Пред неколку дена две мајки беа многу вознемирени бидејќи нивните деца добиле по една шлаканица од друго дете ученик во прво одделение.
Што точно ги изненади мајките, и имам и немам одговор.

Ајде по ред…

Едното дете го пријавило инцидентот кај учителката, а второто го премолчило и го споделило само со домашните.
Ова можеби предизвикало шок бидејќи децата навистина се мали, но имајќи ги предвид сите изопачености во нашиот општествен, а пред сѐ во семејниот систем, за жал, е очекувано.
Што да се прави во такви ситуации, која е вистинската мерка за реакција? Би требало по овој ред, најпрво да се извести учителката, па во најдобар случај – случајот ќе се затвори. Веќе на првото скалило се јавува нејаснотија, учителката само два дена работи со децата бидејќи се работи за фамозна замена, за многу беден надоместок, како што сѐ функционира овде.
Значи, не ги познава децата, ниту родителите ја познаваат неа.

Следниот чекор, ако првиот не вроди со плод, е обраќање кон ПП-службата и повторно страв како потенцијалните реакции ќе се одразат врз децата, бидејќи тука има сешто, но најмалку доверба во искреноста да се реши предизвикот.
Ако се оди по поинаков пат, со враќање со иста мера на оној што те задева, уште подлабоко се тоне во базенот, а сите сме навикнале на различни стилови на пливање.
Одамна секое натпреварување во различни дисциплини не е фер.
Ако родителот ја земе работата во свои раце и покрај сите човечки начела му пријде на детето кое манифестирало агресија… Не оди тоа, навистина, не оди.

Разговори со детето, примери, глумење ситуации дома, е повеќекратно корисно, но дали е доволно?
Дали е доволно добро детето да се советува да го игнорира ударот, со јасно и кратко: „НЕ, не приоѓај ми!!!“
По мое мислење, комбинација од постојано наслушување, разговори, заедно со повеќе од јасно НЕ, би била најсоодветна заштита и денес и во иднина.

И двете споменати мајки имаат значително постари деца и ваквите ситуации им биле незамисливи на толку рана возраст. Значи, времето и околностите се промениле на полошо, и тоа е факт.
Тогаш, скромно да заклучам, семејството е светост, потребни се правила, граници, охрабрување, верба во младите суштества и никако реагирање „на прва“. Но лично, вистина е дека ми недостига трпение и разбирање дека на некое дете му е лошо во неговото семејство и затоа се празни на овој начин.
Дали сум дошла до некаков заклучок? Дали имам трошка мудрост да го напишам? Всушност, би рекла дека и порано децата се кошкале, паѓале и шлаканици, се корнеле за коса, но сето тоа спаѓало во детски истражувања и испитувања на лимитот. Тоа биле наивни борби, без вмешување на возрасните и на друго возрасно ниво. Мене синоќа мојата постара ќерка ми раскажа како си разменила шлаканици со својата другарка и сами го решиле тоа, само што разликата во годините не е занемарлива бидејќи се во петто одделение. Денес родителот често ги решава проблемите на своето дете и со тоа го онеспособува, а истовремено дома го охрабрува: „Удри го, никој не смее тебе да те задева“ и слично.
Чудно време дошло или ние сами сме го создале.

Затоа, да се сакаме и почитуваме, тоа е единствениот рационален излез и пат кон подобро.

Автор: Ивана Станисављевиќ



912

X