Воспитување

Шест тајни на холандското воспитување – овие деца се најсреќни на светот

Во 2007 година Холандија првпат беше наведена како најдобар пример за просперитет во детството. Во 2013 година беше објавен извештај на УНИЦЕФ, кој ги прогласи холандските деца за најсреќни во светот. Оттогаш Холандија секогаш е на врвот, заедно со Данска и Норвешка. Неколку други организации, вклучувајќи ја Акционата група за детска сиромаштија и Светскиот економски форум, исто така ги рангираа холандските деца неверојатно високо, во однос на чувството на лична среќа.

Како точно холандските родители ги воспитуваат најсреќните деца на светот? Постојат шест правила кои тие постојано ги следат:

Бебињата спијат доволно

Студија објавена во „Европскиот журнал за развојна психологија“ ги испитувала разликите помеѓу американските и холандските бебиња.

„Холандските бебиња се смеат и сакаат да се гушкаат повеќе од нивните американски врсници“, заклучиле истражувачите во 2013 година.

Според студијата, релативно мирното однесување на холандските доенчиња делумно се должи на регулираниот распоред на спиење и активностите со помал интензитет. Познато е дека американските родители ја нагласуваат важноста на стимулацијата, изложувајќи ги своите деца на широк спектар на нови искуства. Од друга страна, холандските родители се фокусираат на секојдневните активности дома. Посветуваат многу внимание на одморот и не се согласуваат на компромиси кога е во прашање спиењето. Тие веруваат дека добро наспаните бебиња овозможуваат добро наспани родители. Истражувањата покажале дека Холанѓаните спијат повеќе од кој било друг народ во светот, во просек – осум часа и 12 минути секоја вечер.

Децата поминуваат повеќе време со двајцата родители

Во 1996 година холандската влада им ги доделила на вработените со скратено работно време истите права како и на вработените со полно работно време, придонесувајќи за подобра рамнотежа помеѓу работата и животот. Културата за работа со скратено работно време е уште една причина зошто сите се толку посреќни таму. Со 29-часовна работна недела, Холандија ја има најкратката работна недела во светот, според студијата на ОЕЦД од 2018 година.

Речиси половина од возрасната холандска популација работи со скратено работно време, при што 26,8% од мажите работат помалку од 36 часа неделно и 75% од жените работат со скратено работно време – во сите сектори, од неквалификувани работници до професионалци.

Како и жените, така и мажите во Холандија ја вршат својата работа за четири дена. Ова им овозможува да посветат барем еден ден во неделата поминато со своите деца. Ова слободно време често се нарекува „Пападаг“, што значи „Ден за татковци“.

Децата чувствуваат помал притисок да постигнат подобри резултати на училиште

Во Холандија не е сè до високите оценки, елитните училишта и факултети. На образованието се гледа како на пат кон благосостојбата и личниот развој на детето. Во Холандија не ви требаат посебни оценки за да влезете во повеќето програми за високо образование – сè што ви треба е да ги положите вашите средношколски испити.

„Училиштата тука вложуваат повеќе енергија во мотивацијата отколку во постигнувањата. Успехот е она на што се фокусираат француските и англиските училишта, но нашето истражување покажа дека социјалните вештини се клучни за среќата. Тие се многу поважни од нечиј коефициент на интелигенција“, вели Рут Веенховен, професор по среќа на Универзитетот „Еразмус“ во Ротердам.

Децата се охрабруваат да го изразат своето мислење

Секој во семејството, вклучувајќи го и најмладиот, има свое мислење. Родителството засновано на преговори може да биде исцрпувачко бидејќи го тестира нашето трпение. Но, кога ќе му дозволите на вашето дете да преговара, вие го учите како да си поставува свои граници. Тоа е вештина која ќе му користи на секое дете кога ќе порасне.

Децата јадат чоколадни трошки за појадок

Чоколадо за добро утро? Холанѓаните велат да. Во оваа земја појадокот е „хагелслаг“, или чоколадни трошки, но зад овој појадок се крие подлабоко значење. Седењето на маса заедно како семејство, особено пред почетокот на денот, е рутина која во суштина го дефинира холандскиот семеен живот. Семејството не почнува да јаде додека сите, вклучително и децата, не се на маса. Тоа е знак на почит.

Според последниот извештај на УНИЦЕФ, 85% од холандските деца на возраст меѓу 11 и 15 години изјавиле дека појадуваат со семејството секој ден. Јадењето појадок со семејството е поврзано со подобри училишни перформанси и намалени проблеми во однесувањето, а истражувањата исто така, покажале дека тоа промовира семејно поврзување и здрав развој на идентитетот.

Децата се охрабруваат да возат велосипеди

Холанѓаните не се љубители на автомобили. Благодарение на рамниот терен и мрежа на велосипедски патеки, возењето велосипед е најпрактичниот и најефикасен начин за патување. Дури и кога врне или дува ветер, родителите и децата се облекуваат во топла, водоотпорна облека и чизми и се качуваат на своите велосипеди.

Возењето велосипед при сите временски услови е навистина искуство за градење карактер. Децата се охрабруваат да возат велосипед насекаде и во сите временски услови, бидејќи тоа ги учи на одлучност. Тоа ги учи дека животот не е секогаш сончев и полн со виножита. Тие учат да се соочат со дождот. Учат да не се откажуваат.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top