Соочувањето со фактот дека некој во семејството боледува од малигна болест предизвикува низа промени во семејната динамика, особено на ниво на комуникација меѓу членовите на семејството и преорганизирање на семејната функционалност
Кое е едно од главните прашања во животот? Всушност, зошто живееме? Никогаш не смееме да заборавиме дека можеме да ја пронајдеме смислата на животот дури и тогаш кога се соочуваме со безнадежни ситуации во животот. Постојат тивки херои. Токму во октомври – Светскиот месец за борба против ракот на дојката, овој текст им го посветувам ним, на нивните деца и на нивните партнери.
Соочувањето со фактот дека некој во семејството боледува од малигна болест предизвикува низа промени во семејната динамика, особено на ниво на комуникација меѓу членовите на семејството и преорганизирање на семејната функционалност. Многубројни студии покажаа дека луѓето заболени од рак подобро се справуваат со оваа болест, закрепнуваат побрзо, имаат подобри социјални врски со други луѓе, поздрави животни навики и подобар квалитет на живот доколку бараат и користат психолошка помош и поддршка. Луѓето што ја добиваат таквата поддршка за време на лекувањето веруваат дека и покрај сè, се сакани од страна на нивното семејство и блиските луѓе, но и потребни на нивните партнери и деца, дека луѓето се грижат за нив, дека се вредни, ценети, оригинални, неповторливи, единствени и се скапоцен дел од општеството. Исто така, психолошката помош и поддршка ќе обезбеди препознавање на сопствените емоционалните реакции и мисли, нивно канализирање и пренасочување, декатастрофизирање на мислите, насочувајќи се кон решението, а не кон проблемот. Сето тоа ќе им помогне и да продолжат да бидат одлични родители.
На членовите на семејството во кое некој боледува од канцер може да им биде исклучително тешко да зборуваат за нивните емоции. Често се случува и членовите на семејството да имаат различни емоционални реакции и пристап кон проблемот, но она што ги обојува сите е грижа, тага, неизвесност, чувство на беспомошност.
Фото: Борче Поповски
Родителот кој се соочува со оваа болест има право да чувствува и да ги изнесува своите чувства. Секое чувство е сосема природно и во ред е да се случи. Ќе чувствува тага, вина, страв, лутина. Сосема е во ред и ако детето е во контакт со емоциите на родителот, но под услов тој да му покаже како успева да се справи со своите чувства. Да ги научиме децата дека и од болката може да се расте. Така ќе бидат посилни, похрабри и помудри во решавањето на своите животни збиднувања и предизвици. Особено е важно родителот и детето заедно да прават нешто во врска со тоа, да одредат заеднички активности кои ќе им помогнат поубаво да се чувствуваат, на пример, користење боенки за креативно боење и смирување, една за родител една за детето, секогаш кога се чувствуваат вознемирени или тажни, свирење на некој инструмент или слушање музика, посетување места за кои заедно ќе одлучат дека и за двете страни се прифатливи и удобни, пишување песни или текстови, читање мотивациони книги, окупациони активности од типот правење ракотворби, плетење, везење, моделирање итн.
Ви предлагам да одберете шарена кутија и да ја наречете кутијата на победата. Во неа ставајте ги заедно сите омилени нешта што ви помагаат подобро и похрабро да го изодите овој период во животот. Тоа ќе овозможи да останете емоционално поврзани со вашите деца. Сигурна сум дека и од безнадежните животни ситуации можеме да славиме победи. Впрочем, секој ден поминат со вашето дете е благороден и создава нови и нови животни клетки.
Автор: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти
912