Ако вашето дете изгледа како премногу срамежливо (молчи, седи во ќош и набљудува како другите деца играат) во градинка, на училиште, во паркот или на друго место, а дома сосема нормално зборува и игра, постои можност да станува збор за нарушување што експертите го нарекуваат селективен мутизам.
Овој проблем спаѓа во групата таканаречени анксиозни нарушувања што се појавуваат кај децата од претшколска и рана школска возраст. Еднакво се појавува и кај момчињата и кај девојчињата, со блага тенденција на почесто појавување кај девојчињата.
Како да се препознае проблемот?
Главната карактеристика на селективниот мутизам е неможноста за говор во поширока социјална средина (во градинка, на училиште, во непозната врсничка група или пред авторитетна личност). Така, детето престанува да зборува со непозната (или помалку позната) личност од својата околина, додека со луѓето што му се емотивно блиски комуницира. Нарушувањето се гледа во тоа што говорот изостанува во одредени ситуации и пред одредени луѓе. Детето ги избира личностите и ситуациите во кои ќе зборува.
Како настанува проблемот?
Точна и сигурна причина за ова нарушување не е утврдена. Често се наведува дека кај поголемиот број деца со селективен мутизам постои генска предиспозиција за анксиозност, односно во превод, стравот од непознатото како да им е вчитан во генскиот код. Детето со селективен мутизам во повеќето случаи на рана возраст покажува знаци на анксиозност во вид на страв од одделување, тешкотии во спиењето или засилени изливи на емоции. Потребно е да се нагласи дека селективниот мутизам не е последица на доцнење во развојот, ниту последица од некој вид злоупотреба или запоставеност.
Како се поставува дијагноза на селективен мутизам?
За да се постави дијагноза на селективен мутизам, потребно е симптомите да бидат присутни подолго од еден месец. Покрај тоа што детето не зборува, други симптоми што го следат селективниот мутизам се:
– Зголемена чувствителност на врева.
– Зголемена чувствителност на допир.
-Изразена сепарациска анксиозност (детето тешко се одделува од родителите).
– Присуство на стравови.
– Изливи на емоции (веднаш почнува да плаче).
– Детето не се смее, сериозно е кога ќе почувствува анксиозност (кога ќе се исплаши и вознемири).
– При помислата дека некој го гледа, детето станува невнимателно, лесно се збунува.
– Детето често изгледа како некултурно поради тоа што не одговара на поздравувањето, не се заблагодарува и слично.
– Неволно мокрење.
Зошто е важно да се препознае овој проблем навреме?
Селективниот мутизам често не се дијагностицира до поаѓање на училиште, а тоа го отежнува третирањето. Ако детето со селективен мутизам не се третира навреме, може да дојде до последици што влијаат врз самопочитта, до отежнување на школувањето и социјализацијата. Интелигенцијата на децата со селективен мутизам во најголем број случаи е во границите на нормалата. Третирањето на мутизмот се одвива со мултидисциплинарна постапка, соработка на логопед, психолог и реедукатор на псхиомоториката.
Децата со селективен мутизам разбираат што им се кажува, па поради тоа, логопедот треба да најде начин на кој ќе ја добие довербата на детето за тоа да се чувствува сигурно пред него и да почне да зборува. Родителите, воспитувачите и наставниците често вршат притисок врз детето за да прозборува, а тоа ја зголемува неговата анксиозност и ја влошува ситуацијата. Потребно е логопедот во текот на третманот да биде позитивен и насмеан, подготвен да се приспособи на детето и на неговите потреби, за тоа што побрзо да се ослободи и да почне да зборува. Важно е детето да не се присилува да зборува. Потребно е да му се покаже разбирање и поддршка и да му се даде до знаење дека секогаш некој ќе биде до него, во која било ситуација. Децата со селективен мутизам не треба да се критикуваат бидејќи тоа може да предизвика влошување на состојбата. Потребно е да се препознае она што детето го прави добро, да се пофали и награди. Пофалбата и наградата влијаат врз самодовербата на децата, а со самото тоа и врз ослободувањето од анксиозноста.
Психологот е многу важен во работата со детето што има селективен мутизам поради тоа што проблемите што се поврзани со стравот најчесто бараат некој подлабоко да ги разработи. Психологот, низ разговор, преку различни методи, цртежи, креативни активности, ќе допре до потенцијалните причини од кои се јавува проблемот, и потоа на детето ќе му помогне да го преброди проблемот. Исто така, психологот е важна алка за комуникација со родителите, со тоа што ги води низ процесот на работа со детето, ги насочува, им сугерира стратегии за да му помогнат на детето, им го приближува проблемот и индиректно влијае врз тоа на детето да му се обезбеди поттикнувачко опкружување за понатамошен напредок.
Условот за успешна работа со детето што има селективен мутизам е воспоставување добар однос, однос на доверба во кој детето се чувствува сигурно. Ако на детето му се даде соодветна помош, тоа може нормално да се вклучи во сите социјални активности и успешно да го реши проблемот.
Обрнете внимание, можеби вашето дете не е срамежливо или некултурно ако не се заблагодари или не возврати на нечиј поздрав. Немојте да го карате и критикувате, туку потрудете се навреме да побарате помош од експерт. Најважно е да се обидете да го разберете. Дури тогаш можете да откриете како да му помогнете.
Ако ги забележите наведените карактеристики кај вашето дете или се сомневате дека детето има селективен мутизам, немојте да чекате следната недела, месец или да помине годишниот одмор, туку навреме обратете им се на експертите кои ќе го набљудуваат детето и ќе дадат предлог за евентуален третман.