Навистина наставниците што се однесуваат лошо или лошо работат се ретки, но постојат. Повеќето наставници денес мора да имаат факултетско образование и да завршат менторирани студентски стаж пред да можат да предаваат. Патот да станат професионален, овластен наставник е доволен предизвик за да ги запре повеќето луѓе што не ѝ припаѓаат на професијата да станат редовни наставници.

Сепак, некако, некој што не е способен да биде наставник ја добива таа позиција. Ако вашето дете има наставник што лошо се однесува, тогаш веројатно сте загрижени за тоа што вашето дете ќе научи и какви искуства ќе има на часовите.

Чекори што треба да ги преземете

Постојат неколку чекори што можете да ги преземете за подобрување на ситуацијата. Дел од она што можете да го направите е да ги обезбедите вистинските повратни информации до училиштето. Другиот аспект вклучува да го искористите најдоброто од она што го имате – животна вештина што ни е потребна. Понекогаш не го добиваме она што го сакаме.

Изборот на најдобри стратегии кога нешто не одговара на нашите очекувања може да нè подготви и нас и нашите деца за предизвикувачките проблеми со кои може да се соочиме во иднина.

Добијте ги сите информации

Обично родителите што се грижат дека нивното дете има наставник што лошо се однесува го прават тоа поради две причини – или вашето дете дошло дома од училиште раскажувајќи ви приказни за својот ден или сте слушнале ужасни приказни од други родители. Во секој случај, треба да запомните дека вие не сте сведоци на она што се случува во училницата. Исто така, имате ограничена гледна точка за она што се случува.

Вашиот прв инстинкт може да ве натера веднаш да скокнете и да направите промени – немојте. Мора да застанете и да се обидете да откриете што навистина се случува. Приказните што сте ги слушнале од вашето дете или од пријателите може да не се целосни или да не се реални.

Можеби вашето дете погрешно го разбрало она што го кажувал наставникот или можеби повторува глупава шпекулација што кружи помеѓу децата. Можеби вашите пријатели, кои не го сакаат наставникот, не сакале да земат предвид дека нивното дете предизвикува проблеми на училиште.

Совети за собирање информации

Поставете му на детето отворени прашања за да соберете клучни информации. Избегнувајте прашања со да/не одговор зашто не ги опишуваат околностите. Прашајте го:

„Што се случи денес на училиште?“
„Што се случи откако/пред тоа?“

Не обидувајте се да претпоставувате или да погодувате, ниту да давате предлози за тоа што се случило бидејќи така можете да го збуните детето.

Внимавајте што кажувате

Во раните фази треба да бидете внимателни да не кажете ништо негативно за наставникот. Децата се чувствителни на ставовите на нивните родители за наставниците и образованието. Дури и ако не се согласувате со она што го прави наставникот, сепак, сакате вашето дете да има почит кон наставниците и училиштето.

Идентификувајте го вистинскиот проблем

Предавањето е исклучително наградувачка кариера. Но, и стресна кариера и полна со промени. Дури и талентираните наставници може да имаат лош ден и да направат грешки. Постојат одлични наставници, наставници на кои им е потребно охрабрување за да се подобрат.

Четири вида наставници кои несоодветно се однесуваат

1. Досадниот наставник: Овој наставник зборува одредено време и потоа дава работни листови и тоа е тоа. Модерните наставници држат предавања и даваат работни листови, имаат практични задачи, проекти, групни дискусии и ги инспирираат своите ученици.

2. Наставник без контрола: Овој наставник нема контрола врз учениците. Учениците зборуваат, па дури и фрлаат работи за време на часот. Родителите слушаат различни приказни од нивните деца за овој наставник. Некои ученици го сакаат овој наставник, но не знаат што треба да учат на неговиот час. Други ученици може да се жалат дека за време на часот е многу бучно.

3. Злобен наставник: Овој наставник верува дека децата постојано се обидуваат да искористат некаква предност. Тој ретко или никогаш не прави исклучоци за учениците на кои навистина им е потребна помош. Тој воопшто не соработува, им вика на децата, ги превртува очите кога го прашуваат нешто и се чини дека не ги сака децата.

4. Наставник кој не ги учи децата: Материјалот што го предава овој наставник нема длабочина. Детето може да се жали дека е досадно или дека е премногу лесно. Ќе забележите дека училишната работа на вашето дете е многу полесна отколку што била во минатото.

Некои наставници што се под стрес или имаат лош ден накратко може да спаѓаат во една од овие категории.

Ако сте загрижени во врска со наставникот на вашето дете, но не е толку сериозно, тогаш добро би било да разговарате со него на конструктивен начин за да се решат проблемите. Ако проблемите се сериозни и постојани, тогаш обидете се со следново:

Приближете му се на наставникот на дипломатски начин

Добро е да имате позитивен однос со наставникот бидејќи ќе му предава на вашето дете во текот на целата учебна година. Истото важи и за училиштето, бидејќи тоа е место каде што вашето дете ќе биде секој ден во текот на учебната година.

