Снус е вид на ситно мелен, влажен тутун кој обично се пакува во мали кесички кои личат на чај, се става во устата помеѓу непцата и образите, се вшмукува, што овозможува соковите што содржат никотин и други хемикалии да се апсорбираат преку мукозните мембрани на устата, кои продираат во крвотокот и се шират низ телото.
Формите за џвакање тутун се појавиле пред стотици години, но нивната употреба опаднала со појавата на цигарите во текот на 20 век. Во 70-тите години, повторно бил популаризиран од американските бејзбол-играчи кои мислеле дека е поздрав од цигарите. Причините зошто снусот е сè попопуларен меѓу возрасните е затоа што може да се користи на места каде што е забрането пушењето, не ги изложува другите луѓе на чад бидејќи нема чад, помала е веројатноста да се заболи од рак на белите дробови и е поевтин од цигарите.
Сепак, постојат различни здравствени ризици поврзани со употребата на снус. Постои поголем ризик од рак на усната шуплина (јазик, непца и образи), хранопроводот и на панкреасот, како и мозочен и срцев удар бидејќи предизвикува забрзан пулс, нарушувања на срцевиот ритам и зголемен крвен притисок. На забите се појавуваат жолтеникаво-кафени наслаги, тинејџерот може да има лош здив, а може и да се појават промени во бојата на непцата и заболување на непцата, а поради повлекување на непцата, може да дојде до паѓање на забите. Зависноста од никотин не е ништо помала од зависноста од цигари, таа има негативно влијание врз мозокот на тинејџерите, а може да доведе и до труење со никотин. Кај трудниците кои го користат може да дојде до предвремено породување, дури и до раѓање мртво бебе, а за време на бременоста влијае врз развојот на мозокот на бебето.
Покрај никотинот, снусот содржи и други хемикалии произведени при преработка на тутун, како што се нитрозамини, полициклични ароматични јаглеводороди, радиоактивен полониум-210 и штетни метали (арсен, олово, никел, жива, берилиум, кадмиум, хром, кобалт).
Некои видови снус содржат повеќе никотин од цигарите, создаваат поголема зависност и потешко е да се откажете од нив. Ако вашиот тинејџер користи снус, разговарајте за штетните ефекти и поддржете го да престане. Потребно е да воведе поголема физичка активност (одење во фитнес-сала, играње кошарка, возење велосипед итн.), пробајте некоја „замена“, на пример, гума за џвакање (гуми за џвакање без шеќер, семки од сончоглед, кокосови снегулки, суво грозје и друго сушено овошје) и разговарајте со лекар.
Автор: д-р Татјана Милошевиќ, педијатар
Извор
912