Воспитување

Секогаш очекувајте почит од вашето дете

Повеќето родители очекуваат дека нивното дете понекогаш ќе го доведе во прашање нивниот авторитет. За да го сведете тоа на минимум, мора да ја заслужите почитта.

Без оглед на возраста на вашето дете, мора да бидете подготвени да го дисциплинирате за некои важни работи:

Никогаш не прифаќајте да ви одговара со навреди. Цврсто, но смирено кажете му: „Не смееш така да ми се обраќаш. Тоа е непочитување“. Не продолжувајте со разговорот додека детето не почне да користи прифатливи зборови и соодветен тон.

Верувајте ѝ на својата процена. Вашата процена за активностите што ги предлага вашето дете е доволна причина да му кажете „не“, на пример, ако сака да преноќи кај некои пријатели за кои немате добро мислење. Кажете му: „Знам дека си разочаран, но мојата одлука е конечна“. Потоа останете цврсти.

Спроведување на правилата. Ако кажете: „Нема ТВ пред да ја завршите домашната задача“, не заборавајте да бидете доследни на тоа. Тоа го гради вашиот кредибилитет и помага да дојде до помал отпор следниот пат.

Воспитувајте во приватност. Никогаш не дисциплинирајте го детето пред неговите пријатели. Сакате да видите промена во однесувањето, но не сакате детето да се чувствува засрамено пред своите врсници.

Бидете љубезни. Кажувајте „те молам“ и „благодарам“. Слушајте го детето кога зборува. Не прекинувајте го. Не викајте.

Однесувајте се кон детето со почит. Почитувајте ја приватноста што вашето дете ја заслужило, ако никогаш не ви дало причина да не му верувате. Треба да му покажете почит, исто како што сакате и детето да ви покаже почит.

Исто е и со тинејџерите

Дури и кога вашето дете ќе стане тинејџер, веројатно ќе го учите за почитта. Не обидувајте се да го присилите. Наместо тоа, обидете се да го поттикнете вашиот тинејџер да биде послушен и, колку што е можно, избегнувајте директни конфликти. Дајте му причини и објаснувања за однесувањето што го очекувате.

Разговарајте со него за тоа како се стекнува почит преку зрело однесување и отворени дискусии за проблемот. Дајте му до знаење дека следниот пат кога ќе се однесува со вас без почит, ќе претрпи последици, како што се губење на привилегиите за користење на телефонот во текот на една недела, неможност да се гледа со пријателите за време на викендите или да прави дополнителни задолженија низ домот.

Погрижете се да го направите она што сте му го кажале дека ќе го направите. Секогаш постапувајте праведно, но нека има последици за непочитување.

Важно е како се справувате со прашањето за меѓусебно почитување. Однесувајте се со почит кон дете од која било возраст.

Највредниот подарок е добриот пример. Имате можност да му го дадете овој подарок на вашето дете со тоа што со вашиот пример ќе му покажете што навистина значи почит.

Автор: Синтија Мартин

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top