Акциите што ќе ги изберете треба да бидат насочени кон реализирање најдобри односи помеѓу училиштето, наставникот, вашето дете и вие.

Одлука: Какви акции ќе преземете

Користете го она што сте го научиле досега за да одлучите што ќе направите. Запомнете дека можете да научите повеќе за ситуацијата ако се обидувате да ја решите.

Наставниците продолжуваат да учат и да се менуваат во текот на нивната кариера. Во првите три години наставниците се навикнуваат на професијата. Тие дури и можат да се подобрат доколку добијат повратна информација.

Кај наставниците-ветерани кои со години предаваат постои поголема веројатност да одбијат да се променат. Овие акции ќе им помогнат на наставниците што сакаат да се подобрат.

Помогнете му на вашето дете да го реши проблемот

Предложете му на детето начини на кои може да ја подобри ситуацијата. Ако наставникот не одговори на прашањата, дали вашето дете може да го најде одговорот во учебникот, од  соучениците, на интернет или во белешките? Ако часот е хаотичен, дали вашето дете може да се повлече во потивко катче од просторијата за да ја заврши работата? Ако училишната работа е досадна, тогаш вашето дете може да му предложи на наставникот да прават проекти.

Разговарајте со наставникот

Закажете време за разговор со наставникот. Најдобро е тоа да го направите лично. Смирено кажете му на наставникот што ви кажало вашето дете и дајте му можност на наставникот да одговори. Бидете внимателни како го презентирате она што ви го кажало вашето дете без да има нота на обвинување.

На пример, можете да кажете: „На син ми му се чини дека не го сакате, тој вели дека кога бара помош од вас, вие ги превртувате очите и му велите да се обиде. Се чувствува изгубен во математиката“.

Наставникот може да има различно објаснување за настаните. Можеби не бил свесен за јазикот на телото и можеби ќе се смени откако ќе слушне како се чувствувал ученикот. Ефективниот наставник ќе може да објасни што се случило или можеби ќе ги искористи повратните информации за да направи позитивни промени.

Ако ништо друго, наставникот ќе стане свесен дека вашето дете зборува со вас за она што се случува на училиште, па може ќе внимава кога е близу детето.

Разговарајте со директорот

Ова е последното и крајното решение.

Разговарајте со директорот само ако сметате дека не постои начин како да го решите проблемот помеѓу вашето дете, наставникот и вас.

Бидете подготвени да останете смирени и да се држите до објективни факти. Почнете со тоа што ќе кажете што е проблемот. Бидете подготвени да објасните од каде го знаете тоа што го знаете. Кажете што се случило и кажете ги ефектите од настаните.

На пример: „Часот на господин Смит е бучен и моето дете не може да учи. Неколку пати моето дете ми кажува дека се чувствува под стрес поради вревата и не може да заврши никаква задача“.

Не очекувајте директорот да навлегува во специфични детали за тоа како планира да го решава проблемот со наставникот. Какво било дисциплинско дејствување е кадровско прашање.

Она што ве интересира е дали ситуацијата се подобрува за вашето дете. Ако не се подобри и чувствувате дека не може да се толерира во остатокот од учебната година, побарајте промена на наставникот или на училиштето.

Побарајте промена на наставник или училиште

Ова апсолутно треба да биде последна опција. Промената на класот значи приспособување кон нови соученици, нов наставник и нови правила во училницата. Некои училишта нема да обезбедат друг наставник поради ограничување на персоналот. Така ќе ви остане единствената опција за промена на училиштето, што бара уште поголема промена и транзиција.

Ако не можете да го промените наставникот или училиштето, обидете се да ги пополните недостатоците на друг начин. Земете тутор кој ќе му помогне на вашето дете. Ова ќе му помогне да биде подготвено за следната година со различен наставник.

Разговарајте со детето за повеќето училишни задачи

Размислувањето за материјалот што треба да го учи може да ја поттикне љубопитноста кај вашето дете. За да го поттикнете детето да учи, поставете му прашања со кои ќе го натерате да размислува на подлабоко ниво.

„Дали можеш да ме научиш тоа што вие го учевте денес?“
„Што друго те интересира за тоа што научивте?“
„Како мислиш дека може да ти користи тоа знаење во иднина?“

Не само што разговорот ќе го поттикне да учи туку и ќе обезбеди информации за она што се случува во училницата.

Имајте на ум дека иако целата учебна година со неефикасен наставник е далеку од идеална, тоа не е крај на образованието на вашето дете. Другите учебни години ќе донесат различни наставници во животот на вашето дете. Важно е да го гледате ова како лекција за тоа како да се справите со тешки или помалку идеални ситуации. Вашето дете порано ќе научи како да се справи со тешки луѓе, вештина што може да му биде многу корисна во текот на животот.

Извор/Автор: Лиса Линел Онсел



912

X