Родителството опфаќа многу работи, но можеби најмногу од сè се работи за градење односи со нашите деца, за барање и продлабочување на врската. Без оваа врска, колку и да сме вешти, ја губиме моќта да бидеме родители. Како да се откажуваме од можноста да влијаеме врз нашите деца. Можеби звучи како клише, но поврзувањето е речиси секогаш вистинскиот одговор и решение. Тоа е како противотров на принудата и секој казнен метод што може минимално да го обликува однесувањето на нашите деца.

Сепак, колку и да звучи едноставно идејата за поврзување, ние имаме тенденција да ја избегнуваме. Причината е што тоа бара многу повеќе од нас отколку примена на конвенционалните пристапи. Прво, бара од нас да бидеме ранливи, доволно храбри да се погледнеме во огледало и да ја анализираме основната причина за нашите сопствени емоционални предизвикувачи. Ова ја отфрла илузијата дека родителството има цел да ги поправа децата – затоа што не е така. Родителството е всушност за нас самите.

Една од најголемите пречки со кои се соочуваме е културното верување дека отсуството на присилна дисциплина (казна) е доказ дека родителот е мрзлив и незаинтересиран за едуцирање и воспитување на детето. Кога родителите не успеваат да ги контролираат своите деца преку техники на поттикнување страв, тогаш се ослободува анархијата. Децата ќе дивеат и ќе владее хаос! Но, тоа едноставно не е точно. Реалноста е дека кога користиме техники како тајмаут, ние – намерно или не – ја прекинуваме врската со нашите деца. Важно е да се знае дека малите деца ќе направат речиси сè за да го одржат чувството на поврзаност со нивните родители. Немаат друг избор освен да послушаат и да ја повратат врската со родителите. За жал, ова се толкува како знак дека конвенционалната дисциплина функционира.

Сите родители имаат моќ да се поврзат. Секој од нас одлучува како ќе ја користи.

Позитивниот пристап значи користење на врската како алатка. Како што се продлабочува нашиот однос со детето, така моќта на овој пристап станува посилна. Спротивно на тоа, мејнстрим дисциплината ја користи врската како оружје, користејќи ја против децата и слабеејќи ги односите кои всушност треба да ги зајакне.

За среќа, постои ПОДОБАР начин. Еве четири практични совети како да избегнете тајмаут и други казни на дневна основа.

Поврзете се пред да поправате
„Треба да дојдете до срцето пред да дојдете до главата“ – Картер Бајтон.

Кога детето ќе направи грешка или ќе биде повредено, неговиот мозок се исклучува и неговиот емотивен мозок презема контрола. Кога детето е во оваа состојба, учењето е невозможно. Значи прво треба да се поврземе на емоционално ниво. Прегрнете го вашето дете, седнете до него, сочувствувајте и одолејте на искушението да го поправите неговото однесување. Разберете дека детето изгубило одредено достоинство и може да се чувствува засрамено, исплашено и збунето. Не е толку итно да му одржите лекција на вашето дете, па затоа оставете го тоа за подоцна (можеби пет минути, пет часа или пет дена – во зависност од ситуацијата и возраста на вашето дете).

Откако ќе почувствувате дека вашето дете има поголема контрола, обидете се да го натерате да ја користи логичната лева страна на неговиот мозок. Д-р Ден Сигел го нарекува овој процес: „именувајте го за да го скротите“. Еден пристап е да побарате од вашето дете да раскаже приказна за тоа што се случило и можете да му помогнете да ги пополни празнините доколку е потребно. Поминете низ настанот, факт по факт и без судење. На овој начин му помагате на малечкото да ги обработи своите емоции, притоа давајќи логична смисла за настанот. Воедно, се поставува основа за лекцијата што треба да се научи и за емоциите што треба да се регулираат.

Најдете време да бидете заедно

Оригиналната теорија зад методот тајмаут се заснова на идејата да им се даде време на децата да размислат за своето однесување за да можат да направат подобар избор следниот пат. Но, во практика не е важно што ќе кажеме (или имаме намера да кажеме), важно е како се чувствува детето. Испраќањето на детето во изолација може да доведе до чувство на напуштеност, срам и отфрлање.

Наместо тоа, можеме да избереме проактивен пристап и заедно да го користиме времето. „Тајмин“ наместо „тајмаут“. Тоа е позитивна алатка за родителство која им помага на децата да научат да ги обработуваат своите емоции за да бидат подготвени да решаваат проблеми, да учат и да растат.

Кога вашето дете ќе доживее предизвикувачки момент, поканете го да седне до вас или во ваша близина. Не заборавајте да се поврзете пред да поправате, и потоа да ги примените сите промени што треба да се направат. Замислете го животот од перспектива на детето, додека чекате „невремето да помине“.

Преформулирајте ги вашите очекувања

Влијанието на очекувањата не може да се потцени. Џон Милтон рекол: „Умот може да направи рај од пеколот или пекол од рајот“.

Нашите очекувања започнуваат кога нашите деца се бебиња. Ако очекуваме дека до шестата недела нашето бебе ќе спие цела ноќ, а тоа не се случува, ќе почнеме да веруваме дека нешто не е во ред. Можеби ќе почнеме да се чувствуваме огорчени. Меѓутоа, ако очекуваме дека нашето бебе веројатно ќе се буди на секои два часа во текот на првата година, сепак ќе бидеме исто толку уморни, но можеме да донесеме посоодветни одлуки за тоа како да управуваме со ситуацијата.

И ништо не се менува како што растат нашите деца. Треба да признаеме дека постои голем јаз помеѓу очекувањата на општеството за тоа како децата треба да се однесуваат и како всушност тие се однесуваат. Пред да размислиме да се обидеме да влијаеме врз однесувањето на нашите деца, треба да се запрашаме дали тоа што го бараме од нив е разумно. Наместо да бараме од нашето двегодишно дете да сподели играчка, а потоа да го казниме за неговото совршено нормално однесување – одбивање да го стори тоа, треба да бидеме доволно храбри и да застанеме во одбрана на нашите деца во нашата култура која е насочена кон возрасните.

Сите луѓе, без разлика на возраста, големината, менталните способности или емоционалната зрелост, заслужуваат да бидат третирани со еднаква почит. Ако некогаш се двоумите, запрашајте се дали би разговарале на тој начин со вашиот сопруг или најдобар пријател? Ако одговорот е „не“, тогаш направете пауза, длабоко вдишете и изберете нови зборови.

Вистината е: нашите деца не се расипани и не треба да се поправаат

Да се преземе позитивен и проактивен пристап кон современото родителство не е лесно. Меѓутоа, кога ќе сфатиме дека авторитарните брзи решенија не им се од корист на нашите деца, ни олеснува да им се спротивставиме кога се чувствуваме премногу оптоварени. Иако родителството низ приврзаност може да биде бавно патување, тоа сепак гради цврста основа за нашите деца и нашите односи со нив.

Поврзаноста е невидлива сила која посипува ѕвезден прав врз нашите врски.

Ни дава трпение да ги надминеме фрустрацијата и здодевноста.

Самосвеста да сочувствуваме наместо да возвраќаме кога зборовите на нашите деца нè повредуваат.

Извор



912

X