Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Син ми е седмо одделение, но уште кога беше трето одделение, забележав дека има тешкотии со читање и пишување. Со моја помош успеа да научи да чита и да пишува, а работи и со дефектологот во училиште, но многу малку. Иако има препораки од центарот МКФ за изготвување ИОП програма по македонски и математика, тоа не се случува. Ми рекоа дека е задоцнета дислексија, но крајната дијагноза е тешкотии во школството. Тој е нормално дете, се дружи, тренира ракомет, не е проблематичен, но сѐ уште не е самостоен за домашни и учење. Можно ли проблемот да е настанат во прво одделение, тогаш имаше лоша наставничка, ги навредуваше, ги кубеше, им се дереше, со стапче ги маваше по рачињата и тој воопшто не го засака школото. Ве молам за совет како да му помогнам да може сам да ги завршува домашните и сам да учи.
ОДГОВОР: Превисоките очекувања од страна на наставникот кон детето кои не се совпаѓаат со неговите развојни достигнувања, особено во нижите одделенија, предизвикуваат чувство на несигурност, некомпетентност и отпор кон учителот или училиштето, психосоматизации и други невротски реакции. Раното утврдување на развојните постигнувања кај ученикот треба да го диктираат приодот на учителот кон ученикот. Доколку тоа не се овозможи, таквиот психолошки притисок може да биде пренесен и на родителот, што може да се ефектира лошо врз трудољубивоста на детето во врска со учењето како последица на несоодветна училишна програма.
Изработката на ИОП во овој случај е од исклучителна важност за неговиот целокупен развој. Постои една изрека на Дипак Чопра која вели:
„Доколку вашето дете е слабо по математика, а добро му оди тенис, повеќето луѓе ќе ви препорачаат да ангажирате учител по математика, но јас би ви препорачал да ангажирате учител по тенис…“
Со тоа би сакала да ве охрабрам да ги гледате, следите, стимулирате и охрабрувате неговите јаки страни. Како што кажавте, тоа е дете кое се дружи, отворено е кон светот, тренира ракомет и ги бара своите јаки страни. Верувам дека вие сте горд родител што докажува дека и покрај тоа што постојат дури и биолошки препреки, посветеноста и упорноста носат резултати и се надминуваат сопствените рекорди. Вашето дете е описменето, чита и пишува. Обидете се да го нормализирате тоа – дека одредени академски вештини му одат и ќе му одат тешко и тоа е сосема во ред. Не заборавајте дека мозокот има секогаш и јаки страни и компензаторни стратегии со кои го обезбедува нашиот опстанок. Не престанувајте да се гордеете на неговата убава личност и ВЕРУВАЈТЕ, МНОГУ ВЕРУВАЈТЕ во него.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912