување на туѓите слабости се главно производ на длабока фрустрација и чувство на инфериорност на децата, кои можеби и самите се жртви на вербално (или физичко) насилство од нивните родители, како и на нарушен систем на вредности (ставен акцент на материјалните, а не на моралните и човечките вредности). Потсмев значи непочитување на другиот и потценување на вредноста што ја има, без увид во сопственото несоодветно однесување. На таквите деца обично им недостига емпатија (сочувство) за потребите и чувствата на другите, бидејќи честопати не се свесни за штетноста на нивното однесување. Суровоста на децата кои се вербални агресори често претставува копија на моделот на однесување на родителите, или вентил за „испуштање“ длабоко потиснат гнев и незадоволство. Кога детето не се доживува себеси како важно, тешко му е да го цени мислењето на другите и нивната важност, што е основа на исмејувањето и агресивното однесување.

Што треба да прават децата кои се погодени од туѓа злоба?

-Пред сѐ, не треба да обрнувате многу внимание на потсмевот, бидејќи тоа е единствениот начин да ги спречите таквите деца во нивните намери.

-Злонамерните зборови треба да се игнорираат бидејќи тие зборуваат повеќе за личноста која ги изговара отколку за личноста на која се упатени.

-Не треба да заборавиме дека агресивните деца се хранат со страдањата на другите.

-Нема потреба од повлекување. Треба да погледнете наоколу и да најдете деца со многу повеќе разбирање.

-Секогаш фокусирајте се на вашите сопствени доблести, а не на вашите недостатоци и не гледајте се себеси низ очите на вашите пријатели.

Ако вашето дете е свесно за своите вредности, ако се чувствува безбедно и сакано, нема да влегува во конфликти и ќе се справи со неуспехот без насилство.

Автор: Маријана Петровиќ/психолог

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top