Што е евапорација, кога доаѓа до топлотен стрес, едем или топлотни грчеви? Дознајте како да ги препознаете опасните состојби предизвикани од високите надворешни температури и како да реагирате?

Топлотен бран е метеоролошка појава која се карактеризира со покачени температури на атмосферскиот воздух со вредности над 32°C во траење од три и повеќе последователни дена, а често е придружен со зголемен процент на релативната влажност на воздухот и намалување на брзината на струење на воздухот, што дополнително го оптоварува системот за терморегулација на организмот.

Присутноста на феноменот летен смог заедно со зголемената температура на атмосферскиот воздух, претставува дополнителен ризик-фактор за здравјето, особено на урбаната популација.
Промената на временските услови и топлото време кај здравите личности нема да предизвикаат здравствени проблеми бидејќи здравиот организам има голема способност за приспособување на надворешните влијанија.
Чувствителната популација – деца, трудници, стари, болни од хронични болести – имаат намалена способност за приспособување и поради тоа, тие треба да обрнат поголемо внимание на своето здравје и своето однесување во текот на летните месеци.

Се препорачува собната температура да се одржува под 32°C во текот на денот, односно под 24°C во текот на ноќта. Ова е особено важно за деца до 2 години, лица постари од 60 години и за хронично болните.
– Избегнувајте престој на отворено во текот на најтоплиот дел од денот (од 10 до 17 часот).
– Избегнувајте напорни физички активности. Ако мора да ги извршите, направете го тоа во текот на најладниот дел од денот, помеѓу 4:00 и 7:00 часот наутро. Не оставајте ги децата, ни животните, во паркирани автомобили.
– Разладувајте го телото и хидрирајте го својот организам.
– Туширајте се во разладена вода. Може да применувате и студени облоги, пешкири, сунѓери итн.
– Носете лесна, комотна облека од природни материјали во светли бои. Ако излегувате надвор, носете шешир или капа со широк обод и очила за сонце.
– Редовно пијте течности, пред сè вода, без оглед што не сте жедни. Избегнувајте алкохол и намалете го внесот на кафе и на газирани пијалаци.

Последици од претераното загревање на телото: како да ги препознаете и како да реагирате

Доколку температурата на воздухот е приближно иста или иста со температурата на телото, единствен механизам на одвојување на топлината е евапорација.
Само по себе, потењето не ја намалува телесната температура, туку испарувањето на потта од површината на телото е процес со кој се постигнува ладење во вредност од 580 kcal на 1 литар пот.
Врз степенот на евапорација на потта влијаат следниве фактори: амбиенталната температура на воздухот, процентот на релативната влажност на воздухот, вкупната површина на кожата изложена на влијанието на микроклиматските фактори на средината, т.е. облеката.
Најзначаен фактор што влијае врз интензитетот на евапорација е релативната влажност на воздухот. Во услови на висока релативна влажност, вредноста на притисокот на влагата во воздухот е приближна на притисокот на потта на кожата, што оневозможува евапорација на потта, т.е. потта се слева по телото.
Како последица на компримитираната евапорација може да дојде до сериозна дехидратација на организмот

Топлотен стрес

Топлотниот стрес може да претставува сериозен проблем во работната средина и во просторот во кој се престојува. Без оглед на промените на амбиенталната температура, тежината на физичката работа и др. неповолни микроклиматски услови (намалена брзина на струење на воздухот и зголемена релативна влажност на воздухот), температурата на организмот не смее да трпи поголеми промени. Топлотниот исип е еден од раните знаци за потенцијален топлотен стрес.
Неговото настанување се поврзува со топлите и влажни услови во кои кожата и облеката остануваат влажни, покрај неиспарената пот. Со топлотниот исип може да бидат зафатени мали површини на кожата, како и целокупната површина на торзото. Дури и откако ќе се излекува површината на кожата, потребно е да поминат 4-6 недели за целосна нормализација на лачењето пот. Почесто да се менува облеката како превентивна мерка.

Топлотен едем

При нецелосна аклиматизација доаѓа до отоци на горните и на долните екстремитети. До закрепнување доаѓа по престој во студено опкружување во траење од 1 до 2 дена.

