Напишани се многу книги за образованието и воспитувањето. Во потрагата по најдобриот модел на образование и воспитување, два многу слични концепти, малку залутавме и се оддалечивме од суштината.

Во потрага по најубаво и највисоко дрво, поминавме низ шумата без да го забележиме. Се изгубивме. По некое време лутање и потрага по најубавото дрво, го изгубивме трпението и го прогласивме првото дрво на кое наидовме за најубаво и највисоко. Трагично е што нашето најубаво и највисоко дрво се наоѓа на една пуста ливада и околу него со километри нема ниедно друго дрво. Уште потрагично е што некој друг ни рече дека ова е најубавото дрво.

Не постои поголема казна за детето од тоа на каков било начин да му се ограничи движењето

Суштината на образованието и воспитувањето веќе се во нас. Некаде „назад во главата“, во срцето, во чувствата… Исто како што повеќето луѓе знаат што е добро, а што не, така и нашата совест ни помага во тоа, па повеќето луѓе знаат што се подразбира под добро, а што под лошо воспитување.

Сибирската хаска ме научи што е вистинско воспитување и образование. Таа беше поуспешна во тоа од повеќето книги што ги прочитав. Некои книги пишуваат за образование и воспитание премногу опширно, некои не зборуваат за суштината, некои лутаат во потрага по најубавото дрво, некои… Само треба да бидеш трпелив и со отворен ум.

Со самото пристигнување донесе радост во нашиот дом. Сибирската хаска е раса што е најслична на детето. Мислам на дете што ние возрасните сè уште не сме го „расипале“.

Сибирската хаска е голем истражувач. Од друга страна, можеме да кажеме дека не постои поголем истражувач од детето. Во состојба се, мислам и на кучето и на детето, да забележат сè, да видат сè, да ги интересира сè, постојано да прашуваат, да се интересираат…

За да може на некој начин да ја ограничиме територијата по која младите истражувачи ќе можат слободно да истражуваат, ние возрасните мораме околу оваа територија да подигнеме ограда. Оградата ќе ја зајакнеме со правичност и доследност во одлуките. Младите истражувачи не би биле безбедни надвор од таа ограда.

И хаските и детето не знаат да мразат. Тие ги сакаат сите. Не мислат лошо. Ако некој е добар кон нив, тие ќе бидат уште подобри кон него.

Постојано се во движење. Најголемиот грев е да ги врзеш хаските за синџир. Исто така, не постои поголема казна за детето од тоа на каков било начин да му се ограничи движењето.

Децата беа среќни и задоволни и пред да бидат создадени книгите за образованието и воспитанието и пред да постојат наставниците, педагозите, психолозите.

Љубовта, разбирањето, почитта и трпението се важни и за хаската и за детето, исто колку храната и водата.

Хаската што е врзана за синџир или ако ѝ биде скратено нешто од горенаведеното нема да биде среќно куче. Тоа може да има сè: најдобра храна, најскап и најубав поводник, шампионска титула од 1.000 изложби за кучиња, но ако е врзано, тоа е несреќно. Како последица се јавуваат непожелни форми на однесување.

На ист начин, детето може да има сè: најмодерни играчки, најубава соба, најскапи патики, да слави роденден во најпознатата игротека во градот, но ако е врзано во која било смисла, материјалните работи за него не се важни. Ова е секогаш важно исклучиво за родителите.

Длабоко во нас, сите знаеме дека на детето треба да му обезбедиме: љубов, разбирање, почит, трпеливост, слобода на движење и истражување, граници, доследност. Тоа го знаевме и пред 10, и пред 50, и пред 300 години. Ако го знаевме тоа порано, зошто одеднаш не е доволно добро? Децата беа среќни и задоволни и пред да бидат создадени книгите за образованието и воспитанието и пред да постојат наставниците, педагозите, психолозите. Децата беа среќни и задоволни иако имаа сиромашни или неписмени родители. Децата играа и пред да се појават игротеките како единствено место каде што сега играат децата.


Ние, возрасните, сме одговорни. Повеќето луѓе успешно го задушија она човечното во себе, оној внатрешен глас кој кажува што е добро, а што не. Не размислуваме со своја глава. Бараме, купуваме и прифаќаме туѓи мислења без размислување. Не го гледаме дрвото во шумата. Не го гледаме она што ни се наоѓа пред нос. Секогаш сме во потрага по брзи и лесни решенија. Им купуваме подароци на децата. Бркаме трендови. Ако нешто сме го прочитале во познат магазин, често од непроверени извори и често од недоволно стручни луѓе, веднаш го прифаќаме. Важни ни се материјалните работи: какви патики носи детето, дали има најмодерен телефон… Не живееме живот со нашите глави, туку другите ни зборуваат што и како да правиме. Ние само слушаме и следиме наредби.

Мојата хаска нема ниту најубав бокс ниту најубава храна, не е шампион, и повторно е среќна, полна со живот и задоволна. Мојата хаска доби нешто многу поважно од тоа. Мојата хаска доби љубов и почит. Мојата хаска е рамноправен член на нашето семејство. Мојата хаска ме разбира иако не разбира што зборувам. И јас сум среќен.

Кога ќе му го обезбедиме на детето сето ова, дури тогаш можеме да зборуваме за образование и воспитание, методи и исходи од работењето со децата, наставни планови и програми…

Наставникот Мики

Извор



912

X