Личноста со ова нарушување е целосно посветена на намалување на туѓата агресивност и на обидите другите да ја прифатат: во детството секогаш му дава предност на братот, сестрата или на врсниците, а ја намалува важноста на своите успеси

Истражувачите на човековата психа често за одредено човечко доживување наоѓаат основа во психологијата на ликовите од античките митови. Античките описи на различни заплети во човековата психа и во меѓучовечките односи станаа темел за разбирање на современиот човек. Покрај Едиповиот и комплексот на Електра, има и цела низа други психички комплекси.

Некои од приказните во Стариот Завет исто така послужиле за дефинирање на одредени душевни состојби, а меѓу нив е и приказната за братоубиството. Како што на повеќето им е познато, двајца браќа, земјоделецот Каин и сточарот Авел, плодовите од својата работа му ги принеле на Бог како дарови. Бог ги зел даровите на Авел, а ги одбил на Каин. Бидејќи чувствувал дека е неправедно отфрлен, во афект на љубомора и омраза Каин го убил својот брат.
Врз основа на оваа старозаветна приказна настанале поимите Каинов комплекс и помалку познатиот Авелиев комплекс.

Непријателски односи во домот

Кога оваа библиска приказна ќе ја пренесеме во секојдневниот живот, во односот меѓу родителот и неговите две деца, добиваме односи на љубомора и омраза меѓу браќата и сестрите, значи меѓу оние што, според природата на нештата, би требало да се сакаат, а тие чувства се предизвикани и поткрепени со нерамномерното изразување на родителската љубов.
Кога родителите имаат две или повеќе деца, тогаш меѓу нив се јавува љубомора. Првин постарото дете е љубоморно на помалото и го доживува како некој што му ги украл родителското внимание и љубов. Подоцна помалото дете е љубоморно на постарото затоа што постарото е поспособно и му се дозволени некои работи штонему не му се.
Кога се три деца, тогаш во посебна позиција е средното дете, кое истовремено е љубоморно и на помалото и на постарото дете. Ако децата се од ист пол и ако разликата во години меѓу нив е помала, тогаш проблемот е поизразен.
Родителите сакаат помеѓу децата да постои чувство на припадност и љубов и на различни начини, повеќе или помалку успешно, се борат децата да го надминат чувството на љубомора и да развиваат пријателски односи меѓу себе. Кога нема целосно да успеат во тоа, постои опасност меѓу децата да се развијат амбивалентни односи, т.е. односи во кои постои и љубов и омраза, наизменично пријателство и непријателство или, пак, може да настанат отворени и директни непријателски односи. Тогаш постои ризик кај децата да се појават Каинов и Авелиев комплекс.
Личноста со Каинов комплекс верува дека секогаш мора да биде подобра од другите, дека секогаш мора да добива внимание и љубов, а кога тоа нема да биде така, има силно чувство на љубомора, завист или омраза. Поради тоа, таа реагира со отворено или прикриено непријателство кон својот ривал.
Кога личноста пати од Авелиев комплекс, прави се за да не биде отфрлена и „убиена“ од страна на братот, сестрата или од врсниците. Целото нејзино однесување е посветено на намалувањето на туѓата агресија и создавање атмосфера за прифаќање од другата страна. Во детството таа секогаш му дава предност на братот или сестрата, се труди да биде поуспешна од нив, им прави разни услуги, им подарува играчки, ја намалува важноста на своите успеси, а се воодушевува на туѓите, иако туѓите достигнување може да бидат помали од нејзините.

Безбедно во „златната средина“

Овој однос, кој често се изградува во семејството, детето го пренесува и на врсниците од одделението. Затоа тоа не се истакнува, не сака да биде поубаво облечено од другите, ниту да биде поуспешно. Тоа на сите начини се стреми кон сигурноста на „златната средина“ зашто како што за него е опасно да се истакнува на позитивен начин исто така е опасно и да се истакнува на негативен начин. Кога ќе порасне, продолжува да се однесува на ист начин, избегнувајќи ја можноста да биде отфрлено.
Родителите често сметаат дека за развојот на детето е пресудно нивното влијание врз детето, заборавајќи дека врз него влијае и односот со братот или сестрата, како и со врсниците. Затоа, кај децата што се тивки и невидливи, кои се плашат од истакнување и од успех, треба да се помисли на Авелиев комплекс. Реалноста на детскиот свет е дека сѐ додека има разни Каини, ќе има и разни Авелии, а решението е детето да го надмине стравот од отфрлање и подобро да се справува со непријателството од врсниците, а кое извира од завист и љубомора.

 



912

X