Вообичаено родителите ги чуваат кибритчињата, запалките, сите лекови, хемикалиите за домаќинство, острите и ситни предмети подалеку од децата. Батериите, особено малечките во форма на копчиња, можат да станат извор на голема неволја за детето. Тие се многу опасни. Кога ќе влезе во телото, батеријата, по правило, не излегува природно и останува во гастроинтестиналниот тракт, предизвикувајќи сериозни проблеми: оксидира, се залепува за ѕидовите на внатрешните органи (хранопроводот, желудникот, цревата) и ги кородира. Покрај тоа, токсичните компоненти на батеријата може да истечат во крвотокот. За отстранување на батеријата од стомакот на детето би била потребна операција, а со оглед на причинетата штета, повеќе од една.
-Имавме таков пациент – двегодишно дете пет дена имаше батерија во хранопроводот. Не можевме да ја отстраниме ендоскопски – беше премногу цврсто вградена во хранопроводот, а сите слоеви на органите беа засегнати. Беше неопходно да се изврши делумна ресекција на хранопроводот. Едноставно кажано, хирурзите го отстранија делот од хранопроводот каде што се сместила батеријата и предизвикала тешка изгореница.
Друг пациент кој проголтал батерија беше донесен во болница од неговите родители само еден ден подоцна. Гастроскопијата покажа дека самата батерија повеќе не е во стомакот – само изгорениците од неа. Рендгенот помогна да се „пронајде“ туѓото тело во тенкото црево. Детето е хоспитализирано – изјавил гастроентерологот Дмитриј Григориев од детската клиничка болница „Ивано-Матренински“ во Иркутск, Русија.
Како да препознаете дали детето проголтало батерија?
На почетокот, очигледните симптоми не се видливи. Детето може да продолжи да игра мирно и да дише нормално. Но, почнува да чувствува туѓо тело ако:
-има тешкотии при голтање
-почнува да кашла како да се задушува
-може да почне повеќе да се лигави
-понекогаш повраќа
-температурата се зголемува.
Кога треба да се однесе детето во болница?
Најважното нешто на што повикуваат лекарите е да не се двоумите ниту една минута и веднаш да го однесете детето во болница (дури и да не сте сигурни дека ја голтнало батеријата, мора да бидете сигурни дека сѐ е во ред). Батеријата почнува да оксидира во рок од два часа, па затоа е неопходно детето да се однесе во болница во првите два, максимум три часа.
Што е строго забрането ако детето проголта батерија?
Експертите предупредуваат:
-не чекајте туѓото тело да излезе самостојно
-не пробувајте ништо сами
-не предизвикувајте повраќање кај бебето
-и важно е да не му дозволите на детето да јаде или пие додека не биде прегледано од лекар.
Автор: Јасна Дреновац
912