Феноменот е веќе проширен, консолидиран и познат – зборуваме за комбинација од споделување и родителство, односно активноста на родителите на претерано и некогаш опсесивно споделување фотографии и слики од децата и нивните дневни активности. Овој феномен нè погодува сите, или речиси сите родители кои се технолошки писмени и храбри да ги споделуваат своите животни моменти на „Фејсбук“, „Инстаграм“ и други социјални мрежи. Сите сме свесни за живеењето во ера кога е поважно да се споделува отколку да се живее. Но, сè додека има свесност, избор и слободна волја, кои сме ние да им судиме на сите тие луѓе што сакаат да ги споделуваат сите важни моменти од животот? Сепак, ова се комплицира кога ќе се земе предвид изложеноста во медиумите, особено на децата.
Деца на социјални медиуми: фаза за која треба да се зборува
Децата не се фаза во животот на една двојка или индивидуа. Децата се луѓе со свои потреби, права, достоинство и сопствена приватност – кога ова ќе се согледа вака, тогаш доаѓаме до многу покомплексни сценарија. Знаеме дека сè додека децата се малолетни, родителскиот авторитет е задолжен за нивните права. Но, дали тоа значи дека родителите може да изберат дали ќе ги прават нивните деца интернет-ѕвезди без нивна согласност? И тогаш веројатно, пред таа камера, која стана интегрален дел од сечиј ден, децата исто така се забавуваат. Но, тоа не е поентата. Наместо тоа, ние треба да се запрашаме себеси дали 3 или 4-годишно дете е свесно за она што го прави. А сите го знаеме одговорот на ова прашање. Па следствено на тоа: колку е правилно родителите да ја имаат целосната слобода на избор кога ги споделуваат фотографиите од децата на социјалните мрежи?
Податоци од вистинска приказна
Објавени фотографии дури и од најинтимни моменти од животите на децата често нè смеат. Споделувањето е феномен кој е анализиран со години, па постојано се појавува истото предупредување – дека треба да се внимава на постојните ризици. Според студија спроведена од Лондонската школа за економија, 3 од 4 родители објавуваат фотографии и видеа од своите деца. Според истражување спроведено од Мичел К. Бартоломеј, истражувач на државниот универзитет „Охајо“, 98 проценти од родителите активни на „Фејсбук“ објавуваат фотографии од своите деца. Друго истражување спроведено во 2014 година од Универзитетот во Мичиген открива дека по 569 интервјуирани родители, 56 проценти од мајките и 34 проценти од татковците објавувале информации за своите деца на социјалните мрежи.
Родителите да стојат настрана
Дигиталната едукација е предмет на широка дискусија. Имаме уште многу за напредување на тоа поле, само помислете на феноменот „сајбер-булинг“. И покрај звукот на овие зборови, тоа не го менува фактот дека е присутно, и тоа во голема мера. Мајките и татковците знаат дека интернетот може да биде опасен и треба да се грижат за тоа што прави нивното дете со паметниот телефон и поврзаноста на интернет. Но, вистината е дека родителите треба да стојат настрана. Грижата за тоа што прави детето и негрижата за она што им се прави е парадокс. Студија спроведена од Дејвид Цино и Силвија Демози, објавена во „Журнал за семејна едукација“, открива дека 88 проценти од мајките што објавуваат фотографии од своите деца никогаш порано не ги консултирале децата, додека 87 проценти од нив веруваат дека објавувањето на материјалите е родителско право.

Приватност, ризици и модерниот парадокс
Има многу причини зошто родителите не треба да споделуваат и нема потреба од тоа да се прави листа, бидејќи модерната литература веќе го има направено тоа. Сите знаеме дека објавувањето фотографии може да биде цел на педофили, луѓе што крадат идентитети, сајбер-булинг итн. Аспектот кој сакаме да го расветлиме е волјата на децата, во општество кое изгледа дека заборавило на нив. Дали сме сигурни дека тие сакаат да бидат веб-ѕвезди и да се појавуваат во јавност по секоја цена? По податоците анализирани претходно, да се потсетиме дека добар процент од фотографиите објавени од родителите може да бидат засрамувачки за децата во иднина. Дополнително тука е и фактот дека голем број од децата дури и бараат родителите да не ги објавуваат нивните фотографии.
Што треба да сториме? Да престанеме да објавуваме сешто за нашите деца или да ги покриваме нивните лица со смешни емотикони за да покажеме дека се тука и растат? Го немаме конечниот одговор, но сепак е добро да се размисли за она што децата навистина го сакаат и им треба од нас како „држачи“ на нивните права, барања, потреби и обврски.
Автор: Иларија Барбароса