Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам 2,5-годишен син кој расте во град во кој не растевме ние, неговите родители, па поради тоа поретко има контакти со неговите баба и дедо, братучеди и сл. Ако на тоа додадете растење во време на ковид-рестрикции, тој до неговата прва година речиси и да не гледаше никој друг освен нас. Не сум сигурна дали тоа е причината или нешто друго, но тој често има проблем да воспостави комуникација со други лица, вклучувајќи ги и неговиот чичко и тетка, кои секојпат кога ќе ги види, плаче како да се плаши од нив, а истото се случува и со неговите братучеди. Понекогаш плаче и во ситуации кога е во затворен простор со повеќе луѓе (на пр., роденден во игротека). Најчесто во овие ситуации не се смирува и цело време бара да е до нас. Како да му помогнеме во овие ситуации и дали ова однесување може да се препише на неговиот карактер или е нешто друго?

ОДГОВОР: Социјалната интеракција што детето ја создава со околината ќе зависи, пред сè, од возраста на детето, потоа од темпераментот, комуникацијата со родителите, степенот на развиен говор, стимулации и интензитет на социјални дразби.

Од вашето излагање разбрав дека социјалните интеракции до речиси една година биле лимитирани, а потоа социјалните интеракции со блиски членови од фамилијата исто така ретки. Но не наидов на податоци од типот како во меѓувреме ги поттикнувате социјалните интеракции, дали е тоа дете што оди во градинка, игротеки, паркови, игралишта, со кого го поминува најголемиот дел од денот.

Иако темпераментот, степенот на развиен говор влијаат врз социјалните вештини, сепак, и семејната динамика и воспитниот стил играат важна улога врз начинот на кој детето ја перципира надворешната околина – дали како сигурна и безбедна или како несигурна, па бара утеха и прибежиште кај родителите.
Во таа насока ве советувам да направите родителско советување со детски психолог каде што ќе ги пронајдете точните насоки за пристап во оваа состојба.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X