Топлотна синкопа се смета за најблаго нарушување на терморегулацијата.
Се карактеризира со губење на свеста при извршување физичка активност при изложеност на зголемена температура подолг период (земјоделски и градежни работи, сообраќајна полиција). До синкопа најчесто доаѓа по два часа работа во услови на зголемена амбиентална температура покрај зголемен губиток на течности и недоволна рехидратација во текот на работата.
Освен губењето на свеста, присутни се и студена и влажна кожа и слаб пулс. Оваа состојба бара лекарска помош, а дотогаш лицето би требало да се премести на студена локација, поставете го во хоризонтална положба, а доколку е свесно, почнете ја рехидратацијата со давање мали голтки студена вода.

Топлотни грчеви

Се манифестираат во вид на спазми, главно на мускулатурата на долните и горните екстремитети, како и абдоминални, придружени со болка. Настануваат нагло во текот на самата физичка активност или, пак, 2-3 часа по престанувањето на работата. Зголемената телесна температура не е задолжителен симптом. Топлотните грчеви се последица на нарушувањето на рамнотежата во однос на волуменот на телесните течности и концентрацијата на електролити во нив, до што доаѓа по зголемено потење, како и натрупување на киселите продукти во метаболизмот на работната мускулатура.

Кога ќе се јават топлотни грчеви потребно е:
– Преместување во постуден простор.
– Да се ослободи од вишокот облека.
– Да се пие студена солена вода или комерцијални производи за рехидратација.

А за да не дојде до нив, потребно е:
– Да се намали нивото на физичка активност или да се скрати периодот на изложеност на зголемена амбиентална температура.
– Редовна рехидратација по воспоставен ритам, без оглед на жедта.

Топлотно исцрпување

Најчесто се јавува кај неаклиматизирани личности во текот на првите денови на изложеност на зголемена амбиентална температура. До оваа состојба доаѓа поради несоодветна адаптација на циркуларниот систем предизвикана од претераното потење и последователното намалување на волуменот на плазмата, поради прераспределба на крвта од срцето и внатрешните органи кон периферните крвни садови на кожата. Понатаму доаѓа до пад на крвниот притисок, а пулсот е речиси немерлив. Се препорачува интравенска рехидратација.

Симптоми на топлотно исцрпување: профузно потење, влажна и студена кожа, телесната температура може да биде поголема од 38°C, ослабен пулс, крвниот притисок е нормален или со намалени вредности, чувство на умор и слабост, мачнина, повраќање, забрзано дишење, жед, нарушување на острината на видот.

Кога ќе дојде до топлотно исцрпување, треба:
– Задолжителна е лекарска помош поради можно прогресирање во состојба на топлотен удар.
– Ослободување на вишокот облека.
– Дислоцирање во студен простор додека да дојде лекарска помош.
– Започнете ја рехидратацијата со студена вода.
– Овозможете побрзо струење на воздухот.

Топлотен удар

Топлотниот удар се смета за најтешка компликација на термичкиот стрес и потребна е неодложна медицинска интервенција. До оваа состојба доаѓа во услови на покачена амбиентална температура и висок процент на релативната влажност на воздухот (>70%), како и мала брзина на струењето на воздухот.
Крајниот исход од обидот за компензација на нарушениот систем за терморегулација е негов целосен колапс, што резултира со престанок на оддавање топлина со евапорација на потта, покрај што кожата станува сува и топла, а телесната температура надминува 40°C.

Симптоми на топлотен удар се:
– Покачена телесна температура (>40°C);
– Кај 50-70 % од заболените е констатиран престанок на потењето.
– Сува и топла кожа.
– Забрзана работа на срцето.
– Чувство на изгубеност, треперење, иритабилност, ментални конфузии.

Работниците што ќе станат ирационални или конфузни, или пак ќе ја изгубат свеста во текот на работата, задолжително треба да ги сметате за жртви на топлотен удар, а за тоа е потребна ургентна медицинска помош.

Додека да дојде медицинската помош, треба да:
– Го преместите заболениот во студен простор.
– Го отстраните вишокот облека.
– Ја навлажните кожата со вода.
– Да ја изложите кожата на поголемо воздушно струење.



912

X