На мојот прв ден во школа за акушерство, директорката на програмата рече нешто што никогаш нема да го заборавам. Таа рече: „Над сè друго, како бабица, вие сте чувар на безбедноста“.

Оттогаш тоа беше дел од секој аспект на мојата практика како бабица: како се грижев за клиентите и нивните слатки бебиња, како носев одлуки за време на раѓањето, како пишувам за раѓањето. Научив дека значаен дел од мојата работа е да внимавам и на тоа како сите зборуваме за раѓањето. Бидејќи зборовите се навистина моќни – и има многу зборови што ги користиме во медицината, особено гинекологијата, кои не се од помош и може да бидат штетни: „геријатриска бременост“, „неуспех за напредок“, „некомпетентна матка“ и многу други.

За некои, се работи чисто за семантика, но јас сметам дека е многу повеќе од тоа. Зборовите што ги избираме се одраз на нашите верувања и приоритетите што нè опкружуваат. Кога станува збор за бременост и раѓање, нашите зборови одразуваат општество кое не им верува не жените. Затоа е време критички да се пристапи кон користењето на јазикот и начините на кои нашите зборови може да им наштетат на жените. Фраза која избрав да ја елиминирам е „природно раѓање“. Знајте дека ако изберете да ја користите, ќе ве поддржам (јас сум бабица, тоа е моја работа). Се работи за ваше породување, па вие избирате со кои зборови ќе го опишете. Но, еве зошто јас нема да ја користам таа фраза.

„Природно раѓање“ изгледа невино на почетокот, обично се користи за да се опише вагинално породување без медикаменти. Се имплицира дека раѓањето се одвива без лекови или интервенција, па може да се каже дека се одвива како што природата налага. Како бабица, го разбирам и поддржувам движењето за употреба на помалку интервенции кога е безбедно така да се случи.

Но, еве каде е проблемот: Ако породувањето без лекови е природно, дали тоа значи дека породувањето со царски рез или со лекови е „неприродно“? Бидејќи одбивам да кажам некому кој само што имал породување – на личност која во себе растела дете и го донела на свет преку сопственото тело – дека нејзиното искуство е нешто помалку од она што природата може да го даде.

Да, ако имале епидурална.
Да, ако нивното бебе било родено од телото на друга личност и му се приклучило на семејството преку посвојување или сурогат-мајчинство.

Кога бебе се раѓа – без разлика на кој начин – земјата се поместува.

Ново човечко битие е донесено на свет, да постои, да создаде приказна, да го промени сегашниот тек на историјата. Лицето кое ја донело таа сила на светот е персонифицирана природа. Кога ќе помине низ породување, тогаш таа личност е најмоќна и најранлива. Зборовите околу неа стануваат нејзин внатрешен глас, па ние, бабиците, треба да бидеме нивни чувари на сигурноста. Мора да ги заштитиме од зборовите што внесуваат сомнеж и да ги опсипеме со зборови кои инспирираат сила. Во природниот тек на животот заедниците се составени од оние што раѓаат и нивните бебиња. Не треба да им создаваме чувство на вина за начинот на кој родиле, туку треба да ги поттикнеме да се чувствуваат како вистински воини поради тоа.

Со лекови или без.
Со царски рез или вагинално.
Раѓањето е над нашата способност да го опишеме со зборови. Па да бидеме внимателни во нашите обиди.

Автор: Дајана Спалдинг

Извор



912

X