Игротека

Што е „глад за допир“ и зошто родителите на момчиња не треба да одбегнуваат да им покажуваат нежност?

Момчињата не плачат, нели? Тоа го знаеме одамна. Тие не зборуваат за чувства. Можат да чувствуваат лутина, среќа, љубомора и тука некаде завршува листата. Девојчињата, пак, се нежен пол, тие смеат да плачат, да гушкаат и да изразуваат што чувствуваат. Момчињата не. Освен кога слават победа во фудбал или некој друг спорт. Тогаш е дозволено.

Не го правиме тоа свесно, но правиме штета

Овие ставови не ги практикуваме свесно, туку тие се вградени длабоко во нашиот начин на размислување и однесување. Толку се длабоко вкоренети што веќе ни изгледаат нормално. Секако, не се однесуваат на сите, но доволно луѓе ги прифаќаат за тие да предизвикаат сериозни последици и експертите сега сè почесто го нагласуваат тоа.

Проблемот што сè повеќе се истакнува е дека не треба да се прегрнуваат и бакнуваат, што може да има долгорочни последици врз нивниот развој и менталното здравје. Овој недостаток денес се нарекува „глад за допир“, а некои го нарекуваат и „глад на кожата“.

Што е глад за допир?

Глад за допир се јавува кога личноста не добива доволно физичка нежност. Таквите лица се почувствителни на осаменост, депресија, зголемен стрес и анксиозност. Недостигот на физичка близина влијае и врз нивните идни емотивни врски.

– Заклучокот е: допирот нè одржува живи. Тој е клучен – вели Мајкл Томпсон, доктор на науки и клинички психолог. Затоа контактот кожа на кожа веднаш по раѓањето е стандардна практика и му помага на новороденчето да се чувствува безбедно и поврзано.

Зошто е ова почесто кај момчињата?

„Гладот за допир“ е почест кај момчињата поради крутиот концепт на машкост кој не дозволува емоционална и физичка блискост. Звучи неверојатно, но многу момчиња не добиваат доволно допир без оглед дали тоа е од родители, старатели, наставници, пријатели или други блиски лица.

– Човечките суштества имаат постојана потреба од допир. Но, кога ќе им покажеме на момчињата дека тоа не е „машко“, тие ќе го прифатат тоа. Несвесно ги тренираме да бидат осамени каубои – вели Томпсон.

Опкружувањето го поддржува истиот модел

Дополнителен проблем е тоа што и момчињата и родителите се изложени на истите шаблони преку медиумите и општеството во целина. Иако родителите не можат секогаш да ги спречат овие културни пораки, можат да создадат баланс во домот.

Како да им помогнете на момчињата?

Кога момчињата не добиваат основен човечки допир, почнуваат да го бараат на несоодветни, а понекогаш и агресивни начини. Можат да удираат пријатели „во игра“, да бидат раздразливи, анксиозни, повлечени или да не умеат да се смират. Без допир, светот не изгледа безбеден. А позитивниот допир никогаш не е премногу.

Како да се справите со ова?

Почнете од себе – ослободете се од непријатноста

Ако детето почувствува дека родителот не се чувствува удобно да изразува нежност, може да развие одбивност кон позитивниот физички контакт.

Користете допир за смирување и поврзување

Нежниот допир смирува и често е поефективен од обидите за разговор или решавање проблем.

Пронајдете го допирот што му одговара на детето

Може да е прегратка, држење за рака, рака околу рамото, милување по грб или главата.

Вклучете допир во секојдневието

Ако секоја вечер читате заедно, претворете го тоа и во време за милување. Бидете пример за пријателска приврзаност и покажете дека е во ред да се прегрне пријател, братучед.

Разликувајте непријатност од страв

Некои момчиња не сакаат одредени видови допир. Некои се плашат од исмејување. Разговорот може да ги разјасни границите и да нормализира здрав физички контакт.

Договорете се кога и како

Ако детето не сака наклонетост на јавно место, пронајдете компромис. Прашајте го што му одговара.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top