Многу родители чии деца одат во градинка се соочуваат со истиот проблем и истото прашање – што треба да направам кога детето не сака да спие во градинка?

Воспитувачките Јелена Колац и Матеја Мавринац од Хрватска за веб-страницата „Zadovoljna.hr“ зборуваат токму на оваа тема. Како што велат, пред сè, подобро е да се користи терминот дневен или попладневен одмор во разговорот со деца бидејќи не мора да значи спиење, но подразбира одмор од активното утро.

Исто така, треба да се земе предвид возраста на детето. Додека за најмладите од прва до трета година од животот се препорачува дневен одмор во форма на сон, кај постарите деца треба да се слушаат нивните желби и нивниот ритам.

Во продолжение се дадени неколку совети за надминување на овој проблем.

Откријте ја причината зошто детето не сака да спие

– Прво, важно е да се утврди причината поради која детето не сака да спие во градинка. На деца од една до три години им треба одмор и повеќето од нив имаат потреба од одмор. Доколку се случи детето да не сака да спие, обично нешто стои зад тоа. Искрен разговор помеѓу родителите и воспитувачите најмногу ќе помогне во решавањето на овој проблем. Кажете му на воспитувачот отворено дали детето лошо спиело во текот на ноќта, дали имало кошмари, дали легнало доцна, можеби слушнало додека родителите се расправаат и слично – вели воспитувачката Јелена.

Соработувајте со воспитувачите

Двете воспитувачки се согласија дека клучот за добар престој на децата во градинките е всушност добрата соработка помеѓу родителите и воспитувачите.

Адаптацијата во градинка е многу стресен период за секое дете, но исто така и за родителите и воспитувачите. Затоа е важно воспитувачот веднаш да ги знае вашите навики и рутини за одмор. Отворено кажете дали вашето дете сака галење, нишање или нешто слично што може да му помогне да се чувствува безбедно.

Нека ја носи со себе омилената играчка

Како што понатаму истакнуваат воспитувачките, многу е важно детето да ја има својата омилена играчка со себе бидејќи тоа ќе му даде чувство на сигурност. Без разлика дали е тоа ќебе, цуцла или мече, нека го носи со себе во градинка.

Почитувајте ги потребите на детето

Секое дете има свој ритам и свои потреби, дури и кога станува збор за спиење или одмор. Како што вели воспитувачката Матеја Мавринац, многу е важно родителот да ги почитува тие потреби. Иако е почесто на тригодишно дете да му треба повеќе сон отколку на шестгодишно дете, секогаш има помлади деца кои имаат помала потреба од сон и постари, како што се деца од предучилишна возраст, кои сепак треба да спијат во текот на денот. Родителите често велат дека детето нема потреба да спие, а потоа се случува тоа дете да заспие во градинка. Во повеќето случаи детето ги нема истите активности дома како и за време на престојот во градинката, па затоа се заморува повеќе.

Ако не сака да спие, подгответе го за тивки активности

Воспитувачката Матеја вели дека не треба да се присилува на попладневна дремка ако на детето навистина не му е потребна, туку треба да се подготви за делот од денот по ручекот што е резервиран за одмор.

– Во мешани групи во градинка честопати децата што спијат и оние што не спијат престојуваат во иста просторија поради просторните услови. Потоа, оние што не спијат се занимаваат со „тивки“ активности за да не ги разбудат другарчињата. Во таа смисла, и родителот и воспитувачот треба да разговараат со детето за тоа што не е соодветно – нагласува воспитувачката.

Бидете доследни со вашата рутина и во текот на викендот

Двете воспитувачки посочуваат дека рутината е многу важна за децата и дека родителите треба да ја применуваат и за време на викендот. Рутината е важна во играњето, спиењето, но и во ручекот.

Значи, поддржете ги најмалите, воспоставете рутини и сè ќе биде во ред.

Извор



912

X