Во родителството влоговите се големи. Најголеми. Вие ја донесувате одлуката како ќе го воспитувате детето. Кои методи ќе ги применувате, вие избирате какви вредности ќе му пренесете и на кој начин. Кога тие методи во принцип се разликуваат од она што го прават поголемиот дел од родителите, лесно ќе се најдете во позиција да мора да се браните, особено кога луѓето околу вас отворено го преиспитуваат начинот на кој ги одгледувате децата.

А ако кажете дека се обидувате да воспитате емоционално здрави луѓе, а другите родители постапуваат различно, тогаш што тоа зборува за нив? Судирот е неизбежен.

И тоа е расправа во која никој не може да победи. Доказот дека сте завршиле добра работа воспитувајќи ги вашите деца е во иднината. Но, додека нечие тригодишно дете слуша без приговор кога мајка му и татко му го викнат или почнуваат да бројат до три, а вашето се расправа и кенка, тешко ќе ви биде да најдете логично оправдување за својот пристап. Вие, се разбира, можете да тврдите дека вашето дете ќе биде посигурен и посамостоен тинејџер, но каде ви е доказот за тоа?
А, што е уште полошо, кога другите го анализираат вашето родителство, тоа дополнително ги храни вашите стравови. Повеќето од нас не сме воспитани со нежни методи поврзани со родителството. Дали навистина правите добра работа избегнувајќи ја казната како дисциплинска мерка? Што ако го разгалите детето?

Еве што кажуваат децении на истражувања: На децата им се потребни граници и потребно им е да ги водите. Но, многу е поголема веројатноста дека ќе ги прифатат тие граници ако се чувствуваат сигурно и ако видат дека се трудите да ги разберете. Спротивно на тоа, истражувањата јасно покажале дека авторитетните родители воспитуваат деца кои се посклони кон бес, побуна, депресија, анксиозност. Родителите кај кои е карактеристично дозволувањето воспитуваат деца кои имаат многу повеќе шанси да бидат несреќни, егоцентрични, недисциплинирани, анксиозни – она на што мислат луѓето кога ќе речат дека некој е разгален.

Што можете да им кажете на сите оние што се грижат дека со вашиот начин на воспитување ќе го разгалите детето. Наједноставниот одговор би бил – никогаш не жалете се и никогаш не објаснувајте. Само насмевнете се и кажете: „Родителството е навистина тешка работа, зарем не?“ А себеси кажете си дека како родител сте се обидувале да се едуцирате, да го следите својот внатрешен глас и дека вашето дете ќе биде добро.

Но, што ако вашето дете било грубо кон друго дете, а неговите родители од вас очекуваат да ја поправите ситуацијата така што ќе го казните? Покажете дека е можно да се поставуваат граници и да се води детето со емпатија и разбирање.

1. Помогнете му на детето да ја поправи грешката

Ако вашето дете не сака да се извини, тоа направете го вие: „Жал ми е што си повреден. Дали си добро? Маја беше страшно лута и заборави дека мора да користи зборови. Знам дека подоцна кога сето ова ќе се смири, таа ќе умее да ја поправи грешката. Многу, многу ни е жал“.

2. Спротивставете се на потребата да го казните детето, но одведете го некаде за да зборувате насамо

Покажете разбирање за чувствата на детето, дозволете му да ја каже својата верзија и како се чувствува. Кога ќе се смири, прашајте го што би можело да направи за да ја поправи ситуацијата. Поправањето на грешките е многу поважно од казната во процесот на одгледување и воспитување.

3. Пред средбите со други луѓе зборувајте со своето дете

Обидете се заедно да воспоставите правила што имаат смисла токму за таа пригода, на пример:

– Секогаш да внимава на помалите деца.
– Кога мама и тато ќе го викнат, мора да дојде.
– Секој треба да стигне на ред во играта.
– Во ред е да не се согласува со некого, но секое незадоволство се изразува со зборови и со почит.

4. Не плашете се да поставите граници, но тоа направете го со хумор и топлина

Децата ќе бидат подготвени да соработуваат, а возрасните во вашето опкружување ќе видат дека не сте попустлив родител, туку само границите ги воспоставувате на различен начин.

5. Ако вашето дете има тантрум, тргнете го од туѓите погледи

Кога детето е изложено на пресилна стимулација, тантрумот веројатно ќе се случи. Она што во тие моменти им е потребно е да се чувствуваат сигурно и сакано, а не дека некој ги осудува. За да им обезбедите чувство на сигурност, потребна е приватност. Затоа немојте да се чувствувате непријатно и не извинувајте се заради своето дете. Само насмевнете се и на љубопитните набљудувачи кажете им дека набрзо сѐ ќе биде во ред, дека на вашето дете му требаат само неколку минути насамо со вас. И надминете го чувството на срам. Секој има тешки денови.

Ако и тоа не им биде доволно и продолжат да ве критикуваат, кажете им дека со задоволство ќе ги споредите резултатите од она што сте го правеле кога децата ќе дојдат во тинејџерските денови. Само тогаш може да се зборува за родителски (не)успех. На крајот на краиштата, децата воспитувани со поставени граници со разбирање и емпатија стануваат разумни, самодисциплинирани, среќни тинејџери. Тоа е навистина така!

Автор: А. Цвјетиќ



912

X