Што да направите кога ученикот дома знае сè, одговара точно на сите прашања, ги решава точно сите задачи… а на училиште се блокира, потфрла, остава впечаток дека ништо не знае, дека ништо не учи, па добива единици?

Детето е вреќа од емоции што оди и неговото однесување зависи од односите што ги има со нас. Однесувањата се, имено, пораки. Со изборот на однесување, детето ни испраќа порака да се релаксираме, да го спуштиме прагот на своите очекувања од него или напротив, дека сака повеќе контрола, дека сака покомплексни задачи, поголемо внимание од наша страна и поголем дел од нашето време… Со изборот на лошо однесување, детето најчесто нè казнува за нешто за кое ни замерува, а не знае како поинаку да ни го каже тоа… Има безброj можни пораки што се кријат зад однесувањето на детето. Со изборот на однесување тоа ни испраќа и многу сериозни пораки, на пример: дека е несреќно, дека се плаши, дека има проблеми со вклопувањето меѓу врсниците, дека е распнато помеѓу различни неусогласени домашни и училишни правила и критериуми.

Дома знае сè, а на училиште ниже единици? Дома е мирен како ангел, а на училиште немирен и запаѓа во неволји? Тоа се сигнали за тревога, а не причини за казна. Трагично е кога го уочуваме однесувањето и реагираме на него, а истовремено не ја гледаме пораката што ни ја испраќа детето со тоа однесување – однесувањата се само последици, а причина е најчесто некоја емоција или долготрајна стресна ситуација со која детето не знае да се справи.

Зошто глумат учители, зошто не останат само родители?

Да започнеме од учењето дома. Повеќето родители вложуваат многу од своето време и труд работејќи ги домашните задачи со децата, надгледувајќи го нивното учење, толкувајќи им го она што не го разбираат. Секогаш сум се прашувала зошто тоа им го прават на своите деца… Зошто глумат учители, зошто не останат само родители? Ако на детето му треба некој со кој би учело и би ги пишувало домашните задачи, има ли за тоа подобра личност од друго дете од истото одделение? Двајцата ги знаат своите учители, ги знаат нивните барања и критериуми, ги слушале истите толкувања, ги решавале истите проблеми во одделението, имаат иста задача, мора да помнат исти податоци, знаат што не разбрале и нема да се воздржуваат да бараат и да се прашуваат еден со друг за помош кога ќе им биде потребна.

Детето најдобро учи кога некому нешто толкува бидејќи тоа го присилува да ги сложи мислите во својата глава, да вербализира, да го отфрли неважното и непотребното… да го избере она што е важно. Детето дури и ќе се потруди самостојно да смисли некој пример или аналогија за да му помогне на пријателот полесно да сфати… Толкувајќи му на другарчето, детето не само што подобро ќе ја научи лекцијата, туку и ќе се чувствува посигурно, ќе развива самодоверба која е потребна за совладување на тремата пред тестот или пред учителот кој го испрашува. Од друга страна, преку прашувањето на другарчето – што е тоа што не го разбира и слушајќи ги неговите објаснувања, полека ќе се навикне да соработува, да бара помош, да се потпира на другите кога нешто не може само… и нема да се чувствува беспомошно и осамено пред проблемите со кои ќе се соочи на училиште: родителот не може со себе да го доведе на час, но другарот со кој учел дома е тука, можеби дури и во истата клупа…

Драги родители, пред да заклучите дека нешто не е во ред со вашето дете, дека учителот не е во ред, дека вие не сте доволно добри родители, дозволете му на детето една недела да учи со другарче од одделението. Да, ќе играат и ќе зборуваат. Ако. Можеби нема добро да ја научат лекцијата. Ако. Можеби нема точно да ги решат задачите. Ако. Вие само погрижете се да им биде убаво, направете им сендвичи, овошје, млеко. Кога по неколку дена на детето ќе му се допаѓа учењето со другарчето, полека почнете да поставувате барања: Прво ќе ја напишете домашната, а потоа ќе си играте. Кога ќе ви здосади играњето, ќе ја научите лекцијата, а потоа ќе јадете. Кога ќе го завршите тоа што морате, слободно играјте до кога сакате.

Верувајте во своето дете. Охрабрувајте го

Само една недела… секој ден. Следната недела можеби ќе се обидат да учат со друг другар или дури и тројца заедно… подоцна може ќе учат кај некој друг. Како награда за една недела заедничко учење, можете на своето дете да му понудите неговите пријатели да останат кај вас во текот на викендот, за заедно да ја прочитаат лектирата и да спијат кај вас… Договарајте се со родителите на другите ученици. Дружете се со нив. Соработувајте следејќи го напредокот на своите деца. Тоа ќе биде многу покорисно за самодовербата на вашето дете отколку да седите сами со него со часови и да го навикнувате да се потпира само на вас… Одењето на училиште нема да му биде одење на противничка територија, туку враќање меѓу пријателите. Па нема причина да се плаши дека пред учителот ќе се блокира, ќе заборави што научило и дека ќе добие единица, зарем не?

Наместо, изморени по работа, да се нервирате и мачите себеси и детето со заедничко учење, седнете и уживајте гледајќи го како ја гради, зацврстува и одржува својата мрежа на другари од одделението и притоа учи не само училишни, туку и важни животни лекции. Верувајте во своето дете. Охрабрувајте го. Нека се чувствува сигурно и сакано… Но, што ако и покрај тоа што сте се обиделе, сепак, нема промена на подобро? Тогаш имате уште време со детето да отидете во некое советувалиште и таму да побарате стручна помош.

Автор: Динка Јуричиќ



912

X