Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето дете има 3 години и пред неколку месеци тргна во градинка, но секое утро го поминуваме со плачење и противење да оди. Покрај тоа, стана многу нервозен, агресивен. Ако не го добие посакуваното, тој крши сѐ наоколу. Многу е поврзан со мајка му, дури не ѝ дозволува да направи чекор без него, а најголемиот проблем е што многу плаче. Немаме проблем со комуникација, тој е прекомукативен со секого, дури и наставничките во градинка ни велат дека тој ја забавува целата градинка и дека е сосема друго дете за разлика од утрото кога го оставаме. Ве молиме за совет како да постапиме со него, да не биде нервозен, да има желба да оди во градинка, како да го стабилизираме?

ОДГОВОР: Почитуван татко, вашата вклученост во адаптацијата на вашето дете во градинка има значаен удел во неговото поимање на светот надвор од семејството. Она што го кажувате за вашето дете е една силна поврзаност со мајката, од различни причини, не мора да е секогаш поради природната врзаност, може да е интензивирана и поради тоа што таа најмногу се грижела за него во периодот до градинка и сл. Вашето дете има поинтензивен афект во однос на околината, поотворено и поинтензивно ги изразува сопствените емоции и притоа нема толку увид во она како другите се чувствуваат и во границите што другите ги поставуваат. Така тоа сака да привлекува внимание и да манипулира на начини на кои може да го добие тоа што го сака. Од она што кажувате, во градинка ги забавува и така го привлекува вниманието, а вам и на вашата сопруга ви предизвикува лутина знаејќи дека не знаете како да му ги поставите границите, но и како да се снајдете со неговите емоционални реакции.

Многу е важно да истакнам дека нашите родители, како и во многу ситуации, се моделите и примерите по кои го моделираме или ограничуваме агресивното однесување кон себе и кон другите.
Бидејќи, вашето дете сега зачекорува во еден многу поголем свет, нормално е да е збунето и да ја покажува фрустрацијата почесто дома. Тоа значи дека се чувствува слободно да се изразува, но не значи дека таквиот израз треба да биде безграничен и целосно дозволен. Тој емотивен израз треба да е регулиран од ваша страна преку усогласени стратегии на родителствување, вклучително и за вака навидум лесна работа, поаѓање во градинка. Секако, потребна е рутина затоа што тоа му дава сигурност. Поради тоа, доколку вам полесно ви оди да се разделите од него, тогаш вие носете го во градинка, а сопругата нека го зема. И така треба да остане определен период, додека се осигури дека сѐ е ОК.

Потребно е да престанете да се плашите да ја покажете вашата асертивност кон неговите нервози и деструктивни однесувања. Што преземате доколку тој скрши нешто во лутина? Или доколку посегне да ве удри додека е нервозен? Во тој момент, многу е значајно да не дозволите да ве удри користејќи помек и поприсутен контакт, смирување на тензијата, препознавање и сочувство со неговата емоција на лутина и укажување на ефектот од смирувањето, поточно добивката со промена на стратегијата. Значи, за што и да се постигнува договор, потребно е родителот да е поблиску до детето и да оствари некаков контакт со него без присила, на пр., клекнување, со тресење на рамената и интензивен глас може многу да го уплаши или да го разлути уште повеќе, но клекнување, со поглед и допир на едната страна со лесен притисок на рамото, со нежно движење на раката и посмирен глас може да ја обезбеди таа присутност.

Смирувањето е вториот чекор откако контактот е направен, што значи смирување на емоцијата, тоа значи дека таа треба да пропатува однатре кон надвор, да излезе, веќе кога е генерирана. Можете да го направите со глас со тоа што изговарате силно брррр, или да ‘ржите заедно, па полека да го намалувате гласот. Ако гледате дека не ве следи, повикајте го заедно да го направите тоа… Силно ‘ржење и полека стишување додека никој не ве слуша… Можете и со движење на рацете, од силно тресење, полека да го стишувате тресењето… Ајде малку да се смириме заедно, еве и тато е со тебе, за да ни биде поубаво…Ајде заедно да го направиме тоа…
Откако ќе се смири, можете да му ја препознаете емоцијата и причината поради која настанала (тој нема да знае поради што настанала): „Ти сега беше лут на тато бидејќи треба да се спремиме и да излегуваме, а тебе ти се спие. Ок е да си лут на тато, тато е со тебе.“ Забележете и уважете доколку веќе е посмирен и кажете му го како некоја вештина… „Ти сега си многу посмирен и браво како успеа тоа толку брзо да го направиш. Колку е поубаво сега кога сме посмирени.“ Супер! (внесете малку возбуда) „Ајде сега заедно да се спремиме, тато за работа, ти за градинка… Што прво треба да направиме? (застанете како да не знаете и како да го прашувате да ви помогне) Те молам помогни ми, заборавив?“

Понекогаш можете да му дадете дополнително сочувство со тоа што ќе кажете некоја ваша приказна за лутината, додека ги правите подготовките за училиште. „Леле, да знаеш јас колку бев лут кога мене ќе ме разбудеа за градинка, исто како тебе, ама брзо ми минуваше затоа што убаво ми беше многу во градинка.“
Немојте да мислите дека сѐ може да се среди за кратки 10 минути, потребни се 20 мин. за да се смири и да се обработи одредена емотивна реакција, понекогаш и многу повеќе, зависно од комуникацијата во текот на збиднувањето. Вашето дете почнува да учи како да ги раководи емоциите и како поконтролирано да ги канализира кон другите, а учители сте му вие. Ако знаете дека детето се однесува нервозно насабајле, испланирајте вие да не сте во трчаница, да станете порано, да му внесете малку радост и ентузијазам, вие да сте спремни за него и неговото специфично однесување наутро. Многу е битно да се надополнувате со сопругата, поточно и двајцата да сте станати, и доколку едниот се изнервира од него и не може да ја среди ситуацијата, другиот да ја преземе ситуацијата на еден лесен и покомотен начин.

Доколку гледате дека почнува да се вознемирувате од неговото однесување, со мал гест побарајте ја сопругата да влезе на ваше место и со одвлекување на вниманието или со поголема смиреност да разговара со него. И многу е значајно да не се мешате сите одеднаш, туку да се вклучувате наизменично. Исто така, немојте да му нудите ништо друго со што би ја намалиле нервозата, да му давате мобилен телефон, да му пуштате телевизор, да го дефокусирате на милион начини пред да тргне во градинка. Многу е поубаво да го направите одењето на градинка на еден забавен начин и да се смеете наместо да трескате и да се лутите.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X