Повеќето деца цело лето јадат сладоледи, овошни купови, гиро-пити, хамбургери, особено додека бевте на одмор, а жедта ја гаселе со сокови наместо со вода. Поради големите горештини, по цели денови седат затворени, пред своите телефони, компјутери и телевизори, јадејќи грицки, па физичката активност се сведува на она малку пливање ако сте ги одвеле на море, базен или некоја локална плажа. Па сега се отвора прашањето – зошто децата сe сè потромави и подебели?
И во случај на физичка неактивност и лоша исхрана, виновни се првенствено родителите. Децата чии мајки или татковци, а особено ако се во прашање и двајцата, имаат прекумерна тежина, исто така имаат вишок килограми, или поради лоши прехранбени навики во семејството или поради генски предиспозиции. Следните два предизвикувачи на дебелеењето – недостигот на сон и прескокнувањето на појадокот, најчесто се јавуваат пред пубертетот и во тинејџерскиот период, кога со децата не е лесно да се излезе накрај, а најтешко е да се изборите со нив во текот на учебната година.
– Наутро тешко се будат, бавно се подготвуваат и немаат време да појадуваат. Ако им дадете пари, сигурно ќе јадат нешто од пекарница, што е еднакво штетно како и прескокнувањето на првиот оброк – вели нутриционистот Марија Прчиќ од Србија и советува дека детето наместо хот-дог, бурек или кроасан, треба да изеде јајце, качамак со млеко и сирење, мафин од интегрално брашно.
Истражувањата покажале и дека одењето во кревет доцна и недостигот на сон придонесуваат за зголемување на телесната тежина, така што го зголемуваат апетитот и го забавуваат метаболизмот, па затоа на децата треба да им се забрани да остануваат будни доцна навечер. Тоа подразбира и изгаснат телевизор, исклучен мобилен телефон и компјутер, бидејќи покрај овие уреди нема спиење. А за денот би требало да важи правилото – не се јаде пред телевизор и со телефон в раце.
– Дебелеењето не е само естетски проблем и не се решава сам од себе. Со вишокот килограми треба да се бориме првенствено од здравствени причини, бидејќи може да предизвика многу заболувања, но и заради психичката стабилност на детето. Доколку не е задоволно со својот изглед, особено во пубертетот, а и ако врсниците го исмејуваат, детето ќе почне да пати, да се повлекува во себе и што е најлошо, да бара утеха во храната. Затоа помогнете им да се изборат со проблемот, пред да земе што поголем замав – порачува нутриционистот Марија Прчиќ.