Зимата и престојот на планина се од непроценливо значење за здравјето, но истовремено ова е период во кој владеат различни вирусни инфекции и настинки. Во текот на студените денови можно е и влошување на веќе постојните хронични заболувања (особено на респираторните органи).

Доколку одите на зимување, потребно е да понесете и „рачна аптека“, а особено ако патувате во странство бидејќи во другите земји главно ниту еден лек не може да се купи во аптека без лекарски рецепт. Се разбира, при употреба на понесените лекови треба да се придржувате кон препишаните дози или да се консултирате со педијатар.

Лекови за намалување на температурата

Покачената температура е најчестиот проблем во педијатриската практика, па лековите за намалување на температурата (кои истовремено се користат и за смирување на болките) се први што треба да се спакуваат. Главно тоа е сируп „бруфен“ или „парацетамол“. Малите деца вообичаено ја користат ваквата формулација на лекови, а училишното дете, потешко од 40 килограми, може да користи и таблети „бруфен“ од 200 или 400 милиграми или таблета „парацетамол“ од 500 милиграми. Ваквите лекови се даваат најчесто на растојание од шест часа, а некогаш, поради високата температура поголема од 39 степени, тој интервал може да се намали и на четири часа.

Доенчињата и малите деца може да ги користат овие лекови во форма на супозитории . Тие се корисни особено кога детето од некоја причина не може да го земе лекот или повраќа. Препорака е на пат да се понесат и едното и другото (сируп и супозитории).

Капки за нос

Затнатиот нос многу им пречи на децата. Секое подолго задржување на секретот во носната слузница носи ризик за потенцијално воспаление на увото, грлото, па дури и бронхитис. Составен дел од аптеката мора да бидат и капките. Секако е добра препорака и самото испирање на носот со физиолошки раствор.

Лекови против алергии

Алергиите не се ретки во овој период. Бидејќи тоа се најчесто акутни состојби, лекот треба брзо да се примени. Потребно е да имате некои од сирупите за нив.  Во зимскиот период можно е малите деца, несвесно, од веќе постојниот секрет од носот да ја пренесат инфекцијата и на очите, па не е лошо да се има и антибиотски капки и антибиотски масти за очи.

Препарати за надоместување на течностите и електролити

Повраќањето и дијарејата може да се случат и на зимување и често е доволно на детето да му се дадат електролити за да му биде подобро. Треба да се понесат кесички со електролити „рехидранта“ или „оросал“, кои имаат упатство за подготовка и да му се даваат на детето со лажичка на пет до десет минути. Пробиотиците содржат добри и корисни бактерии кои ја регулираат цревната флора. Може да се дадат во случај на дијареја или со примена на антибиотици. На пазарот има широка палета на пробиотици.

Прва помош кај повреди

Ако детето падне незгодно или на некој начин се повреди, потребно е да се има за секој случај и гел за раните, стерилна газа и фластери. Во случај на полесни повреди на снег при пад, потребно е покрај лековите против болки да се има и локален гел, како и еластичен завој како прва помош до евентуална интервенција на лекар (ортопед).

Секако, за сериозни состојби најбитно е навремена посета на лекар.

Извор



912

X