Кога децата ќе направат некое уметничко дело, на пример, ќе нацртаат нешто или ќе направат фигура од пластелин, родителите имаат два типични одговори. Од една страна, родителите со прекумерен ентузијазам велат: „Прекрасно! Ти си извонреден уметник! Ајде да го ставиме на ѕид!“, а од друга страна, постојат родители кои зјапаат и велат: „Што е ова?“

Експертите велат дека ниту една од овие две реакции не е корисна за младите уметници. Децата на кои им се даваат премногу пофалби стануваат нервозни и се под стрес да го одржат тоа високо ниво на пофалби, а потоа се обидуваат да прават работи што сигурно ќе им донесат успех. А ако постојано го прашувате вашето дете што е тоа, го принудувате да ја прифати идејата дека уметноста мора да биде нешто конкретно. Родителите на американскиот сликар Џексон Полок сигурно не го прашувале: „А каде е сонцето, а каде се облаците? А тревата?“

Наместо тоа, кога зборувате за уметничкото дело на детето, фокусирајте се на самиот процес на создавање, а не на крајниот производ. Она што треба да го направите е да им дадете повратна информација за нивното истражување во себе – без да бидете премногу критични, но исто така и без да ги туркате премногу во таа насока – оставајќи им простор да кажат нешто во разговорот. Она што тие самите го мислат за својата работа е многу поважно од она што вие го мислите.

Професорите по уметност даваат неколку примери за почнување разговор:

– Обидете се да зборувате за одделни делови од она што го направило детето. „Какви бои си искористил тука?“, а потоа нагласете: „Погледни ја црвената. А види ја и оваа сината. Дали има некаде кружни предмети на сликата? Или квадрати, триаголници?“

– Забележете колку напорно (внимателно, ентузијастички, долго) децата работеле.

– „Какво име би му дал на своето дело?“ Имињата можат да дадат сосема нова димензија на нивното уметничко дело. Исто така, со ова прашање го охрабрувате детето да размисли за главната идеја или концептот на делото.

– Охрабрете го детето да ви ја раскаже приказната за создавањето на тоа дело со цел да се поттикне развојот на креативноста.

– Прашајте го детето што му се допаѓа од она што го изработило. Овој вид разговор го проширува вокабуларот и го продлабочува разговорот.

Автор: Александра Ивковиќ
Извор



912

X