Според најновото глобално истражување во кое учествувале повеќе од 5 милиони деца и тинејџери од 50 земји, сè поголем број млади се соочуваат со проблемот на миопија. Резултатите од истражувањето покажуваат дека денес секое трето дете боледува од миопија, односно нејасен вид на далечина.
Научниците истакнуваат дека пандемските мерки, вклучително и затворањето на училиштата и останувањето дома, значително придонеле за влошување на видот кај децата и тинејџерите. Времето поминато пред екраните, заедно со непрестојувањето на отворено сериозно го оптовари видот на младите.
– Пандемските ограничувања имаа големо влијание врз развојот на видот на децата – велат истражувачите. Миопијата, која стана глобален јавно-здравствен проблем, може да погоди милиони деца низ светот до 2050 година.
Каде е најизразена миопијата?
Највисоки стапки на миопија се забележани во азиските земји. Во Јапонија дури 85 отсто од децата страдаат од миопија, додека во Јужна Кореја тој број е 73 отсто. И Кина и Русија бележат висок процент на деца со овој проблем: повеќе од 40 отсто.
Од друга страна, Парагвај и Уганда имаат најниски стапки на миопија, со помалку од 1 отсто од децата што страдаат од овој проблем. Во земји како што се Велика Британија, Ирска и САД, околу 15 отсто од младите се соочуваат со кратковидост.
Што предизвикува зголемување на миопијата кај децата?
Истражувањето покажува дека миопијата кај младите е тројно зголемена помеѓу 1990 и 2023 година, а значително зголемување се случило по пандемијата. Миопијата обично се развива во детството, во текот на основното училиште, и се влошува додека окото не престане да расте, околу 20-тата година од животот.
Раната интервенција е клучна бидејќи миопијата може да се забави или дури и да се запре со навремени мерки. Иако генетските фактори играат важна улога, влијанието на околината е исто така значајно. На пример, децата во градовите како Сингапур и Хонгконг почнуваат на училиште рано, често на возраст од две години, зголемувајќи го ризикот од миопија поради времето поминато пред екран.
Додека во Азија миопијата е исклучително честа, во африканските земји како Уганда, каде што децата почнуваат на училиште на возраст од шест до осум години, миопијата е седумпати поретка. Ова укажува на важноста од балансиран пристап кон образованието.
Пандемијата – најголемиот непријател на детскиот вид
Пандемскиот карантин и подолготрајниот престој дома имаа огромно влијание врз влошувањето на видот на децата.
– Доказите укажуваат на поврзаност помеѓу пандемијата и забрзаното влошување на видот кај младите – велат научниците, предупредувајќи дека до 2050 година повеќе од половина од тинејџерите во светот би можеле да имаат проблеми со миопија.
Истражувањето покажа дека девојчињата и младите жени се поизложени на развој на миопија во споредба со момчињата. Тие обично поминуваат помалку време на отворено, поради училишните или домашните активности, а пубертетот, кој започнува порано кај девојчињата, дополнително го зголемува ризикот од развој на миопија.
Што го чека светот до 2050 година?
До 2050 година се предвидува дека речиси 69 отсто од младите во Азија ќе страдаат од миопија, додека во земјите во развој оваа бројка може да достигне 40 отсто. Иако повеќето случаи се очекуваат во Азија, овој проблем станува глобален предизвик за јавното здравје.
Научниците предупредуваат дека е неопходно да се вложат дополнителни напори во превенцијата на миопија кај децата, особено со поттикнување на престојот на отворено и намалување на времето поминато пред екраните.
912