Социјалните мрежи се сцена каде што децата се искажуваат и истакнуваат делови од себе кои би биле доволно прифатливи за другите. И тоа е сосема во ред, но многу е значајно како децата ќе влезат и како ќе се истакнуваат таму, во тој мрежен социјален свет каде што сè е отворено и достапно

Самоактуализацијата претставува остварување на внатрешниот човеков потенцијал, што значи остварување на личните цели. Целите ја вклучуваат потрага по знаење, изразувањето на креативноста, истакнувањето пред други.

Самоактуализацијата е претставена како прва на врвот од пирамидата на потреби, поставена од страна на Абрахам Маслов. Таа е една од потребите што доаѓаат на ред откако ќе се задоволат сите други потреби, како што се: основните физиолошки (биолошки) потреби, потребата за сигурност, припадност и љубов, потребата за самопочитување и на крај е самоактуализацијата или уште ја нарекуваме и потреба за себеостварување.

Потребата за самоактуализација се остварува преку остварување на личните капацитети и потенцијали. Според Маслов, општеството е основен пример за тоа дека голем број луѓе не можат и не се свесни за своите можности и тој развој не може непречено да се оствари поради неспознавање на сопствените можности и капацитети.

Во време кога интернетот и социјалните мрежи се едни од најактуелните основи или потреби во живеењето, можноста за себеостварување се гледа и во тоа поле. Повеќе од јасно е дека децата не можат да бидат изоставени од овие мрежи. Баш напротив, за да бидат прифатени самите деца и со цел да се задоволи потребата на припадност, како и голем дел од популацијата, и децата стануваат дел од нив. Самите социјални мрежи претставуваат една сцена каде што децата се искажуваат и истакнуваат делови од себе кои би биле доволно прифатливи за другите. И тоа е сосема во ред, но многу е значајно како децата ќе влезат и како ќе се истакнуваат таму, во тој мрежен социјален свет каде што сè е отворено и достапно. Така, убаво е да се види дете на социјалните мрежи како пее, танцува и се смее. Но сè поизразени се примери кога децата, како и возрасните, го истакнуваат својот физички изглед и преку тоа ја бараат потврдата од другите, односно бараат да бидат самопотврдени. Секоја една манифестација што е доволно поддржана и прифатена од опкружувањето или од целата група прераснува во вредност или ѝ е дозволено да прогресира.

Ова оди во прилог на нереалната себепроцена која се создава со јутјуб-каналите, каде што сликата за себе се мери единствено според тоа колку имате следбеници или претплатници. Ние не можеме да ги оттргнеме децата од она што е актуелно, но можеме да им дадеме слика каква реакција би имало тоа во реалноста. Бидејќи колку и да ги разграничиме тие два света, реалниот наспроти светот на интернетот, тие се кохерентни и самосвеста може да се развие ако се искусува во реалниот свет, па потоа се прикажува на интернет.

Никола Дукоски, психолог

Затоа, како родители важно е да бидете внимателни што поттикнувате и на кој начин го правите тоа. Повеќето истражувања покажуваат дека мотивот за самоактуализација е поизразен кај деца што биле казнувани. Исто така, во семејства каде што е истакнуван успехот како вредност или е поттикнуван, кај детето се развива склоност за постигнување и истакнување на начин кој неретко е недозволен и неавтентичен.

Постојат голем број истражувачи што се занимаваат со проучување на мотивот на самоактуализација и самопотврдување. Тие откриле дека децата што се поттикнувани да остварат успех, го пренесуваат тоа во училиштата, односно во мотивот за остварување на што е можно повисок училиштен успех, како и во преземањето ризици во текот на животот. Затоа, прашувајте го детето што сака да оствари, бидејќи голем дел од вредностите и интересите што се појавуваат во раната возраст се провлекуваат во текот на целиот живот.

Ако детето сака да биде видено, уважете го тоа.

Ако детето искаже желба да пее и да биде слушнато, качете го на столче и повикајте го остатокот од семејството, па дури и поширок круг на фамилијата или некој од соседството ако сметате дека тоа е сигурна средина да се истакне и покаже. Со тоа ќе може директно да искуси како е да се биде изложен и да покаже некој свој квалитет. Она што е најбитно – детето ќе ја види или прочита реакцијата на дел од присутните, со тоа преку социјалната и емоционалната интелегенција ќе направи процена што и каде соодветствува.
Слободно експериментирајте и со друга вештина, не мора тоа да е пеење, најбитно е тука детето да има слика за реалниот свет и тоа да го граничи со она на социјалните мрежи, како и ризиците кои иако не се гледаат, постојат. Со тоа самоактуализацијата би била проверена и самопроверена.

Автор: Никола Дукоски, психолог, психотерапевт во едукација



912

X