Секоја трудница се прашува како бебе од 3, 3,5 или дури 4 килограми успева да помине низ толку тесен породилен канал. Но, мајката природа, со причина, на доенчињата им дава мека глава (череп) која ќе се приспособи за да помине низ каналот. Главата на секое бебе, родено вагинално, се издолжува во текот на породувањето, но дури и најиздолжената глава се враќа во нормала за само неколку дена.
Како дише бебето?
Контракциите произведуваат механички и физиолошки промени кои помагаат да се подготви бебето за првото вдишување на воздухот. Фетусот не добива кислород надвор од мајката. Но, кога ќе се роди и кога ќе се пресече папочната врвца, посетлката веќе не може да ја завршува својата работа, па дишењето го преземаат белите дробови на бебето. Додека е во матката белите дробови на фетусот се исполнети со течност која им помага во созревањето. По породувањето, бебешките бели дробови почнуваат да примаат повеќе крв, додека во матката крвта, поради притисокот, ги заобиколува тие органи. Во текот на породувањето, притисокот во детските бели дробови опаѓа и крвта почнува нормално да циркулира низ нив.
Како се загрева бебешкото тело?
Како бебето кое доаѓа од опкружување со 36,8 Целзиусови степени се приспособува на температурата од породилната соба од 22 степени? Тироидната жлезда игра голема улога. При раѓањето нивото на хормони во тироидната жлезда кај бебето е многу високо. Тој пораст е предизвикан и со изложувањето на студеното опкружување и зголеменото ниво на адреналин. Зголемените нивоа на хормони во тироидната жлезда произведуваат топлина која е неопходна за новороденчето да ја регулира температурата надвор од матката.
Чувствува ли болка?
Лекарите велат дека новороденчето веројатно чувствува болка. Но, што точно чувствува во текот на породувањето и потоа сè уште е дискутабилно. „Кога би извршиле медицински зафат на бебе веднаш по раѓањето, тоа сигурно би почувствувало болка“, вели Кристофер Е. Колби, директор на неонатологија на клиниката „Мајо“ во Рочестер, Минесота. „Така, можно е бебето да чувствува болка додека поминува низ породилниот канал, но никој не знае со сигурност“. Ако кај бебето се појави болка, некои експерти ја споредуваат со чувство на постепено стискање.
„Тешко е да се каже што чувствува бебето. Но вашата болка и онаа на детето се сосема различни. Можно е неговата болка да е слична на чувството кога се обидуваме да се пикнеме низ некој тесен простор, нешто како чувство на компресија ако се најдете, на пример, под ограда“, вели д-р Ауербах.
Што може да чуе и да види бебето?
Баш како што не постои начин да се утврди каква болка чувствува додека патува низ породилниот канал, лекарите не се сигурни ни дали бебето слуша или гледа во текот на породувањето. Но, познато е дека има слушни способности дури и пред да дојде на свет. Го препознава звукот на гласот од мајката, што е составен дел од поврзувањето на родителот со детето. Бебешкиот вид пред раѓање е тешко да се процени. Но, откако ќе се роди, се знае дека видот прво му е матен и не може добро да фокусира. Кога е оддалечено 20 до 40 сантиметри од лицето на мајката, има способност да ги препознае цртите на лицето од мајка си, уште еден важен елемент на поврзување.
Како се движи во текот на породувањето?
Како што породувањето напредува, детето прави сè што може за да го поттикне процесот. За почеток, цервиксот се шири, а главата на детето влегува во породилниот канал. Новороденчето обично се извива и се врти во текот на породувањето, за да го најде најлесниот начин да се движи. Откако ќе излезе најширокиот дел од бебето, а тоа е главата, остатокот од породувањето треба да биде брз и лесен.

Како е со царскиот рез?
Колку искуството на раѓање бебе со царски рез се разликува од искуството на вагинално породување? Како прво, бебето што не излегло од породилен канал веројатно ќе се роди со тркалезна глава. Уште една клучна разлика: дишењето на бебето по раѓањето со царски рез може да биде побрзо и поплитко од дишењето на бебето родено вагинално. Тоа е затоа што контракциите на мајчината утроба во текот на породувањето, како и компресијата на сопствениот граден кош во породилниот канал, помагаат за исфрлање на течноста од белите дробови. Бебињата родени со царски рез може да имаат минлива тахипнеја или „влажни бели дробови“ и можеби ќе дишат побрзо и потешко додека течноста не се апсорбира. Добрите вести се дека проблемот обично се решава сам од себе, во рок од 24 до 48 часа.