Намалена е и потрошувачката на суплементи и витамини во споредба со претходно, од она што јас го имам како информација. Дел од тие препарати се премногу скапи и тоа веројатно е причина што не ги купуваат иако на почетокот луѓето купуваа сѐ што ќе прочитаа на интернет или ќе чуеја дека помага за ковид-19, вели д-р Христова.

Амбулантите на матичните педијатри периодов се полни со дечиња болни со респираторни инфекции, предизвикани и од сезонски вируси, но и од коронавирусот. Тие велат дека последните неколку недели имаат сѐ повеќе пациенти со респираторни инфекции, но дека повеќето се со полесна клиничка слика и најчесто оздравуваат по дадената симптоматска терапија.

– Како што расте бројот на заболени од ковид-19 кај возрасните, така расте и кај децата. Зголемен е бројот на болни деца од ковид-19, но за среќа повеќето поминуваат полесно и за неколку дена по примање на симптоматската терапија се оздравени. Оние што се во потешка состојба ги испраќаме во болница, но не се многу. Секако, не се разболуваат само од ковид, туку и од другите сезонски вируси, од грип – вели д-р Лиле Христова, матичен педијатар во Велес.

Д-р Лиле Христова

Според податоците од Институтот за јавно здравје, минатата недела бил намален бројот на заболени деца од ковид постари од десет години, а забележано е зголемување кај помалите деца, но во однос на вкупниот број заболени, најмалку заболени има кај помалите деца. Во последниот извештај од Институтот, во третата недела од јануари, од 11.610 заболени од ковид најмалку заболени се регистрирани кај децата на возраст од нула до 9 години. Но, кај оваа возрасна група е забележано најголемо зголемување на бројот на заболени, дури од 30,9 проценти во однос на претходните недели. Кај децата на возраст од 10 до 19 години е забележано намалување на бројот на заболени од 15,3 проценти, а кај младите на возраст од 20 до 29 години забележано е намалување од 18 проценти.

Д-р Христова смета дека бројот на заболени деца од ковид-19 сигурно е поголем бидејќи нема доволно термини за да ги тестираат сите што се сомнителни во лабораториите на јавните здравствени установи, а не секој може да си дозволи да се тестира на приватно.

– Дел веројатно купуваат од брзите тестови и сами се тестираат дома, па не се пријавуваат. Во случаи кога дома има зболен од ковид, ако кај децата не се појават симптоми, не ги тестираат, па затоа не се реални бројките на заболени. Од новата варијанта на коронавирусот – омикрон главно кај сите пациенти клиничката слика е полесна, а кај децата поминува и како блага настинка, која трае неколку дена. Најчесто ги третираме амбулантски и препорачуваме здрава храна, течности и витамини, а ако има и бактериска инфекција, тогаш даваме антибиотици – вели д-р Христова.

Таа објаснува дека за разлика од почетокот на пандемијата, кога луѓето бараа и купуваа антибиотици и разни други лекови, сега се подисциплинирани и ги слушаат советите од лекарите, па и потрошувачката на антибиотици е намалена.

– За среќа, добро ги едуциравме нашите пациенти, па не се земаат многу антибиотици, како што тоа беше на почетокот на пандемијата кога луѓето купуваа сѐ што ќе слушнеа или ќе прочитаат на интернет дека помага. Намалена е и потрошувачката на суплементи и витамини во споредба со претходно, од она што јас го имам како информација. Дел од тие препарати се премногу скапи и тоа веројатно е причината што не ги купуваат – вели д-р Христова.

Д-р Ангелчо Андоновски, педијатар и управител на лекарските комисии при Здравствен дом – Скопје, вели дека бројот на заболени деца е зголемен, но бројот на хоспитализирани деца не е голем.

Д-р Ангелчо Андоновски

– Омикрон кај децата најчесто минува како горнореспираторна инфекција, освен кај децата со коморбидитети, кај децата со алергиски состојби или со други хронични заболувања и ним им се обрнува поголемо внимание. Најчесто се со ниска температура и лесно ја поминуваат инфекцијата ако не се накалеми некоја бактериска или друга инфекција, па затоа најчесто се третираат амбулантски. Нема простор за паника, но и натаму треба да се почитуваат мерките за заштита – вели д-р Андоновски.



912

X