За мотивацијата се зборувало толку многу во литературата, на семинари и обуки, меѓу колегите и родителите. Затоа текстот пред вас се однесува на некои аспекти за мотивирањето на детето што не биле толку пати споменувани. И затоа овој текст е наменет баш за вас, ако сте учител или наставник.
Се сеќавам добро на периодот кога бев ученик. Уште држевме часови со учителка, но задачите стануваа сè потешки. Добро го паметам денот кога ја повикав мајка ми да ми помогне бидејќи не знаев да решам една текстуална математичка задача. Тој момент не го помнам поради претешката задача за мене, туку поради тоа што на училиште отидов со порака од мајка ми во тетратка: „Драга учителке, дали се ова задачи за деца или за родители?“ Тогаш ни на крај памет не ми падна да размислам дали мојата мајка постапува правилно или не.
Сфаќам, таа била вклучена. Ако учителката не објасни, таа ќе објасни. Ако учителката не ме поттикне, мајки ми ќе го направи тоа. Но, што е со оние деца чии родители настапуваат со ставот: „Мене никој не ми помогна!“, или „Учиш за себе?!“
Да се разбереме веднаш, вклученоста на родителите е балансирање, барање средина помеѓу две крајности. Ако во практика забележите дека родителите речиси никогаш не се вклучуваат, дека се слабо заинтересирани и дека детето при учењето е препуштено само на себе, обидете се да навлезете во причините зошто е тоа така, но без осуда. Токму детето е тоа на кое треба да се фокусирате и да го поттикнете да го најде својот правец во учењето и работата.
Сигурни чекори во мотивирањето
Детето што нема голема поддршка дома, важно е да научи да се вреднува себеси. Тоа значи дека натпреварувањето со другите не е секогаш најдобро решение. Поздраво е детето да научи да се натпреварува и да се споредува само со себе низ различни временски периоди. Така, секој ученик може да постигне успех. Соработката може понекогаш да го реши проблемот на мотивацијата уште пред тој да се појави. Составете тимови кои ги сочинуваат подобри и полоши ученици. Потрудете се да ѝ дадете оценка на групата наместо на поединците и ќе ги видите резултатите. Наместо на грешките, фокусирајте се на она што е позитивно кај детето, на силните страни и доблестите. Кога ќе помогнете да се изгради самодоверба, детето полесно ќе премине на она што послабо му оди.
Направете им на децата услуга и претставете им го материјалот преку помали целини, таканаречени „залаци“. Ќе си ја олесните работата и себеси, а учениците полесно ќе постават цели и нема да развиваат страв од неуспех.
Уверете го детето дека можете да му бидете потпора. Тоа ќе го направите така што ќе ги индивидуализирате задачите и убедете го детето дека напорот и трудот водат до успех. Тоа е можно само ако целите ги поставите во согласност со реалните способности на детето. Послушајте и еден стар совет: при подучување секогаш појдете од она што е познато, а потоа воведете го непознатото. Тоа особено им значи на учениците кои сами учат. Тоа им го олеснува сфаќањето на поимите бидејќи им давате шанса да тргнат од сопственото искуство.
На крајот, важен е вашиот став. Обидувајте се да не ја мерите вредноста на детето како личност наспроти неговите способности и училишниот успех. Резултатите на задачите не зборуваат ништо за многу човечки квалитети. Ценете ги и едното и другото.
…и една магична состојка.
Покрај овие чекори што сигурно ќе вродат со плод ако ги примените, постои нешто што гарантира дека мотивацијата и вклученоста ќе го исполнат секој ќош од вашата училница. Таа тајна состојка е вашата волја. Ако покрај сè го сакате тоа што го правите и имате вистинска волја и желба да му помогнете на секое дете, тогаш е многу малку веројатно дека децата нема да го забележат тоа. Можеби сега си велите дека не е возможно секогаш да имате мотивација за работа со децата. Тоа е во ред. Затоа дозволете им на учениците, можеби баш и на оние помалку вклучените, да ве мотивираат, да ве поттикнат и да ви дадат идеја за работа. Училницата е само свет во мало во кој се поттикнуваме едни со други.
Мотивацијата раѓа мотивација и тука нема грешка. Децата се најдобар показател за тоа дали сме ги допреле нивните срца.
Потсетник
Сè на сè, кога зборуваме за мотивација за детето да учи и да се ангажира на училиште, не треба да заборавиме дека врз неа влијаат: (не)вклученоста на родителите, односот учител/наставник и родител исто така, семејната состојба на детето и многу други фактори. Во сето тоа најважно е на секое дете, без разлика од кое опкружување доаѓа, да му се даде шанса, повторно и повторно. Исто така, не е лошо повремено да се сетиме дека сите имаме предности и слабости и токму на тоа се темели учењето. Укажете му разбирање и мотивација на детето, а тоа ќе почне да расте, а и вие со самото тоа.
Автор: Тамара Костиќ, мастер психолог за образование