Оваа состојба сè повеќе се појавува кај мајките со новороденчиња и токму поради тоа го добила името „мама-палец“.
Најпрво да ги објасниме овие структури во нашето тело:
Тетива – дебела структура слична на јаже, која има главна функција да ги поврзува коските со мускулите за да овозможат нивно движење.
Синовија – тенок, лизгав слој на меко ткиво што ги покрива тетивите, овозможувајќи потоа лесно да се движат низ фиброзна тетива обвивка.
Теносиновиум – тетивите се покриени со ткиво, односно преку теновиновиумот тетивата го олеснува движењето низ тесен простор.
Постојат тетиви кои се протегаат по страната на палецот на рачниот зглоб, кои поминуваат низ мал, тесен простор, во непосредна близина на коската на подлактницата – радиус, кои имаат директна функција, виткање или повлекување на палецот нанадвор. Со репетитивна употреба на палецот или во некои случаи специфична повреда, тетивите се инфламираат, со што се намалува просторот за нивно движење, што секундарно доведува до зголемување на триењето на тетивата, а тоа предизвикува болка. (Тетивите на екстензор полицис бревис и aбдуктор полицис лонгус поминуваат низ заедничка тетивна обвивка. Секоја причина која доведува до зголемување на тетивите или намалување на просторот на нивно движење, може да доведе до оваа појава).
Палецот на мајката може да се развие во последниот триместар од бременоста, кога мајките обично искусуваат зголемена задршка на течност, што може да доведе до појава на оток во раката и зглобот. Тоа најчесто се должи и на хормоналниот дисбаланс кој се случува во текот на бременоста. Најчеста состојба која ги зафаќа раката и зглобот за време на бременоста е синдромот на карпален тунел. Обично овие состојби се решаваат по бременоста, бидејќи отокот значително се намалува. Маминиот палец обично се развива веднаш по породувањето, но најчесто се појавува во текот на првата година од животот на новороденчето, од силно или повторувачко фаќање или кревање на доенчето.
ЕТИОЛОГИЈА
Како и кај многу нарушувања на раката и зглобот, стенозирачкиот теносиновитис на Де Квервен најчесто е предизвикан од повторлива употреба, траума или кој било друг процес што може да предизвика воспаление. Теносиновитисот на Де Квервен обично се нарекува „мама палец“ бидејќи е 10 пати почест кај жените, а активностите како што се подигнување саксии за градинарство, намирници и мали деца на седишта за автомобил може да предизвикаат симптоми.
Болката на страната на палецот на зглобот се зголемува со флексија (виткање) или екстензија (исправање) на палецот. Болката може да ирадира и до врвот на палецот или, пак, сè до подлактницата. Примарните симптоми, кои се резултат на постојното воспаление, вклучуваат болка, осетливост и отекување на зглобот под палецот. Како што напредува состојбата, движењето на палецот може видно да се намали.
КЛИНИЧКИ ПРЕГЛЕД
Покрај комплетната историја, вклучувајќи активност, појава на болка и симптоми, лекарот ќе изврши и клинички преглед. Знакот на Финкелштајн често се користи за да се дијагностицира оваа состојба. Палецот се опфаќа со другите прсти и од испитувачот се бара така опфатената дланка да ја насочи нанадвор, односно да направи улнарна девијација. Ако болката се зголемува кога раката е во таа положба, тогаш тестот се смета за позитивен.
ТРЕТМАН
Почетниот третман се состои од одмор во период од околу четири недели. Палецот и зглобот се имобилизирани во ортоза која се носи постојано, освен при туширање или миење раце. Ибупрофен или други НСАИЛ (нестероидни антиинфламаторни лекови) може да се земаат за да се намалат болката и воспалението. Во некои случаи, еднократна инјекција на кортизон може да се администрира на местото на болка за да се ублажат симптомите. Физикална терапија потоа се користи за враќање на опсегот на движења. За жал, 50% од случаите бараат хируршка интервенција.
Во тешки случаи и оние што се рефрактерни, односно не реагираат на таблетарна аналгетска терапија, може да се индицира минимално инвазивно хируршко ослободување на тетивната обвивка. Операцијата за декомпресија го намалува притисокот врз погодените тетиви. Времето за закрепнување е околу 4-6 недели.
Автор: д-р Корнелија Ѓорѓиеска, лиценциран доктор по општа медицина
912