Воспитување

Шест прашања со кои детето ќе развие емпатија

Децата често се егоцентрични, особено на рана возраст, и иако тоа е нормален дел од нивниот развој, важно е да ги научиме на емпатија и емоционална интелигенција уште од мали нозе, за егоцентричноста да не се задржи и кога ќе пораснат.

Покрај одредени однесувања, овие шест прашања можат да му помогнат на вашето малечко да прерасне во емпатична личност со висока емоционална интелигенција.

„Како се чувствуваш?“

Најважната работа што можете да ја направите за да развиете емпатија и емоционална интелигенција кај вашето дете е да разговарате со него за чувствата уште од рана возраст. До четири години доволно е да разговарате со детето за четири емоции – среќа, тага, лутина и страв. Не треба да му држите предавања на вашето дете за чувствата, туку тоа нека биде дел од вашата нормална комуникација.

„Мама е тажна“, „Дали си среќен?“, „Дали твоето мече е луто?“, „Покажи ми како изгледа тато кога е среќен“, се некои од секојдневните реченици што можат да ви помогнат во разговорот и препознавањето на чувствата. Но, најважно е да му поставите на вашето малечко едноставно прашање: „Како си?“, бидејќи тоа ќе му помогне подобро да ги разбере и своите и туѓите емоции.

„Гледам дека си вознемирен? Ајде да разговараме“

Со оваа фраза ќе му дадете до знаење дека неговите чувства се важни и дека заслужуваат внимание. Во иднина детето несвесно ќе го следи вашиот модел на однесување, покажувајќи почит за туѓите емоции.

Покрај тоа, зборувањето за емоции им помага на децата да се слушаат себеси и подобро да ги препознаваат своите чувства, а исто така ќе ви помогне да изградите доверлив однос со нив.

„Што мислиш, како се чувствувал тој/таа во таа ситуација?“

Ако вашето дете веќе научило да ги препознава сопствените емоции, тогаш посветете поголемо внимание на разговорот за емоциите на другите, како и за причините зошто некој се чувствува како што се чувствува. На овој начин, малото дете ќе разбере дека постои причинско-последична врска во меѓучовечките односи, што е клучен дел од развивањето на емпатијата. Оваа практика може да помогне да се развие навиката детето да ги забележува и цени емоциите во социјалните интеракции, а со тоа да изгради добри, силни односи со другите.

„Дали се сеќаваш кога и ти се чувствуваше така?“

Оваа фраза ќе му помогне на детето да го поврзе своето искуство со тоа како некој може да се чувствува во моментот. На малите деца им е многу полесно да ги разберат туѓите емоции преку сопствениот пример – на пример, на детето ќе му биде многу полесно да разбере дека друго мало дете е вознемирено затоа што некој му ја зел омилената играчка ако го потсетите како се чувствувало и самото дете во таква ситуација.

„Што можеш да направиш за тој/таа да се чувствува подобро?“

Ова прашање ќе му помогне на вашето дете да разбере дека емпатијата не е само сожалување на некој друг, туку и помагање, ако е можно. Ова го учи детето да размислува за можните решенија во одредени ситуации и го поттикнува да им дава поддршка на другите. Најдобро е, сепак, да не предлагате можни решенија, туку да ги оставите децата сами да сфатат што можат да направат за некој друг да се чувствува подобро – цртање слика, правење колачиња со вас за пријател, извинување на некого…

„Во ред е да се биде лут или тажен во оваа ситуација“

Многу родители несвесно или од незнаење користат фрази како „не плачи“, „не срами ги мама и тато“, „однесувај се нормално“ и слично. Иако изгледаат безопасно, овие фрази всушност му испраќаат порака на детето дека неговите емоции се нешто лошо од кое треба да се срами и дека треба да ги задржи за себе.

Наместо тоа, важно е да му дадете до знаење на вашето дете дека не треба да ги потиснува своите емоции, туку да ги поддржува и да ги покаже.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top