Зборот „шеретинг“ го создале Американците кога ги споиле sharing – споделување и parenting – родителство

Родителите сè почесто ги гледаат своите деца само од страната на објективот. Прослави за први чекорчиња, прво запче, прв роденден… Сето тоа низ многу фотографии може да се види на профилите на социјалните мрежи. И многу повеќе. Детскиот живот често во детали е изложен пред сите. Она што го заборават родителите кога споделуваат фотографии и податоци за најмилите, е да се погрижат за детската сигурност и приватност.

Повеќето не ги знаат правилата за приватност

Секој човек одлучува на кој начин ќе се постави на социјалните медиуми. Изминатата деценија имаше цела низа трендови околу објавувањето – од селфи-фотографии во тоалети, разноразни предизвици, па сè до прекумерното објавување фотографии и видеа од родителите што се трудат да го „уловат“ секој момент од растењето на нивните најмили.
– Одговорноста да се биде активен на социјалните медиуми е индивидуална. Ова е многу важно бидејќи секој од нас има свој социјален медиум, свој профил и сам е свој уредник на него – вели Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми.
Разбирлива е љубовта на родителите кон своите деца и сосема нормално е да споделуваат фотографии од нивните најубави моменти.

– Сепак, балансот е најдобра опција. Ниту да се објавува премногу ниту да се плашиме да објавиме нешто – додава Кордалов.
Освен тоа што објавуваат интимни фотографии, родителите несвесно објавуваат и податоци за децата. Така, со честитање роденден ги откриваат и датумот и годината на раѓање, споделуваат информации за пријателите, а неретко објавуваат и информации за адресата на живеење или во кој град живеат.

Кога децата ќе се „доволно големи“ за сами да си ги водат профилите на социјалните мрежи исто така не внимаваат. Во водичот за родители за заштита на приватноста и личните податоци на децата на интернет од Дирекцијата за заштита на личните податоци стои дека дури 64% од родителите мислат дека нивните деца не се запознаени со политиките на приватност на социјалните мрежи што ги посетуваат.

Ризик и за здравјето и за безбедноста

Крадењето на идентитетот не е единствен проблем кај феноменот „шерентинг“. Објавените фотографии од децата можат да влијаат и врз други аспекти од нивниот живот. Социјалниот и психолошкиот аспект се исто така загрозени. Можеби за кај нас е невообичаено, но во светот има случаи кога деца ги тужеле своите родители затоа што не ги отстранувале објавените фотографии на социјалните мрежи.

Родителите им отвораат профили на своите деца пред дванаесеттата година, што може да биде опасно.
– Гордите родители мислат дека со објавувањето на сликите од децата ќе им дадат посебно значење, а кај децата тоа може да предизвика нарцистички и егоцентрични пориви, да мислат дека се поважни од другите – истакна д-р Ѓорѓе Хаџи-Ангелковски, психијатар.

Приватноста, заштитата, сигурноста и психичкото здравје на децата треба да им бидат на прво место на родителите, потенцираат психијатрите и психолозите, а не лајковите.
И конечно, никако не смее да се заборави една од најголемите опасности – педофилите, кои може да се кријат зад секакви профили.



912

X