Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам дете од 2,5 години кое оди во градинка. Од пред 2 месеца кај неа периодично се покажува чудно однесување. За некоја вообичаена работа, на пример, да стане од кревет, почнува да вреска, што и да ја прашам, одговара со „не“, ме удира, ме брка, ако излезам, ме вика да се вратам. Не сака да облече ништо, тоа трае половна сат до 45 минути. Не знам како да се справам со неа, ни со фино не се смирува, а ако ѝ подвикнам, уште повеќе вика и не престанува. Кога ќе помине тоа, ќе се смири, пак по нејзино се облекува и излегуваме без проблем од дома. Во градинка е прекрасна, слуша, јаде, спие. Како да се однесувам, што да направам за да се смири, да ме послуша, затоа што тоа е секојдневно и нормална работа е да се облече, да се измие, да се бања итн.
Татко ѝ поретко ја гледа зашто работи втора смена, а таа е во градинка преку ден. Тој сѐ ѝ дозволува бидејќи поретко се гледаат. Но наутро и нему не му дозволува да ја облекува и спрема, за бањање исто.
Јас последните двапати седнав до неа и не ѝ зборував ништо, тоа траеше помалку од претходниот пат, накај 30 мин., и ме гушна. Многу ми е жал што така се случува, а не можам да помогнам. Имам и постаро детенце, 5 години, кое ја прашува, се обидува да ѝ помогне, но не успева. Само 2 пати наутро месечно го гледа татко ѝ, не го бара кога не е дома, навикнати сме дека е на работа и дека сме сами.

ОДГОВОР: Од ова што ми го пишувате не би рекла дека има нешто чудно во однесувањето на вашата ќерка. Нејзиното однесување изгледа како сосема нормално однесување за едно 2,5-годишно дете кое почнува да ги гради своите граници со надворешниот свет, да креира свое мислење и да разликува што сака и што не сака. Кај некои деца оваа фаза поминува побурно, а кај некои поминува речиси незабележително. Како ќе помине, зависи од природата на темпераментот на детето, како и од неговиот карактер кој се формира. Некои деца се попркосни и појасно се борат за тоа што го сакаат и појасно го одбиваат тоа што не го сакаат, а некои деца се посмирени и имаат поголема потреба да бидат послушни и да ги задоволуваат очекувањата на родителите и на другите возрасни. Вашите две деца се очигледно многу различни.

Вашата ќерка, иако многу мала, очигледно многу јасно знае што ѝ одговара, а што не ѝ одговара. Наместо да се обидувате да ја скротите и да ѝ ја наметнете својата волја, обидете се да ѝ покажете дека ја почитувате нејзината волја на тој начин што ќе ѝ дадете простор самата да одлучува за некои работи. Самата навечер нека одлучи што ќе носи во градинка следниот ден. Доколку сметате дека изборот би бил несоодветен, ограничете го, па дајте ѝ можност да одбира од две или три понудени можности. Доколку одбива да се бања, понудете ѝ можност за игра за време на бањањето. Нека си земе играчка која таа ќе ја бања додека вие ја бањате неа, или замислете игра на улоги. На пример, таа нека биде слонче, а тушот сурла… Можностите се неограничени.

Мирните, послушни и помалку повлечени деца можеби се многу полесни за родителите, но ваквите нивни карактеристики, исто така, можат многу лесно да ги доведат во потенцијална опасност да бидат емотивно повредени или изманипулирани од другите понатаму во животот. Затоа, радувајте се на борбеноста и одлучноста на вашата ќерка и обидете се да ги култивирате низ нејзиното воспитување на начин на кој тие како нејзини карактеристики ќе ја поддржуваат во животот, ќе ѝ даваат јасност и транспарентност, а притоа нема да ѝ креираат конфликти со околината.

Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог и психотерапевт, практичар по игровна терапија во „Психотерапика“
е-пошта: ivana.marinchek@gmail.com/ psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X